Лицемерието на битолските политичари

Дали одлуката на битолскиот Совет да им додели парична помош на семејствата на „неправедно осудените“ за 27 април ќе биде лакмус и таа „иницијатива“ ќе се преслика и во други општина во државата?


Како изгледа состојбата на политичката арена во Битола: Тимот на ВМРО-ДПМНЕ е во офанзива, играчите на независните од „Поинаку“ во дефанзива, сеирџиите на СДСМ се надвор од теренот, натпреварот го следат од трибините и изненадуваат на паузите, ДУИ ги распослала транспарентите и лево и десно од стадионот. Левица, час е во одбрана, час во напад, а што е најважно топката е во нозете на ДОМ и единствениот играч од тимот на Маја Морачанин во Битола. Вака некако со спортски речник, помалку или повеќе ироничен, стојат работите на теренот во Советот на Општина Битола, или ако сакате на политичката сцена, во последниот период, откако претседателката на Советот, Габриела Илиевска, ја напушти неговата последна седница и се обиде да предизвика криза и правен вакуум во функционирањето на Општина Битола. Илиевска не дава оставка, а ВМРО-ДПМНЕ избра нов претседавач и ги истера работите до крај.

Последната слика од битолскиот Совет е само одраз на состојбите во кои е западната Битола во политичка смисла на зборот. Независните советници од граѓанската иницијатива „Поинаку“, после година и пол од мандатот ја расипаа „калимерата“ со ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Тони Коњановски. Иако, независната советничка Илиевска ја доби големата шанса да седне во првата фотелја на Советот, кратко се понадева дека и од позиција на власт и коалиција со ВМРО-ДПМНЕ ќе може да се однесува како опозиција.

Почнувајќи од февруари годинава, независните од „Поинаку“ почнаа да го критикуваат работењето на Коњановски, да обвинуваат дека сите нивни проекти ветени пред битолчани се закочени, па си снимаат видео материјали и настапуваат пред граѓаните како да не се власт.

ВМРО-ДПМНЕ веќе е во потрага по ново мнозинство. Покрај поддршката од двајцата советници од Левица за обезбедување на мнозинство на партијата ѝ недостига уште еден играч. Па, за момент, поткрепата ја најде во советничката на ДУИ, ама и неа ја повлекоа нејзините среде гласање, за најпосле мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ да го најде „спасот“ кај советничката на ДОМ. Така здружени, ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ДОМ, обезбедија кворум да биде изгласана иницијативата Општина Битола да им додели по 10 илјади денари на семејствата на „неправедно осудените“ од 27 април 2017 година.

„Праведно или неправедно осудени кажува судот, на оваа точка не ѝ е местото овде во Советот на Битола“, рече Анастасија Трајковска, советничка од ДОМ, и остана во салата за време на гласањето, да „кворуми“. Советничката на ДОМ со самото присуство го аминуваше прогласувањето како „жртви“ осудените за страшните слики од упадот во Собранието во крвавиот четврток.

Што ја мотивираше сопартијката на Морачанин да ја пренабрегне ситуација и да замиже пред фактот дека на 27 април 2017 година во македонскиот парламент не беа поштедени ни претставниците на ДОМ, може само да се претпоставува. Битолскиот Совет го повлече потегот, па прашање е дали како лакмус ситуацијата од Битола ќе се преслика и во други општина во државата, па и тие ќе донираат за „неправедно осудените“. 

Во оваа политичка битка легитимно е тимот на ВМРО-ДПМНЕ да ги користи сите механизми за да обезбеди кворум од 16 советници и да ги помине точките на дневен ред за да не се кочи работата на градоначалникот Коњановски и општинската администрација. И тука нема дилема. Но, дилемата кај јавноста е како може советниците на Левица жестоко да критикуваат дека иницијативата да им се помогне на семејствата на „неправедно осудените“ е лицемерна и пак да гласаат за неа.

„Оваа точка е најлицемерната точка во историјата на Советот. Смешно и жално е да им дадеме по 10 илјади денари по семејство. Класичен поткуп. Ние ќе гласаме ‘за’, оти веруваме дека вистински им треба помош на тие семејства“, рече советникот на Левица, Гаврил Трајковски.

Политичарите не купуваат само гласачи, туку и време. На картата „време“ сега игра и претседателката на Советот Илиевска, па наместо да се соочи со јавноста  и медиумите таа се реши писмено да соопшти дека нема да учествува на „незаконити седници, ни сега, ни во иднина“.

Додека јавноста и нејзините поддржувачи очекуваат оставка од Илиевска од претседателското место во Советот, за што јавно ѝ порачуваат и на социјалните мрежи, таа покажува дека не игра на картата на политички кредибилитет и интегритет. Наместо тоа Илиевска ја продолжува својата игра барајќи „вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за локална самоуправа за последните случувања во Советот на Општина Битола“.

Што очекува Илиевска – да биде во „право“ па да замине со крената глава, или да се врати во прегратките на ВМРО-ДПМНЕ и да го продолжи „бракот“? ВМРО-ДПМНЕ веќе игра на картата на маргинализирање на независните и засега тоа ѝ успева.

Оваа ситуација на прекројување на политичката сцена во Битола за дел од политичката јавност во градот и не е така случајна. Учесниците во овој процес побрзо ќе се престројат лево или десно, околу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, отколку да изгласаат растурање на Советот и нови избори.

ВМРО-ДПМНЕ со веќе избран градоначалник и локална власт очекува да победи во евентуалните нови избори за Советот, но повторно нема да добијат 16 советници доволни за стабилно мнозинство.

СДСМ, исто така, ја избегнува темата предвремени локални избори, знаејќи какво е расположението на битолчани и стравот дека сликата од Битола ќе се рефлектира врз расположението на гласачите врз целата државата, особено пред претстојните парламентарни избори.

Сега е прашање дали независните од „Поинаку“ ќе најдат лек за нивниот рејтинг пред битолчани и дали воопшто ќе го поминат потребниот цензус за влез во Советот.

Како стојат работите најголемиот ќар од целата ситуација ќе го извлече Левица. На контото на Левица ќе се вбројат сите разочарани гласачи од граѓанскиот центар и разочараните од „поинаквите“. Горе-долу, тоа се неколку илјади гласови плус за Левица. Меѓутоа, според досегашното однесување на Левица во Советот, по ништо нема да се разликуваат од сите досегашни „трети опции“. Левица на локално ниво ја поддржува власта и кога ја плука, а за возврат нејзини членови се дел од надзорни одбори и уживаат во придобивките.

Можеби тука лежи и првиот зајак зошто советниците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да не се здружат и да не изгласаат смена на Илиевска и нови избори за советници во Битола.

А, вториот зајак е во стравот дека најголем дел од сегашните советници , без оглед на политичката припадност, нема да се најдат на советничките листи, или не на добитнички позиции. Оти знаат дека најголем дел од нив ништо не сработиле, не кажале ни еден збор, не споделиле ни еден свој став или дискусија, само седат во советничките клупи и креваат два прста „за“ или „против“, важно на крајот од месецот да им се наполни малку ќесето.

Токму затоа и едните и другите и третите… и петтите,  чарето го бараат во времени решенија со цел одржување во живот на актуелниот состав на Советот. Па, се прават и ќе се прават и натаму комбинаторики како кому одговора за да се постигне целта на овие или оние.

На крај, за битолчани впечатокот од оваа „утакмица“ ќе биде пресуден дали ќе купат билет за следните парламентари избори догодина или ќе го следат натпреварот од дома.