Ќе се повторат ли изборите од 2006 година?

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во својата кампања го користат истиот обрзаец од кампањата во 2006 година. Прашање е дали СДСМ ќе ги повтори грешките од тоа време


СДСМ и владината коалиција ја добија преговарачката рамка за започнување разговори за членство во ЕУ со услов да бидат внесени Бугарите во Уставот, и заедно со тоа  ги добија пофалбите од земјите членки на Унијата дека се тие проевропска коалиција во земјава.

Слично нешто се случи и во 2005-та година, кога тогашниот СДСМ предводен од Владо Бучковски и тогашната владина коалиција, во која за прв пат беше ДУИ на Али Ахмети, можеа да се пофалат дека земјата под нивно раководство доби статус на кандидат за членство во ЕУ, а со тоа и комплимент дека се проевропски сили во земјава. Земја претседавач со ЕУ тогаш беше Велика Британија, а нејзиниот премиер Тони Блер не се воздржуваше да каже дека доделениот статус на Македонија на земја кандидат за членство во ЕУ треба да биде и награда за имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, да ја охрабри во натамошните напори за изнаоѓање решение околу разликите за името со Грција и да ја стабилизира пред очекуваното прогласување на независноста на Косово во 2008 година.

Владата на Бучковски тогаш очекуваше дека добивањето на тој статус ќе ја зголеми подршката на избирачите на наредните избори и затоа прифати да бидат организирани предвремени парламентрани избори во јуни, наместо редовните во септември таа година.

Но, сметката на СДСМ не излезе како што се очекуваше.

На тие избори колицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За подобра Македонија“ освои 304 илјади гласови и формираше влада, а коалицијата на СДСМ, „За Македонија заедно“ освои само 218 илјади гласови и отиде во опозиција.

Која беше причината за тоа?

Една година пред тоа, на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ, за прв пат предводен од  Никола Груевски, однесе прилично убедлива победа на локалните избори, освојувајќи го и Скопје со независниот кандидат Трифун Костовски.

Зацврстувајќи ја својата власт во големите општини, како што сега тоа го прави и Христијан Мицкоски, Груевски пред изборите во 2006 година водеше кампања со  ветување дека нема да прави влада со „терористите на Ахмети“, дека нема да прави компромиси за името на државата, ќе го заштити македонскиот национален идентитет и дека ќе се справи со корупцијата на власта. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше за корупција со продажбата на ЕСМ, за тенковски делови, за аферата „Телеком“ и за други афери поврзани со власта.

Денес Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во својата кампања го користат истиот обрзаец од кампањата во 2006 година.

Прво – Ветуваат дека ќе направат влада без ДУИ, со цел да се спасела земјата од нејзината корумпираност и политички уцени. Обвинувајќи го СДСМ дека само заради останување на власт им ја препуштил целосната политичка контрола на Албанците од ДУИ, Мицкоски обвинува за опасност од албанизација и косовизација на Македонија и бара поголема подршка на изборите за да може да формира влада без ДУИ и без уцени од Албанците.

Второ – Се противи на промената на Уставот и внесувањето на Бугарите во него, со образложение дека ако се случи тоа, со дозвола на оваа власт ќе биде загрозен македонскиот национален идентитет и ќе се случи процес на бугаризација на Македонија.

И трето – Се користи антикорупциската реторика, обвинувања за корупција, богатење на лица од власта, афери, злоупотреби на службената положба како доказ дека власта само на зборови е проевропска, но во суштина спроведува политики спротивни на европските вредности.

Изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ која е веќе започната, реално се темели на користење антиалбанска реторика, која ќе го јакне албанскиот национализам во земјава, антибугарската реторика која е стимулирана и со провокации од бугарските државни функционери и од нивните клубови во земјава, антикорупциска реторика која треба да ги претстави како праведници; и користење на висока доза евроскептицизам врз основа на изневерените очекувања од ЕУ, нејзината подложност на бугарските барања и сомневањата во способноста да ги исполни нејзините ветувања.

СДСМ и партиите од парламентраното мнозинство кои сметаат дека го претствуваат европскиот фронт во Македонија, не треба да се надеваат дека ако не поминат уставните амандмани тогаш на следните избори главната тема во изборната кампања ќе биде: „Кој е за Европа, а кој против неа“. Напротив, опозицијата ја има веќе поставено сцената на која македонските националисти веќе расправаат на темата „Кој е за Македонија, а кој против неа“.

На следните избори партијата на Максим Димитриевски ќе се обиде да ја одигра улогата од 2006 на НСДП на Тито Петковски, а Левица ќе ја игра улогата на Љупчо Георгиевски, па резултатот на изборите може да биде сличен на оној од 2006 година. Ако опозициските Беса и Алтернатива освојат пристоен број пратеници Мицкоски можеби ќе може како и Груевски во 2006 да направи за кус период влада без ДУИ, по што одново ќе гледаме некој мајски договор и одново ќе ја видиме дружината „Братско стебло“.

Прашањето е дали мора да се повторуваат работите.

Секако дека не мора. Услов за тоа е СДСМ да не кажува постојано дека „Ние сме Европа“, туку да покажува дека води политика во сите области од животот со која поуспешно се брани македонскиот национален идентитет и интерес. СДСМ е граѓанска, но не е помалку македонска партија од ВМРО-ДПМНЕ.

Ако сака успех на следните избори СДСМ мора јасно да претстави платформа или политика со која ќе ја предочува, па и докажува штетноста на моделот за заштита на македонскиот национален идентитет што го нудат македонските националисти и популисти. Ако СДСМ не ги претстави јасно и консеквентно неговите ставови дека политиката на националистичката опозиција води кон еден вид „македонски брегзит“ уште пред Македонија да стане членка на ЕУ, тогаш може да ги изгуби изборите, а „македонскиот брегзит“ и навистина да се случи.

Тоа туркање на Македонија надвор од Европа се прави со програма на левите популисти (Левица и Максим Димитриевски) и десните популисти (ВМРО-ДПМНЕ), и таа се разманвува под слоганот „Да си ја вратиме контролата назад“.

Во време кога Европската унија говори за забрзано проширување и потребата од солидарност во заедничката надворешна политика, тие продаваат идеологија на „суверенизам“.

За нив „бриселските бирократи“ се само бледа слика на „блудницата вавилонска“ од 19. век која го изневерила македонскиот народ,  бугарскиот империјализам е под заштита на ЕУ, а Албанците ја користат разединетоста на македонскиот народ за да станат вистинската власт во земјава.

Затоа тие говорат дека треба да се води политика без компромиси, ветуваат дека има моќ преку отпор Европа да ја смени својата политика, говорат за правда која била на наша страна, за предавство на националните интереси кое било извршено од неукост и од подаништво на власта кон соседите и ЕУ, и дека треба „да се крене рачна“, не треба да се брза сѐ додека не добиеме попристојни предлози и гаранции за членство во ЕУ. А ако не добиеме попристојни предлози и гаранции тогаш ќе бараме друга алтернатива на членството во ЕУ.

Тие не кажуваат колку долго ќе чекаме за попристојни предлози и гаранции, ниту која е другата можна алтернатива и дали е тоа можеби моделот на Швајцарија на Балканите или БРИКС или Евроазиската унија. Тие само знаат дека „треба да си ја вратиме контролата назад“.

А еднаш веќе ја имаа целосната контрола на нашите животи во нивни раце. И видовме како ја користеа. Сега со истиот трик одново сакаат власт и ништо повеќе. Сѐ друго е само приказна за мали деца. Веќе видено и еднаш преживеано.

Мицкоски дури вели дека ЕУ станала заложник на руската политика на Балканот преку Бугарија. И на ВМРО-ДПМНЕ не му останува ништо друго освен да се бори против руската политика на Балканот со тоа што ќе се спротивстави на нејзиниот промотор – а тоа била ЕУ.

Денес во Велика Британија се случуваат протести на кои се разобличува заблудата од „Брегзит“, се откриваат манипулациите на десниот и левиот популизам, на влијанието на Русија во ширењето на „идеологијата на суверенизам“, и станува јасно колку деструктивни можат да бидат кампањите за суверенизам во секоја земја и дека секаде водат кон воспоставување на авторитарни и недемократски режими.

Може ли Македонија да си го дозволи својот сопствен „брегзит“. Многу експерти со право за многу работи ја критикуваат власта. Но прашање е дали гледаат што се валка зад завесата и што може да ѝ се случи на земјава „од најдобри намери“.

Постои реална опасност тркалото на промените да се врати во минатотот и во име на некакво „враќање на контролата назад“, власта да ја преземат левите и десните популисти кои ќе водат авторитарна и антиевропска политика. Едно од решенијата за да се спречи враќањето на радикалниот популизам е формирање предизборен фронт за демократска Македонија.

(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор и поранешен амбасадор)