Комуницираме, ама не се разбираме


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Во Македонија се регистрирани само 7.000 активни читатели и тоа покажува колку внимаваме не само на вербалната комуникација туку и на својот јазик, кој е еден од основните елементи кој нѐ определува како народ

 

Пред години, само што се појавија мобилните телефони, присуствував на еден настан на кој се сетив и кој, меѓудругото, ме поттикна да ја напишам колумната. Седи Црногорец на плажа, се сонча, до него на крпата мобилен телефон, црн, огромен, како цигла, од првите „нокии“. Почнува да ѕвони мобилниот, Црногорецот го погледнува изненадено, полека, мрзливо потстанува, го зема мобилниот, го стиска копчето и изненадено изустува- „Јој чоче, па ђе ме нађе?“

Седиш на плажа во Грција, се сончаш и читаш книга кога наеднаш гледаш сенка пред тебе, креваш глава и гледаш познаник од Скопје кој насмеан вели „Кај си бе!?“ Ти доаѓа да му одговориш дека си во Турција ама подголтнуваш и одговараш – „Еве малку одмор, плажа, сонце“. „Шо праиш?“ – продолжува тој, а ти наместо да му одговориш како што ти доаѓа, дека плетеш џемпер, му велиш – „Еве ништо, одмарам“.

Сево ова, а особено дебатите и пишувањата на Фејсбук ме натераа да се запрашам дали ние навистина во денешно време комуницираме или сѐ се сведува на монолог на двајца или повеќе глуви.

Комуникација потекнува од латинскиот збор commūnicāre  што значи да споделиш и претставува чин на пренесување на разбирлива  информација. Комуникацијата е важна активност која дури и несвесно ја спроведуваме во секој миг од нашиот живот. Многу од аспектите на современата комуникација  денес се подразбираат затоа што станале природна секојдневна активност во нашите животи. Современата комуникација се остварува на три основни начини и тоа со говорните методи, пишана форма и визуелна каде се користат знаци и симболи. Пораките кои се праќаат по пат на комуникација имаат различни намени во зависност од потребите на испраќачот на пораката и може да служат за информирање, стимулирање, потикнување, прашување, наговарање, влијание, пружање на знаење или за забава. Не постои воедначена дефиниција па секој од комуниколозите дава своја дефиниција, но речиси сите се согласни околу компонентите кои се дадени во Ласвеловата формула – кој, кому, што вели, на кој начин и со која цел. Според ова, комуникацијата може да биде вербална, невербална, интерперсонална, интраперсонална, групна комуникација, јавна комуникација, масовна комуникација, активно слушање, телекомуникација, здрава комуникација.

Ако денес погледнеме примери за невербална комуникација, како што се
гестикулација, говор на тело, мимика, контакт со очи, како и начин на облекување, можеме да заклучиме дека многу малку од јавните личности знаат да пренесат јасна и недвосмислена порака која ја следи вербалната комуникација и која треба да ја зајакне и потврди. Целта на невербалната комуникација е дополнување, илустрирање, зајакнување, нагласување на вербалната порака.

Начинот на кој најголем дел од јавните личности тоа го прави е поразителен и е збунувачки затоа што невербалната комуникација не само што не ја следи вербалната туку честопати е спротивна. Сетете се колку пати сте биле сведоци на крупни ветувања со зборови проследени со триење на рацете, потење, симнување на поглед од соговорникот. Токму невербалната комуникација, според експертите, е добра можност и основа за проценка на вербалната, на искажаните зборови и игра витална улога во комуникацијата особено по однос на судот за вистинитоста на искажаните зборови. Токму затоа сите невербални канали како што е телото, лице, глас, изглед, допир, растојание, временски паузи и други фактори мора да бидат ангажирани во тек на интеракцијата лице во лице како лакмус на вистинитоста на зборовите.

Многу малку јавни личности кај нас, особено од политиката посветуваат внимание на овој вид комуникација додека во западните земји, а особено во САД ова се доведува до совршенство и се вежба. Токму затоа кај нас старите рекле – го читаш како буквар. Дури и писмената комуникација може да се проценува од аспект на невербалната комуникација и тоа преку фонтот, бојата, емотиконите, заднината, големината на буквите итн. Невербалните однесувања се мултифункционални и формираат универзален јазички систем кој не познава ниту јазички ниту национални бариери. Смеење, плачење, муртење, ѕверење, покажување, одмавнување со глава се лесно разбирливи секому.

Вербалната комуникација е говорно или пишано пренесување на пораки. Јазикот и граматичките правила се основен елемент за вербалната комуникација, а јазикот може да се дефинира како систем на симболи и граматички правила со кои се употребуваат и користат симболите. Јазикот ги следи фонолошките правила (звуците кои се јавуваат во јазикот), синтаксичките правила (редослед на зборовите и интерпункција), семантички правила ( значење на зборовите) и прагматички правила ( значење извадено од контекст). Вербалната комуникација директно зависи од познавање на јазикот и граматичките правила кои се стекнуваат со читање и само читање. Самиот факт што во Македонија се регистрирани само 7.000 активни читатели покажува колку внимаваме не само на вербалната комуникација туку и на својот јазик, кој е еден од основните елементи кој нѐ определува како народ. Не е ни потребно да се коментира комуникацијата на социјалните мрежи која е сѐ само не нормална и здрава комуникација за да добиеме претстава на кое цивилизациско ниво се наоѓаме како луѓе и народ. Комуникацијата во политичкиот живот е приказна за себе и нивото на политичката комуникација најдобро можеме да ги видиме од бомбите, предизборните кампањи, партиските соопштенија, но и од изјавите на лидерите, дебатните политички емисии и обраќањето на пратениците во Собранието.

Сметам дека Вук Стефановиќ Караџиќ најдобро кажал за јазикот и неговото значење, како и за самиот чин на комуникација. Јазикот е хранител на народот. Додека јазикот живее, додека го љубиме и почитуваме, на него зборуваме и пишуваме, прочистуваме, до тогаш и народот ќе живее, ќе се разбира и умно соединува, нема да се прелее во друг, нема да пропадне.

(Звонко Давидовиќ е адвокат)