Кој ќе победи, а кој ќе формира влада?

ЕРОЛ РИЗАОВ

Граѓаните на Македонија се пред најважната одлука по прогласување на независноста кога за првпат сами одлучуваат за сопствената иднина и за брзината со која треба да станеме рамноправна членка на европското семејство

 

Кој ќе победи на корона парламентарните избори ќе знаеме некаде околу полноќ во среда наспроти четврток. А кој ќе формира влада и ќе биде премиер ќе дознаеме наредните денови по изборите некаде меѓу 16 јули и почетокот на август. Можно е тоа да се случи и многу подоцна кон крајот на годината некаде во декември, ако пропаднат сите постизборни преговори за коалиции и се закажат нови избори во уште потешка  здравствена, економска  и политичка криза. Тоа би бил најлошиот можен епилог.

Тешко е да се очекува мнозинска победа која ќе му овозможи на победникот порелаксирана атмосфера за состав на владата. Единствена заедничка оценка на сите истражувања на јавното мислење, покрај бројките на неопределени, е дека резултатот меѓу двете најголеми политички партии ќе биде тесен со разлика од неколку пратеници. Во тој случај, како и на минатите парламентарни избори, постизборните коалиции ќе бидат пресудни кој ќе биде мандатар и кој ќе формира влада.

Со што ќе се соочат и победниците и поразените

На што се должат ваквите претпоставки, иако и Мицкоски и  Заев во предизборната кампања како дел од тактиката за да ги привлечат неопределените не пропуштаат во сите јавни настапи да кажат дека сигурно победуваат со над 60 пратенички места  во Собранието и тие се идните премиери. Ако се случи таква победа тоа би било големо изненадување.

Денес, неполни пет дена пред одржување на изборите, имајќи ги предвид цврстите ставови на најголемите политички партии кои, сосема извесно ќе добијат најмногу пратенички места, можат да се претпостават одредени ситуации и црвени линии до каде ќе одат пазарењата за поделба на власта и со какви сѐ уцени и отстапки ќе се соочат и победниците и тесно поразените на изборите.

Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја прифатија реалноста од грешките на претходните парламентарни избори дека  нема власт без коалиција со албанските политички партии. Притоа не се мисли на поканата за партнерство кога победникот има над 60 пратенички места. Една е позицијата кога со 61 пратеник нудите партнерство, а сосема друга кога со 51, или 49 места во Собранието сакате да формирате влада.

Во 2016 година Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ извојуваа пирова победа. Победија на избори, а ја изгубија власта. По трите последователни мандати апсолутна власт владата на Никола Груевски падна бидејќи ниту една албанска политичка партија под притисок на своите гласачи и под влијание на меѓународната заедница не сакаше да ја дели власта со ВМРО-ДПМНЕ и покрај прифаќањето на сите отстапки. Ароганцијата од 11-годишното неконтролирано владеење, заробената држава, криминалот и корупцијата не оставија простор за партнерство, дури и кога тоа го посакуваше еден дел од врвот на ДУИ.

Најголемиот проблем на ВМРО-ДПМНЕ

Таа реалност дека нема влада без коалиција со албанските политички партии сега е прифатена што се гледа од внимателноста во настапите на Христијан Мицкоски и на носителите на изборните листи кога станува збор за меѓуетничките односи и за поддршката на меѓународната заедница, односно на ЕУ и Америка. Но, во врвот на ВМРО-ДПМНЕ најголемиот проблем е што освен физичкото отсуство на Груевски ништо друго не е сменето. Истата идеологија од почетокот на минатиот век, истиот јазик на омраза, закани  и нетрпеливост кон неистомислениците, црна предизборна кампања, редовно откривање на предавници, непријатели, криминалци само кај политичките противници.

Прифаќањето на реалноста и внимателноста да не се налути потенцијалниот партнер во екот на кампањата е една работа, а сосема друга е дали лекцијата е научена. Или подобро кажано, дали е совладана најголемата политичка умешност и вештина да се прават коалиции и партнерства на здрави односи со меѓусебна доверба и заедничка програма која е прифатлива од јавноста. Лидерството во политиката најмногу доаѓа до израз токму во водењето на коалициони влади при тесно парламентарно мнозинство. За тоа е неопходен голем демократски капацитет и политичко искуство.

Главниот проблем на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде јасно и гласно веднаш по изборите  да се откаже од своите најпопулистички  предизборни ветувања за ревизија на склучените договори со Грција и со Бугарија. Како што стојат работите, тоа на Мицкоски и на партискиот врв нема да им биде тешко, се разбира ако победат на изборите, бидејќи таа жртва веќе е вкалкулирана со подготвено оправдување дека договорите на претходниците се лоши но непроменливи. Тоа што голем број гласачи ќе го доживеат овој чин како измама е веќе пресметан ризик.

Она што ќе им биде навистина тешко на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски во коалицирањето со која било албанска партија која обезбедува мнозинство и мандатар е фактот дека тешко ќе се придобие довербата на  Америка и на Брисел да дадат поддршка  на политичка партија која во целиот процес на преговорите со Грција и со Бугарија, па и до ден денес се однесува крајно  деструктивно и гради патриотски имиџ од склучените договори нарекувајќи ги предавство и капитулација на државата. Нереформираното ВМРО-ДПМНЕ по бегството на Груевски не е посакуван партнер на Запад.

И овојпат ниту една албанска политичка партија нема да прифати партнерство без силни гаранции за поддршка на договорите со соседите кои се главниот предуслов не само за почеток на преговорите со ЕУ, туку и сѐ она што влегува во спроведување на реформите од сите бриселски поглавја. Вториот пресуден момент за условите на ДУИ ако ги победи своите албански конкуренти е ветувањето за Албанец премиер, што не помина ни кај СДСМ ни кај ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак во најголемиот дел на јавноста. Што ќе бара ДУИ од ВМРО- ДПМНЕ, помалку веројатно и од СДСМ, но во политиката сѐ е можно, ако Али Ахмети има изборни адути да одлучува кој ќе формира влада и ако Насер Зибери, шпицен кандидатот за премиер Албанец, се задоволи со функцијата вицепремиер  може само да се претпостави.

На Заев малку му е коалицијата само со Беса

Социјалдемократите и Зоран Заев со предизборната коалиција само со Беса играјќи на картата на паднатиот рејтинг на ДУИ, ако резултатот е тесен и при победа тешко ќе обезбедат  мнозинство во Собранието за да формираат влада. Цената на коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива ќе скокне високо на постизборната берза ако ги добие посакуваните места кои обезбедуваат мнозинство во парламентот. Нивните услови можат да бидат потешки од предизборниот ултиматум на ДУИ за Албанец премиер.

Јазиче на кантарот можат да бидат и некои од помалите партии кои со едно или две места во Собранието ќе испорачаат побарувања за значајни ресори. Не се исклучени и брзи прешалтувања на пратеници од една во друга партија. И таа цена ќе рипне до шест бројки, се разбира во евра.

Во една ваква конфузна ситуација со условувања за премиер Албанец, од една страна, но и за други уцени со меѓуетнички предзнак можат да предизвикаат пат ситуација која неминовно води кон нестабилна и „слаба“, таканаречена малцинска влада и многу веројатно кон нови избори за неколку месеци. Тоа ќе означи политичка нестабилност и драгоцено изгубено време во отпочнувањето на преговорите со ЕУ, продлабочување на економската криза со дополнителни удари еднакво силни со последиците од пандемијата.

Она што е најстрашно е дека тоа ќе ги заостри уште повеќе меѓуетничките односи што може на следните избори во декември да доведе до албанско-албанска коалиција и македонско-македонска коалиција, не меѓу политичките партии и лидери, туку кај гласачите, што ќе означи хомогенизација и кај Албанците и кај Македонците. Тоа е само навидум примамлива позиција, но многу опасна бидејќи ќе се потпира на националистичка платформа од двете страни.

Да не се изгуби патот во сопствениот двор

Најдобар и најсреќен исход на изборите би било да се добие  мнозинство и влада од коалициски партнери кои ќе имаат цврсти реформски ставови кои произлегуваат од бриселските поглавја со целосно прифаќање  на веќе донесените договори со соседите и на веќе дадената поддршка за отпочнување на преговорите во декември годинава што го најави и канцеларката Ангела Меркел за плановите на Германија за претседателствувањето со Европската унија.

Новата влада во наредните четири години покрај општествените и економските реформи ја има најголемата историска одговорност да ги доведе работите блиски до членство во европското семејство, поточно до точка од која нема враќање назад.

Досегашните резултати на овој план и со членството во НАТО и со утврдување на почетокот на преговорите со ЕУ и со досегашните резултати во економијата и развојот на демократските процеси јасно го одредуваат правецот каде треба да се движи Македонија и кој треба да предводи на тој пат. Дали граѓаните на Македонија во ек на пандемија ќе ја прифатат таа стратегија и ќе дадат доволно силна поддршка на таа опција која ќе ги одбегне можните политички и економски кризи тешко е да се процени при наездата на негативна кампања и лажни вести.

Популистичките и националистички „бомби“ за спасување на Македонија кои сѐ посилно експлодираат можат да предизвикаат тешки последици да го изгубиме патот во сопствениот двор. Кога за првпат сами одлучуваме за сопствената иднина и за брзината со која треба да станеме рамноправна членка на европското семејство, како што станавме членка на НАТО, ако не судиме праведно на 15 јули може да се соочиме со најголемата здравствена, политичка и економска криза која наместо кон интеграции може да нѐ однесе кон делби и распад на државата. Граѓаните на Македонија се пред најважната одлука по прогласување на независноста. Во секој случај, ќе добиеме резултат каков што заслужуваме.