Ќе се врати ли во живот ТЕЦ „Неготино“ со американски пари

Изјавата на премиерот Заев дека „Џенерал електрик“ е заинтересиран за ТЕЦ „Неготино“ поттикна многу многу надежи околу иднината на термоцентралата која служи како ладна резерва на домашниот електроенергетски систем 

 

Мирче Јовановски

Енергетскиот објект во срцето на Македонија, термоцентралата „Неготино“ би можел да се разбуди од повеќегодишната хибернација и повторно да заживее во вистински американски сон, доколку се реализираат најавите дека големиот конгломерат „Џенерал електрик“ би можел да инвестира во централата, а мазутот ќе го замени со гас.

„Дефинитивно очекуваме инвестиции за големи проекти кои што ќе дојдат и надвор од државата. Во моментов преговараме за гасни електрани со ‘Џенерал електрик’, поголеми од 800 мегавати кои сами по себе се 400 милиони евра. Дел од продажбата ќе биде и ТЕЦ ‘Неготино’ каде што очекуваме јавно приватно партнерство, или целосно продавање од страна на државата, заради инвестиција на гасна централа, која што во иднина исто би била димензионирана на централа на хидроген“, изјави завчера премиерот Зоран Заев при презентирање на Предлог-буџетот за 2021 година, откако овој документ беше усвоен на владина седница.

Оваа изјава на премиерот поттикна многу прашања околу иднината на термоцентралата и која освен производство на електрична енергија кога работи, претставува и голем извор на загадување поради енергенсот што го користи – мазутот.

Делумно поради тоа, а повеќе заради нерентабилното производство, ТЕЦ „Неготино“ со години е надвор од функција (последните 11 години не е во производство) и преставува ладна резерва на македонскиот енергетски систем. Се вклучува само во крајна нужда, кога треба да се покријат потребите кои инаку не можат да се обезбедат од домашните капацитети или со увоз на електрична енергија.

Изградена во далечната 1978 година ТЕЦ „Неготино“ со моќност од 195 мегавати (максимално 215 мегавати – речиси колку еден блок на РЕК „Битола) е вистински „голтач“ на мазут – дневно може да преработи 1.200 тони од ова нееколошко и скапо гориво и да произведе 4.680 мегават-часови електрична енергија, доволно да се задоволат 20 отсто од домашната потрошувачка на струја.

Но, и покрај тоа, термоцентралата во изминатите години буквално хибернира, бидејќи мазутот како гориво е скап, а со тоа и произведената струја што го прави нејзиното рабоење нерентабилно. Дури и да се тргнат на страна еколошките аспекти – цената на струјата е толкава што повеќе се исплати таа (струјата) да се увезува, наместо да се стави во погон термоцентралата, велат енергетичари.

Од друга страна, нејзиното чување како ладна резерва повлекува и ангажирање на голем број вработени – над 200 лица, што сето заедно ја чини државата (односно ЕСМ и МЕПСО) годишно околу 3 милиони евра. За овие четириесетина години колку што постои произлегува дека до сега се издвоени огромни 120 милиони евра.

Енергетичарите велат дека единствен период кога може да се каже дека била рентабилна е во почетокот на овој век, кога неколку години била дадена под наем на соседна Грција. Исто така, термоцентралата била во погон и претходно, до 1989 година, но со негативен придонес во вкупната цена на електричната енергија на домашниот пазар.

На прашањето дали се водат преговори со „Џенерал електрик“ и кога може да се очекува да инвестираат кај нас, вчера премиерот Заев не одговори конкретно, туку посочи дека за ТЕЦ „Неготино“ се обезбедува потребната документација.

„Документацијата ќе се изработи во следните неколку месеци“, рече Заев.

Станува збор за длабинско снимање на капацитетот, односно „дју дилиџенс“ и физибилити студија што треба да покаже дали ќе се оди на продажба или ќе се избере моделот јавно-приватно партнерство, согласно домашните закони.

„Верувам дека навремено ќе ги завршиме овие постапки затоа што без разлика дали опстојува ковид кризата или одминува, ние мислиме дека треба навремено да ги спроведеме, пред сѐ заради ефикасноста на самите институции. Тоа се наши домашни потенцијали кои што можат да растат и да бидат навистина европски и кои што ќе можат да го зголемат домашниот бруто-производ, да осигураат плати за вработените и нови работни места и да бидат конкурентни на пазарот“, рече вчера Заев зборувајќи за намерата на Владата покрај ТЕЦ „Неготино“ да ги приватизира и Пошта, МЖ Транспорт и други компании каде што таа се јавува како сопственик.

„Секако постои огромен интерес. Го издвојувам ТЕЦ ‘Неготино’, има огромен број компании кои што се заинтересирани заради географската локација, заради постојната можност да се искористи дел од системот во термоцентралата“, рече Заев.

Тој вчера не го спомена „Џенерал моторс“, но енергетичарите не ја исклучуваат таа опција, иако има и такви кои велат дека македонскиот пазар е мал за една толку голема компанија.

Инаку, дебатите за промена на енергенсот кој го користи ТЕЦ „Неготино“ за производство на електрична енергија траат одамна – практично речиси од нејзиното пуштање во работа во 1978 година. Направени се многу студии во кои се разгледувале економските и другите аспекти и можноста да се користи јаглен или гас, но до сега не е дојдено до решение.

Сите се согласуваат дека е добра намерата ТЕЦ „Неготино“ да се продаде или да се влезе во процес на јавно-приватно партнерство бидејќи овој капацитет изграден со руска технологија само прави трошоци. Сега, кога се гради гасната инфраструктура (гасоводот од Клечевце до Неготино), а уште повеќе со идното приклучување на Македонија кон гасоводот што минува низ Грција, односно изградбата на интерконекторот и можноста гас да се добива и од други извори, меѓу кои и американски преку ЛНГ терминалот на Александропулис, оваа ваквата можност станува сѐ пореална, велат нашите соговорници. Во целата таа постапка ќе се искористи постојниот објект, но најверојатно турбините ќе се заменат со целосно нови.

Главниот предизвик е потрошувачката на електричната енергија што ќе се произведе, бидејќи секоја компанија сака да има јасни информации каде ќе се пласира барем за наредните пет до 10 години. Особено кога станува збор за капацитет од 800 мегавати, што е повеќе од трите блока на РЕК „Битола“.

„Не треба да се гледа само пазарот во нашата земја, туку и во регионот, пред сѐ Грција, Албанија и Косово, каде што исто така може да се продава електричната енергија, а преку подводниот кабел со кој се поврзани Грција и Италија, тој пазар се проширува и на Апенинскиот полуостров“, велат енергетичари.

Ако до пред една година дискусиите со компании – потенцијални инвеститори завршувале со констатација дека македонскиот пазар е мал и поради тоа неатрактивен, актуелните процеси за регионално поврзување, но и зголемено американско присуство во регионот, особено на економски план, можат драстично да ја променат сликата, сметаат тие имајќи ги предвид најновите енергетски иницијативи.

Инаку ТЕЦ „Неготино“ не е во состав на Електрани на Северна Македонија (поранешно ЕЛЕМ), туку дејствува како независен правен субјект. Парадоксално, но иако не работи и не произведува електрична енергија, компанијата има профит. „Фактор“ неодамна објави дека оваа „ладна резерва“ на домашниот електроенергетски систем лани добила 3,15 милиони евра од ЕСМ и од МЕПСО, од кои 2,2 милиони евра биле потрошени за плати на 212 вработени, па компанијата дури на Владата ѝ исплатила и дивиденда од речиси 100.000 евра. Ланската добивка била 174.000 евра.