Кој е, всушност, Махатма Ганди

Смешна ми е македонската левичарска интелектуала кога тврди дека Ганди е левичар. Неговиот манифест беше премногу капиталистички за индиските социјалисти. И слично на наш Апасиев во своите маневри, Ганди станува истовремено и левичар и десничар


Да ѝ објаснам на македонската псевдо интелектуала кој е нивниот херој-светец Махатма Ганди. Бидејќи нели, кул е  во западниот свет да се произјасниш за него, те прави да изгледаш софистициран, образован.

 

ХИПОКРИТ  Махатма Ганди ја глорифицираше сиромаштијата. Ја сметаше за доблест, за начин за спиритуално прочистување. Ганди се гордееше со својата сиромаштија, ја истакнуваше на преден план. Во една прилика еден негов богат пријател, архитектот Hermann Kallenbach му подари четиристотини хектари плодно земјиште – да му се најде при неговата „потрага по вистината“. На таа површина Ганди ја отвори својата втора комуна, наречена Tolstoy Farm, со над илјада садници во неа. Бааѓи многу земја и овоштарници му беа потребни на Ганди за да остане сиромашен.

Додека ја глорифицираше сиромаштијата и Свадеши движењето, негов политички спонзор беше Bajaj бизнис фамилијата од Калкута, а исто флертуваше и со Birla фамилијата, што стои позади проектот Бирла храмови за кој пишував неодамна. Затоа многумина во Индија го сметаат неговото движење како првото корпоративно НВО во Индија или она што се нарекува – корпоративен левичар. Или пак можеби затоа што неговиот син Девдас работеше во „Hindustan Times“, национален весник, во сопственост на корпорацијата „Бирла“?

Зошто Ганди беше таков добар пријател на корпорациите? Поради тоа што промовираше статус-кво. Поради доктрината на карма што ја туркаше низ населението – ако си роден сиромав значи си згрешил нешто во претходниот живот и сега ја издржуваш казната, не буни се, не обидувај се да си ја предизвикаш судбината. Трпи.

Кој клептократски систем не би сакал ваков месија, со ваква порака? Може затоа во една прилика активистот Jacques Pouchepadass се има запрашано зошто каде и да стапне ногата Ганди, после него се зајакнуваше локалната олигархија на сметка на работното население?

Махатма Ганди се залагаше за одржување на кастите и уште повеќе на системот на Недопирливост (untouchability). Според него, хиерархијата е неопходна за општествена стабилност и социјална кохезија, некој мора да биде недопирлив во драмата наречена живот. Е лесно е да се произнесуваш за дефиниции за општествена стабилност кога проповедаш од позиција на повисоки општествени скалила, нели? Кога една од најдолните касти наречена Balmiki, чија што единствена дозволива преокупација беше чистењето на тоалети покажа знаци на негодување, Ганди веднаш ги активира своите проповеди околу чесноста и чистотата на духот, укажувајќи дека чистењето туѓи гомна е религиозна должност. А да, во случај неговите милозвучни изјави не беа доволни тука настапуваше кастинскиот систем да ги потсети со стап каде беше нивното место.

Во своите рани денови во Јужна Африка наместо да се залага за подобрување на правата на работниците како што вели урбаната легенда, Махатма Ганди претежно агитираше за правото на индиските трговци да ги прошират своите бизниси во Трансвал и да им бидат конкуренција на британските бизнисмени. Залагањата на Ганди немаа никаква врска со индиските работници по плантажите во Дурбар, напротив, ги презираше и се држеше настрана од нив, нарекувајќи ги по погрдниот расистички израз raw kaffirs. За расизмот на Ганди кон оние што беа поцрни од него е документирано многу, но некој треба да седне да прочита. И покрај тоа, во западните неуки левичарски кругови, Ганди се смета за борец на правата на работниците, обесправените.

 

МИСОГОНИСТ  Махатма Ганди присилуваше малолетни деца да спијат до него за да тој си ја увежбува способноста за контрола на сексуалните нагони.

Махатма Ганди ги тераше девојчињата во неговите ашрами да си ги истрижат косите за да не изгледаат премногу женствени. Неговата логика беше дека така машките нема да бидат толку искушувани од нивните сексуални нагони.

Махатма Ганди праќаше момчиња на реката каде што се капеа девојчиња, да им ги крадат алиштата. Според неговата логика, ова е добра вежба за уште во рана возраст да се учат момчињата на сексуална контрола. А што всушност е женскиот пол освен предмет за искушување на машките, нели?

Махатма Ганди го сметаше за дозволиво жените да учествуваат во политиката, но само доколку носат маркери на чистота што би го стерилизирале окото на грешникот. Значи било како девојче, било како жена, во политика или каде и да се осмелила, за него жената беше прво и секогаш – сексуален објект.

 

ПСИХОПАТ  За Махатма Ганди, идеалниот свет беше свет без радости, без страсти и животна енергија – свет без секс, без добра храна, без накит, без поезија. Сув свет. Безживотен свет. Свет на сиромаштија. Според него, серењето е нечист акт. Јадењето е нечист акт.

Ајде оди објасни му на сиромашниот што не каснал леб десет дена дека јадењето е нечист акт. Како што реков погоре, лесно е да дефинираш што е чисто а што нечисто кога зад куќата те чекаат овоштарници од четиристотини хектари, за секој случај.

Знаеме кој е најголемиот проект на Ганди? Тоа што спои два навидум неспоиви аспекти –  нешто световно, како што е потрага по самсара, духовно ослободување, со нешто сакрално, валкано како што е политиката. Двете ги спои брилијантно и демонстрира како навидум ниту политиката е валкана ниту пак самсара е недостижна. Успеа да лоботомизира милиони луѓе посебно во западниот свет, што ем ги мачи чуство на вина поради тоа што се материјално добро ситуирани и поради тоа што не се помачиле на лице место да истражат која е личноста.

Што е битно каква е личноста сѐ додека ти продава атрактивен спиритуален супстрат, нели? За многумина Ганди претставуваше аватар на Христос и покрај тоа што Христос беше сиромашен кројач а не правник од Лондон, и покрај тоа што Христос се крена против Римската империја а не настојуваше да се спријателува со неа како во случајот на Ганди. Но не можеш да и замериш на спиритуално пијана личност за контрадикциите нели?

Смешна ми е македонската левичарска интелектуала кога тврди дека Ганди е левичар, бидејќи магнум опусот на Ганди беше неговиот Hind Swaraj манифест, што беше забранет во Индија сѐ до 1938 година – од кој друг ако не од социјалистите? Со други зборови неговиот манифест беше премногу капиталистички за индиските социјалисти. Ама не, Ганди е социјалист, точка.

И слично на наш Апасиев во своите маневри, Ганди станува истовремено и левичар и десничар. Во истиот манифест ја воведува таканаречената Индиска спиритуална мапа што (случајно) се поклопи со територијалната мапа на Индија. Со тој потег ги стекнува симпатиите на конзервативната религиозна десница ширум Индија.

И за крај – смешна и одвратна ми е македонската псевдо-интелектуала што го мантра Ганди низ нивните ситни боемски друштва, но ретко кој од нив слушнал или се изјаснил околу Б.Р. Амбеткар, интелектуалниот џин, креаторот на Уставот на Република Индија и воедно најжесток интелектуален противник на Ганди. За разлика од високото потекло на Ганди, Амбеткар беше од кастата на Недопирливите. За разлика од Ганди што глумеше сиромашен и голтар, Амбеткар беше роден голтар, роден во каста што мораше кога чекори по улица да си врзе метла на грбот со цел да го мете патот по кој чекори за да не го загади.

Ганди го опишуваше хиндуизмот и кастинскиот систем како брилијатно цивилизациско достигнување, но за Амбеткар тоа претставуваше кула со повеќе спратови во која нема влез и нема скалила – секој мора да умре во спратот во кој е роден. Ганди го опеваше религиозниот ракопис Manusmriti што воедно упатува дека доколку Недопирлив се осмели да ги слушне зборовите напишани внатре, треба да му се истури стопен восок во ушите – за казна. Амбеткар од друга страна јавно запали копија од книгата, повикувајќи ги своите следбеници – И ние сме луѓе!

Амбеткар беше страстен консуматор на книги и воопшто литература. Но кога и да влезеше во библиотека, вработените му ги фрлаа книгите од далеку не сакајќи да го допрат за да не се загадат. Кога и да влезеше во библиотеката вработените ги креваа теписите од подот за да не бидат загадени од допирот на еден Dalit – Недопирлив. Додека Ганди се фалеше со својата сиромаштија со тоа што живееше полугол, Амбеткар гордо и пркосливо се облече во европски триделен костум веднаш штом можеше да си до дозволи, додека агитираше за правата на неговата каста и за укинување на кастинскиот систем.

Махатма Ганди се смета за критичар на таканаречените кафеави сахиби укажувајќи на „газолижачи“ кон Британската империја, но притоа без проблем го прифати медалот за заслуги во задушување на Африканското движење за независност, што му беше даден од британскиот лорд Hardinge од Penshurst.

Амбеткар, од друга страна, не стапна ни километар близу до британскиот парламент. Но и покрај тоа во македонските псевдо-интелектуални кругови, Ганди се смета за анти-колонијалист.

Кога Ганди беше убиен, Амбеткар беше запрепастен, иако беа закоравени непријатели. По тој повод има изјавено: „Не сакав да умре. Сакав да биде разобличен пред светот“.

(Блаже Аризанов е претприемач и автор. Неговата книга „Белиот трофеј“ е позната во светот на претприемаштвото)