Лидерите на НАТО се обврзаа на 5 отсто од БДП за одбраната, потврдија „железна посветеност“ на Членот 5

Во декларацијата се вели дека членките ќе поднесат „годишни планови“ што докажуваат „кредибилен, постепен пат за постигнување на оваа цел“ до 2035 година


Лидерите на НАТО се обврзаа да инвестираат 5% од БДП во одбраната до 2035 година и да продолжат со поддршката на Украина, произлегува од финалниот текст на декларацијата усвоена на самитот во Хаг денес. 

Во декларацијата се вели дека членовите ќе поднесат „годишни планови“ што докажуваат „кредибилен, постепен пат за постигнување на оваа цел“, со посеопфатен преглед на напредокот постигнат во 2029 година.

Декларацијата од пет точки, исто така, вклучува линија во која се потврдува „железна посветеност на колективната одбрана на 32-те земји, како што е загарантирано во Член 5 од Вашингтонскиот договор – дека нападот врз една е напад врз сите“.

Документот вклучува дел исто така во која се ветува понатамошна поддршка за Украина и се забележува дека нејзината „безбедност придонесува за нашата“, но не се осудува директно  Русија. Сепак, стои дека оценка за  „долгорочна закана што ја претставува Русија за евроатлантската безбедност“.

Претходно, германскиот канцелар Фридрих Мерц откри дека „коалицијата на земјите подготвени поблиску да се вклучат во поддршката на Украина“ во наредните денови ќе одржи видео повик за да ги координира своите активности. Тој вели дека Трамп „многу јасно ја искажал својата посветеност кон Член 5 од НАТО“ и потврди дека се сретнал со американскиот претседател на маргините на самитот, вклучително и за да лобира кај него да воведе понатамошни санкции врз Русија.

„Нема причина да се грижите за иднината на НАТО“, оцени тој.

Постојано прашуван за Путин, генералниот секретар на НАТО Марк Руте го искажува својот став за рускиот претседател прилично јасно: „Не ги променив моите ставови за Владимир Путин. Не му верувам на човекот.И секако, имав многу лични контакти со него, кога имавме ужасна ситуација со… летот MH 17 на малезиската авиокомпанија, кој беше соборен од воздух од Русија во јули 2014 година. Путин ми кажа дека не бил присутен во Донбас, дека не прави ништо во Украина, и ова, она.. се ова беа лаги.“

На прашањето што мисли Путин за овој самит, тој вели:

„Погледнете што постигна Путин. Тој сакаше да го подели Западот, а сега Финска и Шведска се приклучија на НАТО. Тој сакаше да го подели Западот, а сега ние се обврзавме на целна потрошувачка од 5%. Значи, тој не може да биде многу среќен, а не треба да биде многу среќен. Да не бидеме наивни во врска со Русија. Тие водат оваа тотално неиспровоцирана војна против Украина, но во исто време ги градат и ги реконституираат своите вооружени сили со такво темпо што би можеле да бидат подготвени за три, пет или седум години да го нападнат НАТО“, рече Руте.

Околу коментарите на Трамп за Член 5, тој вели: „Член 5 е апсолутно јасен. Во исто време, ние секогаш сме велеле дека никогаш нема да навлегуваме во детали кога точно ќе се активира Член 5. А, зошто не? Бидејќи не сакаме да ги направиме нашите противници помудри“.

Прашан повторно за Трамп Руте рече дека го знае речиси 10 години, дека е добар пријател и дека му верува.

„Тој беше целосно во право дека Европа и Канада во основа не му обезбедуваат на НАТО она што ние треба да го обезбедиме и дека САД трошат многу повеќе за одбрана отколку Европејците и Канаѓаните. Сега го корегираме тоа“.

Тој, исто така, уште еднаш, ги пофали нападите на Трамп во Иран.

„Мислам дека тој е човек од сила, но и човек на мир. Видовте дека во основа сега со Иран, човекот од сила може да им командува на своите бомбардери Б-2 да одат во Иран и да го уништат нуклеарниот капацитет, но исто така човекот на мирот веднаш продолжува со осигурувањето дека Израел и Иран ќе се обврзат на прекин на огнот. И мислам дека токму ова сакате да го направи американскиот претседател, да обезбеди таков вид лидерство, и затоа го сметам за многу предвидлив.“

Еве ги заклучоците од самитот во целост:

ДЕКЛАРАЦИЈА ОД ХАШКИОТ САМИТ

1. Ние, шефовите на држави и влади на Северноатлантската алијанса, се собравме во Хаг за да ја потврдиме нашата посветеност кон НАТО, најсилната Алијанса во историјата, и на трансатлантската врска. Ја потврдуваме нашата непоколеблива посветеност кон колективната одбрана како што е загарантирано во Член 5 од Вашингтонскиот договор – дека нападот врз еден е напад врз сите. Остануваме обединети и непоколебливи во нашата решеност да ги заштитиме нашите една милијарда граѓани, да ја браниме Алијансата и да ја заштитиме нашата слобода и демократија.

2. Обединети пред длабоките безбедносни закани и предизвици, особено долгорочната закана што ја претставува Русија за евроатлантската безбедност и постојаната закана од тероризам, сојузниците се обврзуваат да инвестираат 5% од БДП годишно за основни одбранбени потреби, како и за трошоци поврзани со одбраната и безбедноста до 2035 година, за да ги обезбедат нашите индивидуални и колективни обврски, во согласност со Член 3 од Вашингтонскиот договор. Нашите инвестиции ќе обезбедат сили, капацитети, ресурси, инфраструктура, подготвеност за војување и отпорност за одвраќање и одбрана во согласност со нашите три основни задачи: одвраќање и одбрана, спречување и управување со кризи и соработка во безбедноста.

3. Сојузниците се согласуваат дека оваа обврска од 5% ќе опфаќа две основни категории на инвестиции во одбраната. Сојузниците ќе издвојуваат најмалку 3,5% од БДП годишно, врз основа на договорената дефиниција за расходите за одбрана на НАТО, до 2035 година, за да ги исполнат целите за способност на НАТО. Сојузниците се согласуваат да поднесуваат годишни планови што покажуваат кредибилен, постепен пат за постигнување на оваа цел. Сојузниците ќе издвојуваат до 1,5% од БДП годишно, меѓу другото, за да ја заштитат нашата критична инфраструктура, да ги одбранат нашите мрежи, да ја обезбедат нашата граѓанска подготвеност и отпорност, да ослободат иновации и да ја зајакнат нашата индустриска база во одбраната. Траекторијата и рамнотежата на трошењето според овој план ќе бидат разгледани во 2029 година, во светлината на стратешкото опкружување и ажурираните цели за способност. Сојузниците ги потврдуваат своите трајни суверени обврски за поддршка на Украина, чија безбедност придонесува за нашата, и, за таа цел, ќе вклучат директни придонеси кон одбраната на Украина и нејзината одбранбена индустрија при пресметувањето на трошоците за одбрана на сојузниците.

4. Ја потврдуваме нашата заедничка посветеност за брзо проширување на трансатлантската индустриска соработка во одбраната и искористување на новата технологија и духот на иновациите за унапредување на нашата колективна безбедност. Ќе работиме на елиминирање на трговските бариери во одбраната меѓу сојузниците и ќе ги искористиме нашите партнерства за промовирање на индустриската соработка во одбраната.

5. Изразуваме благодарност за великодушното гостопримство што ни го пружи Кралството Холандија. Со нетрпение го очекуваме нашиот следен состанок во Турција во 2026 година, по што ќе следи состанок во Албанија, стои во декларацијата.