Која е Антифа, организацијата што сака да ја забрани Трамп?


Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе ја прогласи Антифа за домашна терористичка организација. Вашингтон веќе го  стави во погон Федералното биро за истраги (ФБИ) во повеќе градови за да ги пронајде членовите на групата.

„Насилството поттикнато и спроведено од Антифа и други слични групи во врска со немирите е домашен тероризам и ќе се постапува соодветно на тоа“, рече државниот секретар за правда Вилијам Бар.

Ова не е прв обид на Трамп да ги прогласи  терористи „Антифа“ или „Антифашистите“, таинствено движење што излезе на виделина во САД последниве години, откако нејзините членови облечени во црна униформа предизвикаа насилство за време на протестите организирани низ целата држава, заради убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд од страна на полицијата.

Одлуката на Трамп да ја прогласи групата за терористичка организација може да биде тешка за спроведување бидејќи Антифа нема централно раководство, па дури и кохерентна идеологија. Но, не треба да биде изненадување ако американските власти пронајдат врска помеѓу Антифа и насилните напади во последните години.

Антифа има потекло од антинацистичкото движење во 1940-тите. Тоа беше заспано многу години сè до изборот на Трамп и растот на екстремната десница во САД. Антифа е кратенка за „антифашистички“. Тоа е лабаво организирана коалиција на демонстранти, левичарски активисти и самоопишани анархисти, кои ветија дека физички ќе им се спротивстават на „фашистите“ – значи секој што поддржува гневни или тоталитаристички погледи.

Дана Фишер, социолог, која со децении ги проучуваше протестните движења во САД, ги гледа демонстрантите на Антифа како милитантен одговор на порастот на на белите националистички организации по изборот на Трамп.

„Насилството поттикнува уште повеќе насилство“, рече таа. „Една од овие групи излезе со насилна порака на омраза, а другата одговори со насилна реактивна порака. Овие мажи и жени во основа сметаат дека  постои насилничка десница што им се заканува на луѓето и дека треба да се вооружат и да ја бранат левицата“, оцени Фишер.

Иако разни антифашистички организации постојат со децении во САД, од изборите на претседателот Трамп тие пораснаа и во нивното членство и во видливоста. Тешко е, сепак, да се процени големината на членството во групата, но денес постојат филијали на организацијата во повеќето поголеми градови низ целата земја. Демонстрантите се типично млади луѓе кои се лути од порастот на злосторствата мотивирани од омраза и од белиот национализам. Не се наклонети многу на медиумите, така што иако  Ен-би-си њуз им пристапи на неколку организации на Антифа за оваа приказна, тие не сакаа да бидат интервјуирани.

На денот на инаугурацијата на претседателот Трамп демонстрантите на Антифа, облечени во црно и со маски на лицата, предизвикаа немири, оштетија имоти и една лимузина додека мирољубивите демонстранти против претседателот маршираа во близина. Оттогаш, демонстрантите на Антифа се судрија со белите националисти во Беркли, Калифорнија, Чикаго и Шарлотсвил. Организациите на Антифа претходно ги повикаа граѓаните да излезат на протести против бранот на злосторства мотивирани од омраза и бел национализам што, според нив, се шири низ целата нација. Тие почнаа да се појавуваат редовно на демонстрациите на про-Трамп движењата низ САД, честопати под маската на мирни контра-демонстранти. Така, про-Трамп протестите во Беркли завршија во жестока тепачка, додека слични судири го прекинаа говорот на десничарскиот коментатор Мило Јанопулос на Универзитетот во Калифорнија и предавањето на Ен Култер повторно во Беркли. Според Фишер, има силен контраст, сепак, помеѓу реториката што ја користи Антифа и екстремната десница.

„На левата страна барем не сејат омраза, додека десно, една работа за која сите можат да се согласат, е дека шират пораки со омраза, расизам и нетрпеливост кон различностите“, вели Фишер.

Демонстрантите на Антифа честопати користат тактика наречена „црн блок“, стил на протестирање, популарен од антивладините демонстрации во Европа. Тие обично се облекуваат целите во црно и ги кријат лицата за да избегнат да бидат идентификувани од полицијата, за да се заштитат од солзавец и да остават вознемирувачки ефект. И во САД, и во Европа, тактиките на „црниот блок“ обично вклучуваат немири, вандализам и протестирање без дозвола. Фишер вели дека е можно движењето Антифа да привлече радикални демонстранти кои се склони кон насилни испади, но таа верува дека нивното присуство има подлабока порака за моменталната состојба на политичкиот дискурс во САД.

„Ова е одговор на агресивните пораки на деснiицата“, рече таа. „Тие се гледаат како милиција која ќе ја поддржува и брани левицата“, вели Фишер.

Со оглед на тоа дека Антифа не е единствена организација, туку е чадор за повеќе екстремно левичарски милитантни групи кои им се спротивставуваат на неонацистите и белите надморалисти, во неа не постои хиерархиска структура или универзален тип на тактики на дејствување што би го направиле  нејзиното присуство веднаш препознатливо. Сепак, членовите имаат тенденција да ги поддржуваат револуционерните и анти-авторитарните погледи, рече Марк Бреј, историчар на универзитетот Рутгерс и автор на делото „Антифа: Антифашистички прирачник “.

„Тие прават различни работи, во различни периоди, на различни начини, а за некои од нив постојат докази за кршење на законот“, рече Бреј.

Литературата на ова движење ги охрабрува следбениците да ги следат активностите на белите супремацисти (групи кои се сметаат за супериорни), да ги објавуваат информации за перцепциите на непријателите, да развиваат режими за самоодбрана и да натераат други организации да ги откажуваат  настаните со „фашистички предзнак“. Во неколку изјави изминатиот викенд, министерот за правда Вилијам Бар ги препозна „тактиките кои наликуваат на Антифа“ и рече дека ова движење предизвикува насилство и се занимава со „домашен тероризам“, па така и ќе се третира.

Сепак, Марк Бреј, иако верува дека луѓето поврзани со Антифа учествуваат во демонстрациите, според него тешко е да се утврди колку голема улога играат бидејќи немаат претпознатлива униформа или членска картичка и не се знае нивниот број на национално ниво.

„Радикалната левица е многу поголема од Антифа. Бројот на луѓето кои учествуваат во уништувањето на имотот, пак, е многу, многу поголем од радикалната левица“, рече Бреј.

Бидејќи Антифа не е централизирана група, нејасно е исто така како владата би можела да ја прогласи за терористичка. Покрај тоа, Антифа е домашен ентитет и како таков, не е кандидат за вклучување на списокот на странски терористички организации на Стејт департментот. Овој список вклучува исламски екстремистички организации, ИРА и слични организации во  странство. Таа ознака е важна од најразлични правни причини, а пред сѐ бидејќи секој кој дава поддршка на организација на тој список може да се соочи со обвиненија поврзани со тероризам.

Засега, сепак, не постои американски еквивалент за одлуката. Имаше периодични повици, особено по масовните престрелки од бели супремацисти, да се воспостави закон за домашен тероризам, но ниту еден предлог не помина. Запрашан на каков правен акт би ја засновал одлуката претседателот да ја прогласи Антифа за терористичка организација, неговиот портпарол посочи на постојниот кривичен законик со кој се дефинираат актите на домашен и меѓународен тероризам. Но дефинирањето на акт на тероризам е различно од назначувањето на цела група како терористичка организација.

Дури и Антифа да не биде ставена на листата на терористички организации, директорот на ФБИ, Крис Вреј, јасно стави до знаење дека е „на радарот“ за спроведување  законот. Тој рече дека ФБИ не води истраги врз основа на идеологии, но агентите спроведуваат истраги низ целата земја против лица мотивирани да вршат акти на насилство „за некаква Антифа-идеологија“.

Инаку, организациите што ги следат разните екстремистички групи низ САД избројаа повеќе од 1.600 вакви групи низ целата земја. Групите влегоа во фокусот од 1980-тите години со воскреснувањето на насилството на Кју клукс клан, кое започна неколку години по завршувањето на движењето за граѓански права. Тој список содржи групи на омраза, радикални и антивладини милиции, екстремното десничарското движење „Патриот“, белите супремацисти, неонацистичкото движење, Антифа, „Окупирај го Волстрит“ и други. Со текот на годините биле уништени или разобличени некои од нив, како „Обединетиот клан на Америка“, „Ариските нации“ и „Отпорот на елата Аријана“ – тужејќи ги за убиства и други насилнички дела извршени од нивните членови или поради нивните активности.

Моментално постојат 940 такви групи во САД ( Повеќе информации на овој линк: https://www.splcenter.org/fighting-hate/extremist-files/groups). Тие се организирани околу неколку идеологии:

Алт-десно

Алтернативна десница, попозната како „алт-десно“, е збир на екстремно десничарски идеологии, групи и поединци чие основно верување е дека „белиот идентитет“ е нападнат од мултикултурни сили со употреба на „политичка коректност“ и „социјална правда“  за да се ​​поткопаат белите луѓе и „нивната“ цивилизација.

Антимигрантски

Антиимигрантските групи на омраза се најекстремни од стотиците нативистички групи кои се размножуваат од крајот на 90-тите години, кога антиимигрантската ксенофобија започна да се искачува на нивоа што не се видени во САД од 1920-тите години на минатиот век.

Анти-ЛГБТ

Централна тема на анти-ЛГБТ организирањето и идеологијата е спротивставувањето на правата на оваа заедница, честопати со демонизирачка реторика и штетна псевдонаука која ги прикажува овие луѓе како закани за децата, општеството и честопати за јавното здравство.

Антимуслиманска

Антимуслиманските групи на омраза се релативно нов феномен во САД, при што многу се појавија  по терористичките напади на 11 септември 2001 година. Тие честопати запаѓаат во теории на заговор кои вклучуваат инфилтрирање на исламистичките екстремисти во владата и слично.

 Антивладино движење

Агенцијата за разузнавање идентификуваше 576 екстремни антивладини групи кои беа активни во 2019 година, што е намалување од 612 во 2018 година. Од овие групи, 181 беа милиции.

Црни сепаратисти

Црното сепаратистичко движење е реакција на вековите институционализирана бела надмоќ во Америка. Црните сепаратисти веруваат дека одговорот на белиот расизам е да се формираат одделни институции – па дури и посебна нација – за црнците. Повеќето форми на црниот сепаратизам се силно анти-бели.

Христијански идентитет

Христијанскиот идентитет е единствена антисемитска и расистичка теологија која се искачи на позиција на командно влијание врз расистичката десница во осумдесеттите години на минатиот век. Само „христијанин“ во името, тврди дека белите луѓе, а не Евреите, се вистинските Израелци, кои бог ги фаворизира во Библијата.

Генерална омраза

Овие групи поддржуваат различни уникатни доктрини и уверувања на омраза кои не категоризираат лесно. Голем дел од групите се продавачи кои продаваат разни материјали за омраза од неколку различни сектори на белото врховистичко движење.

Негирање на холокаустот

Негирачите на холокаустот, систематското убиство на околу шест милиони Евреи во Втората светска војна, негираат дека се случил ваков геноцид или ја минимизираат неговата големина. Овие групи (и поединци) често се нарекуваат себеси „историски ревизионисти.

Кју клукс клан

Ку Клукс Клан, со својата долга историја на насилство, е најстарата и најозлогласената од американските групи на омраза. Иако афроамериканците обично се примарна цел на Клан, таа исто така ги напаѓа Евреите, имигрантите, припадниците на ЛГБТ заедницата и, до неодамна, католиците.

Машка надмоќ

Машката надмоќ е идеологија која се залага за потчинување на жените.

Нео-конфедералистичка

Нео-конфедералистичката идеологија е реакционерна, ревизионистичка гранка на американскиот бел национализам, типизирана според нејзината предиспозиција за симболи на конфедерациските држави на Америка.

Неонацистички

Неонацистичките групи споделуваат омраза кон Евреите и љубов кон Адолф Хитлер и нацистичка Германија. Додека тие ги мразат и другите малцинства, геј и лезбејки, па дури и понекогаш христијани, тие го сметаат „Евреинот“ како свој клучен непријател.

Нео-волкиш

Родени од атавистички пркос на модерноста и рационализмот, денешните нео-волклиш или фолк, приврзаници и групи се организираат околу етноцентричноста и архаичните поими за полот.

Свештенство Финес

Свештенството Финес не е вистинска организација; нема лидери, состаноци или друг институционален апарат.

Расистичка Скинхед

Расистичките скинхедси преставуваат  особено насилен елемент на белото супремацистичко движење и честопати се нарекувани „шок војници“ на надежта за револуција. Тие се со избричена глава, црни чизми „Док Мартинс“, фармерки со суспензии и низа од типично расистички  амблеми.

Радикален традиционален католицизам

„Радикалните традиционалистички“ католици ја сочинуваат најголемата единствена група на сериозни антисемити во Америка. Тие се потпираат на идеологија што ја отфрлаат Ватикан и околу 70 милиони американски католици.

 Движење на суверените граѓани

Суверените граѓани веруваат дека донесуваат одлуки кои закони да ги почитуваат и кои да ги игнорираат и не мислат дека треба да плаќаат данок.

Бели националисти

Белите националистички групи ја поддржуваат белата супремистичка и сепаратистичка идеологија, честопати фокусирајќи се на наводната инфериорност на не-белците.   (С.Ј.)