Лекции од образованието во време на пандемијата


 

РУМЕНА БУЖАРОВСКА

Придобивките на онлајн учењето се повеќекратни и се надевам засекогаш ќе го сменат начинот на кој функционираше образовниот процес. Тоа не значи дека нема потреба од физичка настава, се разбира

 

Додека чекаме Бирото за развој на образование да оформи стратегија кога веќе ќе биде доцна, додека чекаме Министерството за образование конечно да сфати дека пандемијата почна во март и ќе трае најмалку една година, јавностa за првпат почна посериозно да се занимава со еден децениски, горлив и традиционално буткан под тепих проблем – образованието. За ова мислам дека беше редно време, и на извесен начин сум благодарна што барем нешто го изнесе овој навистина разорен проблем на површина.

Да се разбереме, тоа што Министерството за образование со месеци не изнајде ниедно решение за тоа како ќе се одвива наставата, туку неподготвени ги фрли наставниците и професорите, учениците и студентите – и секако, родителите – во вода и им рече да пливаат или да се удават, не е нов проблем. Образованието во нашата држава отсекогаш било занемарлив сектор злоупотребуван за партиски игри. Иако образовниот процес во голема мера ги формира не само нашите животи, како и нашата емоционална и интелектуална подготвеност да функционираме и да придонесуваме кон развојот на едно општество, тоа секогаш било ставано на последно место. Образованието, така, наместо да биде место каде што ќе се развиваат здрави и критички настроени личности, кај нас е мрачен хаотичен облак кој создава покорни, огорчени слуги што толерираат и генерираат неправда и што едвај чекаат да фатат некоја итарпејовска кривина.

Веќе кога сум кај децениското деградирање на нашиот образовен систем, со години се прашувам зошто родителите –  кои се најсвесни за гротескниот неквалитет на учебниците и анахрониот избор на лектири што кај учениците само создава отпор, претворајќи ги во бубалици на дефиниции и препишувачи на туѓи домашни – значи, зошто родителите не реагираат на содржините што ги уништуваат нивните деца? Зошто не реагираат кога во училиштата се појавува силеџиство, и од врсниците, и од самите наставници, и/или директори? Се надевам традицијата на молчење во македонското општество ќе престане штом се отвори дебатата за образованието во време на пандемијата, и искрено се надевам на поангажирано учество на родителите кои во текот на кризата им пишуваа домашни на своите деца за кои добиваа двојки и тројки од мрзливи и нестручни наставници.

Па еве, додека чекаме ништо да не се случи во однос на образованието, или пак да се случи нешто нефункционално и аматерско, како што и очекуваме, ќе ја искористам приликата како просветен работник да укажам на некои позитивни работи што произлегоа од кризата, кои би можеле да ги земеме предвид некогаш ако која било влада почне да поставува компетентни лица во образовниот сектор.

 

ДОСТА БЕШЕ БУБАЊЕ    Живееме во ера на технолошка револуција со постојан пристап до интернет, па следствено, секоја информација ни е на дофат. Навистина, веќе нема потреба од учење на памет бројки и дефиниции, на што се засноваше нашето образование. Денешните даскали треба да бидат подготвени да ги насочат учениците и студентите паметно да наоѓаат информации, и сами да истражуваат и селектираат, а потоа истите информации да ги синтетизираат во критичка целина. Уште во моите средношколски и студентски денови бубањето немаше ама апсолутно никаква смисла освен што нѐ претвораше во послушни папагали. Сега, ако воопшто може така да се каже, има уште помалку смисла. Време е образовниот процес да се насочи кон осовременување на алатките што се користат во учењето, што секако подразбира непречен пристап до интернет, компјутери и различни софтвери што го стимулираат и потпомагаат учењето во согласност со навиките и развојот на новите генерации пораснати со таблети и смартфони.

 

ДОСТА СО АВТОРИТЕТОТ НА ПРОФЕСОРОТ   Достапноста на информации и онлајн учењето исто така покажаа дека професорот не бил и така потребен како што сме мислеле. Во денешно време кога на интернет има извори со стотици предавања од многу постручни наставници и професори од тие што предаваат во нашите образовни институции, неприкосновеното знаење и авторитетот на нашиот професор стануваат и малку смешни. Време е да го прифатиме очигледното – наставниците и професорите не се центарот на образовниот процес. Тие се тука за учениците и студентите, за конструктивно да ги поттурнат во правецот на знаењето и љубопитноста, соработката и солидарноста. Конечно, време е во образовниот процес во центарот да се стават учениците и студентите, а не наставниците и професорите како што досега било.

 

ДОСТА БЕШЕ ГНАСНИ ТОАЛЕТИ И УЧИЛНИЦИ   На Филолошкиот и Филозофскиот факултет професорите и студентите сѐ уште имаат одделни тоалети. Се разбира, во професорските секогаш има тоалетна хартија и сапун (добро, не секогаш…), а во студентските немало ни едното ни другото, а често ни врати на кабините. Да бидеш студентка со менструација на факултет, да немаш каде да оствариш најосновна човечка хигиенска потреба за мене од секогаш било кошмарно. Постоеше и еден мит – и на факултет, и во средно, и воосновно – дека учениците и студентите ја краделе тоалетната хартија и ги кршеле диспензерите за сапун, па ете, затоа немало. Не, туку кога ќе ставиш еден сапун и една тоалетна хартија на 100 студенти што седат од утро до мрак во една студена, гнасна, валкана зграда, нормално дека ќе се истрошат за 20 минути. И покрај овие ужасни услови – како и понижувачките услови во студентските домови – од студентите се очекува да го поминуваат секој ден во тие згради. Но ете, пандемијата покажа дека многу било лесно да се создадат барем минимални хигиенски услови, но за тоа едноставно досега немало интерес и волја, повторно затоа што ученикот никогаш не бил во центарот на образовниот процес.

 

ДОСТА БЕШЕ ПОТПИСИ, ИНДЕКСИ И ПРИЈАВИ   Пандемијата исто така покажа физичкото присуство, барем на универзитетите, и не е така клучно (се разбира, тоа зависи и од специфичноста на предметите што се изучуваат). Тогаш зошто, во условите во кои студираат и живеат нашите студенти, со честата нестручност и немарност на професорите, тие мораат да присуствуваат на настава и да бидат казнети со неземање потпис доколку не доаѓале редовно? И тоа потпис во црвената книшка, индексот, кој може лесно да се изгуби, наместо да се стави сѐ во електронска форма? Зошто сѐ уште пополнуваме пријави и се потиме и стискаме на Студентски прашања кога нема потреба од сите тие хартии – еве, покажа пандемијата? Повторно, затоа што нашиот образовен процес сака бирократија и смета дека професорот е неприкосновен владетел чии златни зборови мора постојано да се голтаат, инаку – студентот ќе биде казнет. Пандемијата повторно покажа дека од ова навистина нема потреба. Што побргу универзитетите создадат платформи што ги обединуваат аспектите на онлајн и физичкото учење, стимулирајќи ги студентите на одговорност, љубопитност и критичко размислување, толку подобро за сите нас.

Да, придобивките на онлајн учењето се повеќекратни – тука спомнав само неколку –  и се надевам засекогаш ќе го сменат начинот на кој функционираше образовниот процес. Тоа не значи дека нема потреба од физичка настава, се разбира. Ниту пак сметам дека училиштата задолжително треба да останат затворени во време на корона кризата, посебно што се однесува до помалите одделенија. Но се радувам дека луѓето конечно почнаа да дебатираат на темиве и се надевам дека тоа ќе придонесе кон суштествени промени во начинот на кој го воспитуваме и создаваме нашето општество.

(Румена Бужаровска е писателка)