Коронизацијата на сексуалноста и иднината на општеството


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Пандемијата на многу начини влијае како врз сексуалните потреби така и врз практиките за нивно задоволување. Тоа понатаму се одразува врз брачните, семејните и домаќинските односи и групи

 

Во годината што измина се прашувавме и размислувавме за бројни аспекти на пандемијата предизвикана од корона вирусот. Во прв план ни беа здравствените и економските како главни последици. Се поставуваа и образовни, културни, еколошки и, секако, политички прашања. Сите тие прашања влегуваат во видното поле на социологијата, затоа што таа се интересира, го проучува нивното влијание врз општеството во целина. Сепак, за социолошкиот пристап кон пандемијата, како и кон која било друга општествена појава, карактеристично е тоа што промените во сите споменати сфери на општествениот систем – здравствениот, економскиот, културниот, образовниот и политичкиот, ги промислува и анализира како промени во однесувањето на луѓето кон другите луѓе.

Најсилен знак кој ја насочуваше и сѐ уште ја насочува таа промена на односот кон другите е изразот „социјална дистанца“, односно „социјално дистанцирање“.  Токму преку овој дистанциран однос кон другите и тоа кон сите, а не само кон некои конкретни други луѓе, доаѓа до израз најзачајната карактеристика на пандемијата. Тоа е нејзиниот тотален општествен карактер. Тоа значи дека таа ги зафаќа сите институции и го доведува во прашање опстанокот на самото општество.

Таквиот општествено катастрофичен потенцијал на корона вирусот не произлегува, просто од неговите закани по здравјето, во тесна медицинска смисла на зборот, ниту од неговите последици по економијата, образованието, културата и другите сфери од општествената репродукција на човековиот живот. Социолошки, основна клетка на општеството не е ниту единката ниту пак економијата или некоја друга посебна сфера. Општеството е мрежа, систем од различни содружнички односи кои единките ги воспоставуваат со другите. Основна градивна клетка на таа мрежа е парот, односно бракот и врз него заснованото семејство. А парот, во брак или не, е однос меѓу двајца заснован на љубовни и, пред сѐ, сексуални односи помеѓу нив. На тие односи се надоградуваат сите други општествени односи. Од нив најпрво призлегуваат семејствата, а потоа и домаќинствата, родовите, селата, градовите, заедниците и општества.

Но и покрај таквата нејзина фундаментална важност, темата за влијанието или за последиците на пандемијата врз сексуалниот живот и сексуалните односи на луѓето кај нас останува речиси нечепната. Моето пребарување низ нашиот медиумски простор ми покажа дека од избивањето на пандемијата до денес ова прашање е јавно третирано само неколку пати и тоа, главно од уролошка перспектива. Во ова не ги вбројувам повеќето написи за семејното насилство, бидејќи во нив речиси во целост отсуствува тематизација на насилството од аспект на сексуалноста за време на кризата. Недостасуваат сексолошки, психолошки и социолошки размисли и анализи кои би укажале на фактот дека покрај коронизација на здравјето, економијата и политиката се соочуваме и со силна коронизација на љубовните и сексуалните односи. Луѓето не се само сѐ поболни, погладни и поуплашени. Сѐ поголем број луѓе се соочуват со различни сексуални попречености кои не се условени од биолошки, туку од психолошки и социолошки причини.

Пандемијата на многу начини влијае како врз сексуалните потреби така и врз практиките за нивно задоволување. Тоа понатаму се одразува врз брачните, семејните и домаќинските  односи и групи. На пример во повеќе, се констатира значителен пораст на стапките на бракоразводи. Истражувањата на влијанијата на Ковид-19 пандемијата врз љубовните и сексуалните односи во полибералните општества откриваат повеќе важни аспекти на коронизацијата на сексуалноста и нејзините општествени последици. Овде ќе укажеме само на некои од поистакнуваните аспекти. Во студија на двајца италијански психолози (S. Eleuteri и G. Terzitta, 2021), на пример, се укажува дека корона вирусот влијае врз сексуалното здравје и сексуалното функционирање на луѓето и дека тоа има и соодветни последици врз брачните и семејните односи. Врз основа на други студии може да се заклучи дека ваквите  промени имаат не само економски туку и геополитички импликации – на пример, доминација на кинеската индустрија на сексуални играчки.

На почетокот на пандемијата, предвидувањата беа дека затворањето на луѓето во домовите ќе придонесе за зачестување на сексуалните односи, а некои дури предвидуваа и нов беби бум. Веројано логиката била како во старата ЈУ песна, „Ако се сутра зарати… врата закључати, остати куќи и љубит се“. Но покрај паровите во домовите беа затворани и децата поради затворањето на училиштата. Не само обврската да им се помага на децата во онлајн учењето туку и самото нивно постојано присуство ја попречува реализацијата на сексуалните желби на родителите. Италијански и шпански истражувања, на пример, покажуваат пад на сексуалните чинови меѓу брачните сопружници или партнери.

Покрај тоа, затворањето на сите т.н. несуштински сектори, потоа ограничувањето на движењата и карантинот, придонесоа за прекинување или разретчување и на вонбрачните љубовни и сексуални врски. Љубовџиите и љубовџиките од канцелариите и халите се попречени, но и уплашени да се среќаваат и да ги практикуваат востановените форми на „рекреативен секс“. Одржувањето на животот, очигледно, се покажува како посилен мотив од сексуалниот порив.

Но! „Водата е несопирлива, љубовта е непомирлива“ пеат Арнаудов и Петреска. Короната не ја намали човечката потреба за одбегнување на болката и за храна ниту пак не ја намали ни потребата за љубовни и сексуални релации. Социјалната дистанца доведе до пораст на сексот на дистанца. Различни истражувања покажуваат дека коронизација на љубовните и сексуланите односи има за последица пораст на побарувачката на сексуални играчки и онлајн секс, на пример. Тоа не се нови форми на сексуален живот, туку форми чија зачестеност и прифатеност доживува значителен пораст за време на пандемијата.

Имајќи ги предвид назначените и други развојни тенденции на сексуалноста во време на корона, авторите на споменатата италијанска студија даваат соодветни препораки. Според нив, одговорните за јавното здравје при дизајнирањето на мерките против ширењето на заразата, покрај за бројот на заболени и починати лица и економските загуби, треба да водат сметка и за загубените часови интимност и сексуално здравје.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)