Кратковидоста на Борисов направи тој да се почувствува моќно


ЦВЕТАН ЦВЕТАНОВ

Поранешниот бугарски вицепремиер од првите четири години на владеењето на Бојко Борисов, сега лидер на партијата Републиканците за Бугарија, пишува дека блокирањето на Македонија не е само што е лошо темпирано, туку е и опасно. И дека Борисов работи спротивно на неговите претходни позиции

 

Тоа беше вежба за политичка експедитивност и популизам. Во ноември, владата на ГЕРБ на бугарскиот премиер Бојко Борисов го искористи својот статус на земја-членка на Европската унија за да стави вето на соседната Република Северна Македонија во обидот да се приклучи на блокот, што помага во консолидирање на владеењето на правото, подобрување на управувањето и, што е најважно, ги носи западните вредности во земјите кои бараат пристапување. Кратковидоста на Бојко Борисов направи тој да се почувствува моќно и да ја зголеми својата привлечност кај екстремните десничари и антизападните гласачи. Но, блокирањето на шансите на Република Северна Македонија за влез во ЕУ се заканува да ги уништи односите меѓу двете пријателски нации, може да предизвика поширока регионална нестабилност и, всушност, ги прави и Република Северна Македонија и Бугарија послаби.

Ветото на Борисов беше засновано на искористувањето на историските разлики, бидејќи неговата влада инсистира Брисел да не го признава македонскиот како официјален јазик на ЕУ. Се случуваше 132-ти ден на масовни демонстрации против корупцијата во време кога бугарската влада се обидуваше да ја зајакне својата домашна поддршка, па така Северна Македонија се виде како ефикасна алатка за постигнување на тоа. Според владата на Борисов, Скопје мора веднаш да прифати дека Република Северна Македонија, нејзиниот јазик и нејзината култура се бугарски дериват. Точка.

Причините за едностраното вето на Борисов не се само лошо темпирани и опасни, туку тие се косат и со неговите претходно изнесени позиции. Во 2017 година, Борисов го потпиша со својот северномакедонски колега историскиот Договор за пријателство, кој ветуваше поблиски билатерални односи и, клучно, предвидува дека Бугарија ќе го поддржи пристапувањето на Република Северна Македонија во ЕУ. Сега, Борисов ризикува да ја изолира Бугарија меѓу земјите-членки на ЕУ, од кои мнозинството, вклучувајќи ја и Германија, сакаат да го наградат Скопје за неговите реформи и неодамнешниот компромис со Грција преку Договорот од Преспа. Но, со оглед на кризата со корона вирусот и економските последици, сегашното расположение за проширување во ЕУ може да опадне, што може да доведе до политичка нестабилност во соседните држави на Бугарија на Западен Балкан.

За да се реши овој заеднички деструктивен ќор-сокак, двете влади треба да почнат јасен процес за спроведување на Договорот за пријателство. Со воспоставување на ваква рамка, секоја страна може да ја повика другата на одговорност додека работат кон целите што двете се согласија да ги остварат пред речиси четири години. На пример, Бугарите би имале форум за решавање на какви било отворени историски поплаки, додека Македонците ќе можат да соработуваат со Бугарите во врска со недостатокот на стратегија на земјата за работа со соседите во паневропски контекст. Следејќи го овој пат, Борисов би се ангажирал повторно како лидер со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, чијашто влада покажа огромна добра волја во решавањето на долгогодишните проблеми меѓу земјите.

На многу начини, стабилноста на Западен Балкан – или недостаток од тоа – зависи од тоа дали Борисов ќе избере или не да се ангажира околу Република Северна Македонија и да ги промовира нејзините амбиции кон ЕУ. Додека Бугарија ги ужива придобивките што им се даваат на државите на ЕУ, две од петте земји што граничат со неа се заглавени во преговорите за пристапување. По дефиниција, од земјите кои се борат за членство во ЕУ се бараа поголема домашна стабилност, попријателски односи со другите членки на ЕУ и поголеми шанси за странски директни инвестиции. Гледајќи го соседството на Бугарија, јасно е дека сите земји во регионот ќе има корист ако повеќе од нив влезат во ЕУ. Ова особено важи за билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Бугарија.

Доколку Република Северна Македонија се приклучи на ЕУ, веројатно ќе има и опипливи придобивки за Бугарија. Според најновите податоци на Светска банка, Република Северна Македонија е само 17-ти по големина извозен пазар на Бугарија. Не е тешко да се види како приемот на земјата во ЕУ ќе доведе до зголемен просперитет на Бугарија. Потребните реформи на пазарот и управувањето во Република Северна Македонија ќе ја направат земјата подостапна за странските инвеститори – вклучително и за Бугарите; Република Северна Македонија би имала неограничен пристап до пазарот на ЕУ и обратно; таа ќе ги исполнува условите за финансирање од ЕУ што може да биде клучно за подобрување на домашната и регионалната инфраструктура. Резултатот од овие неизбежности би била побогата Република Северна Македонија, која потоа би можела да консумира повеќе бугарски добра.

Почнувањето на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ исто така се смета за клуч што може да ја отклучи понатамошната интеграција на регионот во Унијата. Другите балкански земји се во различни фази во пристапувањето до Унијата. Потенцијалното, пак, вклучување на Република Северна Македонија во ЕУ, и пристапувањето на другите земји во блокот ќе ѝ ги обезбеди на Бугарија истите опипливи економски придобивки. 

Решавањето на овие прашања, сигурно, ќе потрае. Во регион разновиден како Балканот има историски спорови, а Република Северна Македонија и Бугарија имаат многу во својата историја со што можат да бидат горди. Живеењето во минатото е избор – таков  што не носи корист на никој, освен на оние кои се премногу горди да гледаат во иднината.

(Цветан Цветанов е претседател на новата партија Републиканци за Бугарија и претседател на Евроатлантскиот центар за безбедност  во Софија, претходно заменик-премиер и министер за внатрешни работи во владата на Бојко Борисов во периодот 2009-2013 година. Оваа колумна е објавена во американската медиумска мрежа „Diplomatic courier“)