Драги или Меркел како можни преговарачи на ЕУ со Москва


Лондон – Владите на Европската унија расправаат дали поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги или поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел би можеле да ја претставуваат Унијата во потенцијални преговори со рускиот претседател Владимир Путин, објави денеска „Фајненшл тајмс“.

Лондонскиот весник во денешниот извештај посочува дека министрите за надворешни работи на ЕУ за можните кандидати ќе разговараат на состанокот предвиден за следната седмица на Кипар.

Европските лидери го отфрлија предлогот на рускиот претседател Владимир Путин поранешниот германски канцелар Герхард Шредер да ја претставува ЕУ во евентуални идни разговори со Москва.

Путин навести дека би бил подготвен да преговара за нови безбедносни аранжмани за Европа.

Министрите за надворешни работи на Европската унија се скептични дека Русија е подготвена да ја прекине војната и искрено да преговара за мир и безбедност во Европа.

ЕУ води политика на изолација на Русија од почетокот на воената интервенција на Москва врз Украина во 2022 година. Унијата воведе санкции и има малку политички и дипломатски контакти на високо ниво со Русија.

Но, бидејќи преговорите за завршување на конфликтот предводени од САД слабо напредуваат додека Вашингтон се фокусира на војната во Иран, некои европски функционери повикаа ЕУ да размисли за директни разговори со Москва, што би ги водел специјален пратеник.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој ги претставува 27-те лидери на земјите од ЕУ, претходно овој месец изјави дека Унијата се подготвува за „потенцијални“ разговори со Владимир Путин, како што рече, „за да се организираме и да утврдиме што ни е потребно“ за разговор со Русија кога ќе дојде „вистинскиот момент“.