Ковачевски: РЕК Битола е столбот на македонската економија, работните места се и понатаму сигурни

Нашата цел е да обезбедиме оджлива иднина на РЕК Битола. Имаме план, а кога во енергетиката се зборува за план тоа значи да се има план за наредните десет години и прецизен план со месечни динамики за пет години, рече Ковачевски


Премиерот Димитар Ковачевски по повод 40 години на РЕК Битола истакна денеска дека овој рударско – енергетски комбинат е столб на македонската економија и капацитет од кој зависеше осамостојувањето на државата. Тој ја посети машинската сала на термоелектраната на РЕК Битола, по што се обрати на свеченоста по повод јубилејот.

„И денес во услови на најголемата светска енергетска криза, РЕК Битола е доминантен производител на електрична енергија во земјава. Во моментов, со наша заедничка заложба, АД ЕСМ, а во најголем дел РЕК Битола, успешно и континуирано обезбедува 100% од потребната електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи во државата во кои се вработени најголемиот дел од нашите работници“, рече Ковачевски.

Тој посочи дека за да може да ги обезбеди потребните количини на електрична енергија, РЕК Битола годинава го зголеми проектираното производство, за 25% во однос на минатата година покажувајќи уште еднаш колку е вредно домашното производство на енергија, но и колку е значајна посветената работа на сите вработени.

„Без нивната експертиза, без нивното знаење, без нивната посветеност и без нивната напорна работа ништо од ова немаше да е можно. И тоа е така веќе 40 години“, рече Ковачевски.

Тој се осврна и на мерките што ги презема Владата за намалување на последиците од енергетската криза брзо  при што рече дека антикризните мерки и електричната енергија која субвенционирано ја добиваат граѓаните и 98 отсто од фирмите, немаше да бидат можни без производството на електрична енергија во РЕК Битола.

„Со новите владини одлуки кои ги објавивме минатата недела, обезбедуваме поевтина струја и тоа, 80 евра по мегават/час за компаниите кои произведуваат основни прехранбени производи, со цел стабилизирање на цените на финалните производи. Веќе беше јавно соопштено од производителите дека со оваа одлука цените би требало да се намалат за најмалку 10%. 95 евра по мегават/час за основните и средни јавни училишта којашто ќе биде висина на цена на електрична енергија која тие ќе можат да ја поднесат и ќе може да се обезбеди непречено одвивање на наставно образовниот процес во државата“, рече премиерот.

Тој додаде дека истата таа цена на електрична енергија се однесува и на водоснабдителните компании со цел да има непречено снабдување со вода, а ЕСМ е компанијата која ќе склучи договори и со здравствените устнови за да имаме непречно извршување на здравствените услуги во државата.

Тој посочи дека Владата силно ги поддржува заложбите за да се намалат трошоците на производството и првичните показатели се, како што рече, импресивни.

„Нашата цел е да обезбедиме оджлива иднина на РЕК Битола. Имаме план, а кога во енергетиката се зборува за план тоа значи да се има план за наредните десет години и прецизен план со месечни динамики за пет години“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека трансформацијата на комбинатот во капацитет за производство на чиста енергија се движи постапно, како и дека сончевите електрани ќе бидат двигатели на енергетската транзиција во Северна Македонија. Во ЕСМ се финализираат и други проекти за изградба на фотонапонски централи во РЕК Битола, со капацитет помеѓу 200 и 300 мегавати.

„Работните места на сите работници сега и во иднина со енергетската трансформација се сигурни“, рече Ковачевски порачувајќи им на вработените вол РЕК, да не ги слушаат оние кои зборуваат дека некој ќе го затворел РЕК Битола, дека работниците ќе останеле без работа.

„Ниту еден работник нема да остане без работа туку напротив РЕК Битола ќе се модернизира, РЕК Битола во иднина треба да работи на еколошки горива, треба да има нови извори на енергија и не да ги вработува само постојните туку и нови струки на инженери кои доаѓаат за обновливи и одржливи извори на енергија“, рече Ковачевски.

Тој исто така се осврна и на инвестициите во енергетиката при што меѓу другото рече дека преку концептот на Стратешки инвестиции, се разговара и се преговара за над еден гигават, во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи и тоа со реномирани големи европски компании.

„Се реализираат сериозни енергетски инвестициски проекти во целата држава, развиваме државни проекти за изградба на фотонапонски, ветерни и хидроелектрани во државна сопственост со цел зајакнување на позицијата на државното електростопанство“, рече Ковачевски при што ги посочи фотонапонската електрана од десет мегавати во сопственост на ЕСМ на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“, фотонапонските централи по пат на Јавно приватно партнерство со ЕСМ во Осломеј, со инсталиран капацитет од 100 мегавати коишто треба да започнат со проектирање и изградба, уште една десет мегаватна соларна централа во Осломеј од страна исто така на ЕСМ, потоа, ветерниот парк „Вирови“, од страна на германската компанија „Ви-Пи-Ди“, најголемата фотонапонска централа во овој дел од Европа, „СТИПИОН“ со капацитет од околу 400 мегавати, од реномираната француска компанија „Акио“, новата 17 МW соларна централа, инвестиција на компанијата од Словенија „Ген-И“, проектот на една од најголемите грчки компании Митилинеос за изградба на когенеративна електрана за производство на топлина и електрична енергија во Скопје со инсталиран капацитет од 150 мегавати и тн.

„И на крај, за најзначајниот проект „Чебрен“, историски проект којшто за прв пат има понуда од изведувач, односно од инвеститор после 13 неуспешни тендери. Доколку се биде според она што е пропишано во документацијата и барањата конечно ќе имаме инвеститор кој ќе може да ја започне изградбата на овој огромен проект“, рече Ковачевски, кој додаде дека на почетокот на 2023 година се очекува почеток на изградбата и на гасниот интерконектор со Грција.

„Стабилен електроенергетски систем е приоритетна цел и пресудна за да имаме сигурност во снабдувањето со електрична енергија и нови инвестиции и во иднина“, посочи премиерот Ковачевски.