Коалиција за обнова на груевизмот


ЃОРЃИ СПАСОВ

Никола Груевски со својата коалиција „За подобра Македонија“ не успеа во 2016 година да ја задржи власта во свои раце. До крајот на април во 2017-та се обидуваше дури со грубо насилство да ја оневозможи промената на власта, но таа сепак се случи и започнаа промените.

Ширењето страв од „Тиранската платформа“ не ја поколеба новата власт да го донесе Законот за јазиците. Ширењето страв од губењето на идентитетот не ја поколеба новата власт да ги потпише договорите за добрососедство со Бугарија и со Грција и да ѝ го отвори патот на Македонија за членство во НАТО и во ЕУ. А обвинувањата за некаква „албанизација на СДСМ“ не го поколебаа Зоран Заев на своите листи за пратеници, министри и градоначалници да истакне и Албанци, да направи и предизборна коалиција со партии на Албанците за време на локалните избори во октомври 2017 и да има со нив заеднички кандидат за претседател на државата. Со сето тоа тој демонстрираше еден нов модел за социјална кохезија внатре во земјата и со соседите.

Во еден период по промената на власта почна да функционира и Специјалното јавно обвинителство, па по првата пресуда против Груевски тој се даде во бегство а за свој наследник на лидерската функција го именува неговиот соработник и верен следбеник Христијан Мицкоски.

Мицкоски околу себе ги задржа ликовите што го симболизираат режимот на Груевски, „вечните младинци“ Влатко Ѓорчев, Илија Димовски, Антонио Милошоски и сите заедно, во сите досегашни изборни циклуси, од локалните избори преку референдумот до претседателските избори, се трудеа да докажат дека по промената на власта во 2016 година во Македонија за нив настапил „најцрниот период во нејзиниот развој“. Заев, за разлика од нив, водел „антинационална и антинародна политика“ не се почитувале Уставот и законите, како во претходниот период, обвинителствата и судството спроведувале „политички прогон“, економијата пропаднала, а владата ги организирала криминалот и корупцијата наместо да ги спречува како што ги спречувал Груевски. Оттука сите тие заедно решиле на следните избори да настапат со ново име на коалицијата и од Коалиција „За подобра Македонија“ да се наречат коалиција „За обнова на Македонија“ (веројатно, од времето на Груевски), што, всушност, значи коалиција за обнова на груевизмот.

За разлика од нивното поимање на периодот што сакаат да го обноват, со поимот груевизам кај нас се означува оној режим на Никола Груевски кој 11 години систематски спроведуваше „патриотски грабеж“ делеше „револуционерна правда“ преку џокерите во Републичкиот судски совет и „сваровски судството“, ги корумпираше и контролираше медиумите, политички ја инструментализираше историјата и со сопствениот „квазипатриотизам“ од видот „ние сме народот“, „ние сме Македонија“, „името не го даваме“, го подели македонското национално ткиво на „патриоти“ и „предавници“, го продлабочуваше јазот со соседите и ја оддалечуваше земјата сè повеќе од можно членство во НАТО и во ЕУ.

Владата на Заев, откако спаси жива глава на крвавиот четврток од „обновувачите“ се обиде во кусиот рок што го имаше на располагање да поправи нешто од веќе направената штета и со прилично храбри чекори и преземањето голем политички ризик пред неподготвеното јавно мислење во земјава, да ја доведе Македонија до членство во НАТО и до можно добивање датум за започнување на разговори за членство во ЕУ. Премиерите Заев и Ципрас станаа пример во светот за храброста во решавањето на еден децениски идентитетски спор на Балканот, а сега веќе Република Северна Македонија почна мошне често да се посочува како пример на балканска земја која покажала способност да исчекори од децениското „статус кво“ во евроатлантските интеграции преку изнаоѓањето решенија за компликуваните односи со соседите и земја која се европеизира однатре. За да се постигна тоа и да се обезбеди двотретинско мнозинство за промените, Заев мораше да направи и компромис со дел од опозицијата во земјата и свесно преку амнестија, водејќи сметка за повисоките цели на земјата, да жртвува дел од правдата, оставајќи нерешени многу работи на внатрешен план.

И токму кога ја очекуваше големата награда за својот труд од Европската Унија, Франција, од свои внатрешни причини, одби да се согласи за доделување датум за започнување разговори со ЕУ.

По таа одлука, исто како и по ветото на Грција на самитот на НАТО во 2008 година, во земјава е создадено чувство на „измаменост од Европа“. Тоа им оди во прилог на национал-популистите од опозицијата, кои отсекогаш повикуваа на претпазливост од „блудницата вавилонска“ и беа подготвени да докажуваат дека биле во право кога се противеле на потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, дека „наивноста на владата“ довела до загрозување на националните позиции на земјата и дека само со нови и брзи избори на кои ќе биде сменета власта може делумно да се поправат веќе направените штети.

Во такви услови, премиерот Заев и самиот прилично разочаран од одлуката на ЕУ, без многу јасни мотиви, се согласи на предвремени избори за „народот одново да решел во која насока да се движи Македонија“.

За разлика од него, кој смета дека постојат сериозни разлики меѓу власта и опозицијата во однос на тоа во која насока треба да се движи земјата, претседателот на државата, Стево Пендаровски, од разговорот со лидерите на сите политички партии, непосредно пред утврдувањето датум за нови предвремени парламентарни избори, дошол до заклучок дека лидерите на сите политички партии во Македонија демонстрираат „државнички капацитет“. Сите тие, според негова оценка, се за членство на земјата во НАТО и во ЕУ и дека таа стратегиска цел на земјата за ниту еден од нив нема алтернатива.

Од неговите зборови некој би можел да дојде до заклучок дека кој и да победи на следните избори, процесот на нашето интегрирање во НАТО и во ЕУ, ниту еден релевантен политички субјект во земјата нема да го доведе во прашање. Се чини дека тоа сепак е само вербално.

Доказ за тоа фактот што само по два дена од тој состанок, и од таа изјава, веќе се огласи претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, со своите идеи за поништување на Преспанскиот договор, со чие потпишување беше отстранета најголемата пречка за интегрирањето на Македонија во НАТО и во ЕУ. Тој во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ изјави „постојат начини да ѝ се врати на државата старото уставно име ‘Македонија’“. Еден од нив бил Уставниот суд да го прогласи Договорот со Грција за ништовен врз основа на резултатите од референдумот, а вториот е по изборите на 12 април да се создаде двотретинско мнозинство во Собранието кое ќе го смени Уставот и ќе го врати името на државата бидејќи процесот на проширувањето на ЕУ по недобивањето датум за разговори за членство според него е „клинички мртов“. Опозицијата исто така има поведено постапки пред Уставниот суд за поништување на Законот за јазиците, го оспорува Договорот со Бугарија и го блокира донесувањето на законот за јавно обвинителство.

Со овој „државотворен капацитет“ на опозициските лидери кои останаа на нивните функции покрај нарачувањето лустрации за отстранување на „политички неподобни судии“ и правењето криминали, станува јасно за каква обнова ќе се залага опозицијата. А ако успее во тоа, таа обнова ќе доведе сосема сигурно до губење и на членството во НАТО и до напуштање на процесот за членство во ЕУ.

Премиерот Зоран Заев е убеден дека и на изборите во април следната година, ќе ја добие поддршката од граѓаните за продолжување на промените како што ја добил на локалните избори, на референдумот и на претседателските избори. Затоа како човек кој е сигурен дека ќе победи на такви избори, и покрај тоа што има сигурно парламентарно мнозинство и мандат до декември идната година, понуди и прифати распишување на предвремени парламентарни избори „за да се освестела Европа“ и да добиел „чист мандат“.

Сепак, треба да се има на ум дека изборите во услови на разочараност и измаменост на нацијата, на подигнат евроскептицизам и на засилен национализам и суверенизам од страна на опозицијата можат да доведат во прашање низа придобивки од одлуките на сегашната влада. Коалицијата на СДСМ која веќе ја почна својата кампања со слоганот „На прав пат“ ќе биде изложена на силен притисок заради „скршувањата од тој пат“, пред сè во областа на внатрешната политика со аферата „Рекет“ и со други афери што ги отвора опозицијата во време на „слобода од одговорност за ширење лажни вести“. Таа ќе биде повикана на одговорност особено заради тоа што не ја испорача очекуваната правда за украдените милиони евра од проектот „Скопје 2014“, од наместените тендери, масовните злоупотреби на власта во времето на Груевски, нелегалното прислушување, украдените избори, неправедната лустрација и најмногу заради тоа што дозволи најголемите криминалци да ја обвинуваат за криминал и луѓето без морал да посочуваат на нејзиното „неморално однесување“.

Губењето на изборите од страна на Алексис Ципрас во Грција не доведе до значајно нарушување на демократските процеси и на политичката ориентација на земјата бидејќи Грција е веќе одамна стабилна демократија. Евентуалното губење на изборите од страна на премиерот Заев и победа на коалицијата за обнова на груевизмот, може да доведе до серозно враќање на земјата назад и до губење на меѓународниот углед и поддршка. Дали ќе биде можно да се зачува прогресивното мнозинство во земјата на следните избори и покрај големата меѓународна поддршка што ја има е тешко прашање на кое може сега да се одговори.

Премиерот Заев со право вели дека ќе нè биде, ако нè бива. И токму на тоа прашање ќе одговараат граѓаните на изборите. Ќе оценуваат: Дали нè бива, кого го бива и за што го бива?