Конференција на Јадранско-јонската иницијатива во Скопје: Чекор на регионот кон ЕУ


 

За нашата држава, чија главна стратешка цел е полноправно членство во Европската унија, многу е значајно да биде дел и да учествува активно во процесите на регионалната соработка и да црпи искуства и знаења што ќе ги примени во рамките на евроинтегративниот процес. Како што е наведено и во самата декларација на Јадранско-јонската иницијатива од Анкона, јакнењето на регионалната соработка помага да се промовира политичка и економска стабилност, со што се создава солидна основа и за процесот на европска интеграција, порача денеска претседателот на Собранието, Африм Гаши, во своето воведно обраќање како домаќин на ХХ конференција на претседатели/спикери на Јадранско-јонската иницијатива (ЈЈИ), што се одржува во рамките на претседавањето на нашата држава со оваа Иницијатива. 

Гаши потенцира дека Македонија е посветена на евроинтеграциите и од тоа не отстапува, но додаде дека, за жал, низ тој процес се соочува со низа пречки, кои го прават патот уште потежок и понеизвесен, но тоа не нè обесхрабрува да се откажеме од европските вредности и стандарди.

Тој додаде дека промената на геополитиката ја наметнала потребата да се дефинираат дополнителни приоритети на Иницијативата.

Нагласувајќи дека една од сесиите на денешната конференција е „Промовирањето на мирот и стабилноста преку парламентарната дипломатија“, рече дека парламентарната дипломатија преку разните форми на соработка, независно дали станува збор за билатерални или мултилатерални процеси, може да даде значаен придонес во градењето на стабилноста на меѓународната политика.

Заменик-министерот за надворешни работи, Зоран Димитровски, во своето воведно обраќање до присутните истакна дека како држава ги потврдуваме и принципите утврдени во заедничките изјави од претходните состаноци, кои ја нагласуваат суштинската улога на парламентите во зајакнувањето на регионалната соработка.

Претседавањето на земјата со Иницијативата, додаде Димитровски, доаѓа во исклучително значаен момент – пет години по нашето приклучување кон стратегијата, седум години членство во Иницијативата и 25 години од анконската декларација, која ги постави темелите на нашата соработка. 

Генералниот секретар на Јадранско-јонската иницијатива, амбасадор Џовани Кастеланета, истакна дека оваа конференција е еден од клучните столбови на Иницијативата бидејќи го потенцира значењето на парламентарната димензија.

Кастеланета додаде дека денес сведочиме на фаза во која мултилатерализмот повторно е на тенка линија, меѓутоа токму поради оваа причина регионалната соработка станува поважна од кога било.

„Во овој контекст, особено е важно да се градат мостови меѓу ЕУ и земјите кандидати, меѓу разните политички реалности, меѓу институциите и граѓаните, и да се демонстрира дека преку Јадранско-јонската иницијатива додаваме вредност на сите вакви иницијативи“, рече тој.

Истакна дека Иницијативата има две димензии: прво, да го промовира проширувањето на ЕУ преку интегрирање на Јадранско-јонскиот регион и, второ, да ги јакне дијалогот и соработката меѓу сите релевантни фактори во регионот – од институциите до цивилното општество, од локалните власти до економските актери.

„Потребни се три елементи за да се движиме напред во ЕУ: прво, надминување на предизвиците поврзани со едногласното донесување одлуки, кое понекогаш го парализира одлучувањето преку вето од една држава, второ, напредок кон пофлексибилна ЕУ и, трето, унапредување на соработката во регионите, што ќе им овозможи на земјите членки и на кандидатите да спроведуваат подлабоки реформи“, нагласи Кастеланета. Во овој контекст, продолжи тој, јасно е дека Западен Балкан не смее да остане назад.

На денешната конференција е најавено присуство на претседатели, заменик-претседатели и пратеници од парламентите на државите членки на ЈЈИ – Македонија, Албанија, БиХ, Хрватска, Грција, Црна Гора, Италија, Сан Марино, Србија и Словенија.