Кој ја уби новинарката на Ал Џезира?

Ширин Абу Аклех почина како херој на работа. Таа беше похрабра новинарка од сите израелски новинари заедно. Израелските новинари треба да ѝ оддадат почит со наведнати глави


Шокот предизвикан од смртта на Ширин Абу Аклех е оправдан, но и задоцнет. Дали сме изненадени токму сега? Животот на познатиот новинар на Ал Џезира не е поважен од животот на непозната ученичка во средно училиште која пред еден месец се враќала дома во истиот Џенин, кога израелските војници отвориле оган врз линиско такси полно со жени и ја убиле оваа девојка.

Така е убиена Ханан Кадур. Портпаролот на армијата се обиде да фрли сомнеж врз идентитетот на убиецот со фразата „во тек е истрага“. Помина еден месец, истрагата не е завршена и секако никогаш нема да биде. Никој повеќе не се грижи за судбината на 19-годишниот Палестинец, а совеста на државата остана мирна. Има ли криминал на нашата армија за кој десницата и државните институции некогаш ќе преземат одговорност? Барем еден?

Случајот со Абу Аклех е различен на прв поглед бидејќи се работи за новинар од светски позната агенција. Многу помало влијание имаше веста дека локалниот новинар Базел Ал Адра бил нападнат од израелски војници на јужните падини на Хеброн во неделата. Двајца Израелци завчера беа осудени на 22 месеци затвор за напад на новинари за време на минатогодишната воена операција „Шомер хомот“. Каква казна ќе им биде изречена на војниците доколку се докаже дека ја убиле Ширин Абу Аклех? Каква казна ќе следи за оној кој минатата година реши да ја бомбардира зградата на Асошиетед прес во Газа? Дали некој ќе одговара за тоа? А што е со 13-те новинари убиени во операцијата „Цук ејтан“ во 2014 година? Или со членови на медицински тимови убиени на границата со Газа за време на демонстрациите, вклучувајќи ја и 21-годишната медицинска сестра Разан ал-Наџар видно облечена во бела униформа? Никој не беше казнет. Сите обвинувања исчезнуваат под превезот на автоматскиот имунитет за сите постапки на нашите обожувани војници.

Дури и да се најде видео од убиството на новинарот на Ал Џезира, тој војник ќе биде херој во израелската јавност. Ако невините Палестинци веќе се осудени на стрелање од нашата армија, подобро е тие да бидат познати како Ширин Абу Аклех и да имаат американски пасош. Така, барем американското Министерство за надворешни работи малку, се разбира не премногу, ќе се жали на неразумното убивање на своите граѓани од страна на армијата на земјата партнер.

Во време на пишувањето на овој текстне е познато кој ја уби Абу Аклех. Тоа е израелско пропагандно достигнување кое сее сомнеж дека Израелците брзаат да го фатат и прифатат како факт и оправдување, иако светот главно со право не им верува. Во случајот со убиството на момчето Мухамед ал Дур од Газа, израелската пропаганда се обиде да го прикрие идентитетот на убиецот, но никој не седна на тоа. Искуството ни кажува дека новинарката е убиен од истите луѓе кои ја убиле ученичката во таксито. Дозволено им е да пукаат кога сакаат. Тие не биле казнети за убиството на Ханан, па затоа ја убиле Ширин.

Но, злосторството започнува многу пред пукањето, со освојување градови, бегалски кампови и села, ноќни рации во спалните соби на Западниот Брег, со добра причина и без причина. Воените известувачи секогаш ќе велат дека се работи за „апсење на барани лица“, но без поблиски одредници. Противставувањето на овие упади секогаш ќе се смета за „нарушување на јавниот ред“, каде на армијата ѝ се дозволува сѐ, а на Палестинците ништо, особено не да протестираат.

Ширин Абу Аклех почина како херој на работа. Таа беше похрабра новинарка од сите израелски новинари заедно. За разлика од нив, таа навистина беше во Џенин и во секое друго место на окупацијата. Израелските новинари треба да ѝ оддадат почит со наведнати глави. Тие, исто така, би можеле да престанат да шират владина и воена пропаганда за наводно непознатиот идентитет на нејзиниот убиец. Додека не се докаже спротивното и без какво било сомневање, единствениот логичен заклучок е дека Ширин Абу Аклех е убиена од нашата војска.

(Гидеон Леви е познат и наградуван израелски новинар. Текстот е објавен во весникот „Хаарец“, а го пренесуваме со посредство на „Пешчаник“)