Кој го потона овој брод?


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Во Комисијата за европски прашања вчера се одржа расправа околу најлошата вест што ја прими нашата држава откако на самитот во Букурешт во 2008 година Грција ни стави вето на членството во НАТО. Овојпат веста е и пострашна, бидејќи нема веќе услов што треба да се исполни, а пораката од ЕУ е дека ова најверојатно е крај на проширувањето. Народски кажано, потонаа надежите дека и ние еден ден ќе станеме дел од Европската унија, дека ќе имаме еко стандарди како во Германија, дека ќе имаме социјални права како во Франција, дека ќе имаме патишта и возови како во Белгија, дека ќе имаме образование како во Полска, дека ќе имаме стандард како земји членки на Унијата, дека нема да мораме да ја напуштаме државата за подобра иднина или поедноставно  – дека тука ќе имаме европска иднина.Настрана што ваквата ситуација не само што ја затвора европската перспектива на земјата, туку ако не и се пријде поодговорно, може да отвори друга помрачна заради контестот во кој се наоѓа нашата држава.

И место да се сфати серозноста на ситуацијата, или барем загриженоста на добар дел од нацијата што ни потона едната од двете стратешки цели, и место да се ангажира целиот политички, интелектуален и друг потенцијал, и наш па и странски, за да се најде одговор каде и што сега, во Собранието ни се случи повторно политички театар. Главната тема беше – дали на „вашата“ или на „нашата комисија“ ќе се расправа зошто Македонија не успеја да добие датум за преговори со ЕУ. Човекот кој застана зад антиквизацијата што и наштети толку многу на државата, и кој упати среден прст кон Грција додека беше најодговорен за надворешната политика на Македонија, покажа дека не знае кога е доста и каде е црвената линија меѓу политиканството и деструктивното водење на политика. За среќа имаше кој да му ја обнови меморијата.

Кога ја обвинуваат власта за лошата калкулација дека ќе добие преговори со ЕУ ако го реши спорот за името со Грција, Милошоски и ВМРО-ДПМНЕ намерно забораваат неколку момента. Дека Преспанскиот договор пред се беше потпишан за да ни се отвори патот кон НАТО, бидејќи и тогаш беше јасно дека членството во ЕУ е многу далечна цел и маглива. Дека благодарејќи на ВМРО-ДПМНЕ Македонија пропушти десет години од евроинтеграцијата кога тоа што го ветуваа земјите членки во Брисел го исполнуваа, па преговори доби и Србија иако не толку одамна беше во војна. Дека место да критикува оваа партија еден ден треба да одговара за велепредавство, бидејќи ја прокоцка најважната стратегиска цел на државата местејќи избори, местејќи судски процеси, апсејќи без основи, злоупотребувајќи државни фондови, гушејќи секакви слободи, тепајќи пратеници па и обидувајќи се да изврши државен удар. Затоа одекнаа толку силно зборовите на шефот на дипломатијата Никола Димитров дека, кога би бил на местото на ВМРО-ДПМНЕ, би се срамел и да ги изговори двете букви од „ЕУ“. И, што е потрагично, откако останавме во регионот и откако не уценува кој ќе стигне и за што ќе стигне поради безнадежната стратегиска положба во која се најдовме по децениско изживување со приоритетите заради партиски интереси и лично богатење, некому се уште не му е јасно дека ваквото однесување – не е забавно.

Идеите,пак, на истиот Милошоски како да се отфрли Преспанскиот договор се последната штета што тој и неговата партија и ја подготвуваат на оваа држава, откако веќе го смени името. Сега кога нема сила што може да го врати старото име на Македонија во ОН ако не се согласат за тоа сите земји членки на Советот за безбедност, Грција и Македонија, тој ја испровоцира Атина да ни се закани со ново вето во ЕУ, покрај тоа на Емануел Макрон! Епилогот би бил – и сменето име, и влошени односи со соседот, и алиби за Макрон да не се премисли за ЕУ и можеби Македонија надвор од НАТО, бидејќи нашиот прием таму не е толку гарантиран во моментов. Или поточно, Северна Македонија надвор од НАТО, бидејќи на опозицијата и е поважно да собира поени на Преспанскиот договор.