Курц: ЕУ да прекине со наметнување правила
Австрискиот канцелар Себастијан Курц, две недели пред изборите за Европскиот парламент, предизвика многу реакции со најавата дека сака да поништи околу илјада правила на ЕУ.
Курц во интервју за виенски весник рече дека е доста од „лудилото на регулацијата на ЕУ“, и оти е доста со „наметнувањето правила“ од Брисел.
Тој истакна дека целта му е да избрише илјада правила на ЕУ, како што е непотребното правило за „шницлите“ или помфритот, со кое Брисел одредува како треба да изгледаат овие намирници.
– Никому не му е потребно Брисел да пропишува како се подготвува шницла, нагласи Курц, додавајќи дека ЕУ треба да се занимава со одговори на големи предизвици како што е заштитата на надворешната граница, безбедноста, или климатските промени.
Тој исто така изрази уверување дека кандидатот на Европската народна партија Манфред Вебер ќе успее да ја оствари целта – намалување на бирократијата во Брисел.
Курц нагласи дека е неопходно, ако некој сака да ја добие поддршката од граѓаните на ЕУ, да го запре бирократското наметнување од Брисел.
Неговото барање наиде на жестоки критики од страна на опозицијата, која заклучи дека канцеларот е „против ЕУ“.