Драма во Литванија: НАТО ги крена авионите, државниот врв преместен на безбедно


Вооружените сили на Литванија издадоа воздушен аларм во главниот град Вилнус откако беше забележан сомнителен дрон во близина на границата.

Воздушен аларм! Веднаш одете во засолниште или на безбедно место“, објави литванската армија, јавува јавниот сервис ЛРТ.

Во исто време, беше активирана мисијата на НАТО за заштита на воздушниот простор.

Претседателот и премиерката се преместени на безбедно
Поради безбедносната закана, шефот на литванската држава беше итно преместен во засолништа.

Претседателскиот советник Фредерикас Јансонас потврди дека претседателот Гитанас Науседа и персоналот на претседателската канцеларија се евакуирани на безбедна локација.

Портпаролот на владата Игнас Доброволскас објави дека и премиерката Инга Ругињене е преместена во засолниште.

Евакуации и прекин на железничкиот сообраќај
Воздушниот аларм предизвика и прекини во сообраќајот. Литванските власти привремено го прекинаа железничкиот сообраќај во делови од земјата.

Патниците во областа на округот Вилнус и на главната железничка станица во Вилнус беа евакуирани во засолништа.

Досега нема официјални информации за потеклото на дронот, ниту е потврдено дали дронот влегол во литванскиот воздушен простор.

Тензии на источното крило на НАТО
Инцидентот се случува во време на зголемени безбедносни тензии на источното крило на НАТО поради војната во Украина и сè почестите инциденти поврзани со дронови во близина на границите на членките на Алијансата.

Литванија, која граничи со руската енклава Калининград и Белорусија, во последните години постојано предупредуваше за растот на безбедносните закани во регионот.