Ќе платиме 20 милиони евра повеќе за камати: Филипче го критикува новото задолжување на Владата
Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција изјави дека државата ќе треба да плати 20 милиони евра повеќе поради новото задолжување од 260 милиони евра, кое е по понеповолни услови од претходното на почетокот на годинава, направено преку издавање еврообврзница. Тој посочи дека во стратегијата за оваа година, според министерката за финансии, било планирано да се земат 1,3 милијарди евра, како и дека при издавањето на еврообврзницата кога се задолживме за милијарда евра на почетокот на годината, биле на располагање близу 2 милијарди евра со поповолна каматна стапка од сегашното задолжување, во кое се барани 300, а се добиени 260 милиони евра.
„Се поставува прашањето, зошто Министерството за финансии по поповолни услови, кога е земена милијардата евра на почетокот на годината со издадената еврообврзница, не земале 1,3 милијарди евра, туку земале по поповолни услови само милијарда евра, а овие дополнителни 300 милиони по понеповолни услови, за вкупната сума во камати која што државата ќе ја плаќа на одобрените 260 милиони евра сега се зголемува за околу 20 милиони евра“, рече Филипче.
Тој додаде дека поради стратегијата да не се земат 1,3 милијарди евра преку еврообврзница, туку се земала милијарда евра, а сега по понеповолни услови се земаат 260 милиони евра, државата повеќе должи по основ на камата дополнителни 20 милиони евра.
„Се поставува прашањето кој ќе понесе одговорност за ова, дали министерката за финансии може ова да го објасни“, рече Филипче.
Според него Буџетот е пред колапс, а Владата е фокусирана да најде нови извори за задолжувања, при што, како што рече, генериран е нов долг од 2,5 милијарди евра.
„Јавниот долг е зголемен за само две години, генериран е нов долг од 2,5 милијарди евра, пари коишто ќе ги враќаат којзнае колку следни генерации. Последното задолжување на коешто сакам да обрнам внимание од 260 милиони евра, а за чијашто работа во Собранието, пратеничката група на СДСМ, кажавме дека нема да учествуваме, е само уште еден индикатор во прилог на ова што го говорам. Имено, иако е најавено дека побарале 300 милиони евра, од конзорциум на банки, Министерство за финансии, Владата добила 260 милиони евра. Значи, првпат не се добиени пари, толку, колку што Владата има потреба или колку што барала. На што укажува ова? Едноставно, дека рејтингот во очите на банките на државата паѓа и дека постепено влегуваме во групата на земји што имаат ризичен кредитен рејтинг“ – истакна Филипче.
Зборувајќи за новото задолжување тој праша зошто точно не се наведува каде ќе одат овие пари?
„За што се потребни? За какви трошоци? Влегуваат ли овие пари во некои проекти што на државата и овозможуваат раст на продуктивноста, во капитални објекти, нешто што утре полесно ќе ги исплаќа овие пари. Едноставно, не. Овие пари се земаат за тековни трошоци и како што веќе знаете, партиски тендери“, рече Филипче.
Тој истакна дека смислата на функционирањето и на работењето на владата е да се обезбедат подобри услови за живот на граѓаните и додаде дека по скоро две години од Владата на Христијан Мицкоски условите не се подобрени
„Со празни џебови, со празни фрижидери, со секојдневна борба да се преживее од први до први. Две години од владата, нема напредок на ниту едно поле, а најголемо потфрлање има во економијата и во животниот стандард. Со Мицкоски на власт се случува економска катастрофа. Нема пари за поголеми плати и пензии, нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра. Нема пари за земјоделците. Не само што нема зголемување на субвенциите, има намалување, а, замислете, дел од субвенциите, дел од земјоделците треба да вратат исплатени субвенции за 2024 година“, рече Филипче.
Според претседателот на СДСМ, нема ниту мерки да се заштитат граѓаните во услови на криза.
„Синдикалната кошничка достигнува речиси 69 000 денари. Ниту три минимални плати практично не се доволни да се покрие оваа кошничка, а Владата ја крати или крати продуктите што влегуваат во кошничката“, посочи Филипче.
Тој рече дека околу 160 000 работници земаат плата до 30 000 денари и тоа не е доволно да се надмине прагот на сиромаштијата во просечното македонско работничко семејство.
Филипче додаде дека поради тоа и говорат за Европа, затоа што граѓаните сакаат систем, предвидливост, заслужуваат грантови коишто нема да ги враќаме по којзнае колкави каматни стапки.
„Доколку Владата добро работеше, изминатите две години на реформската агенда и доколку се сработени и се донесоа во Собранието – реформските закони, за коишто имаше патоказ тоа што треба да се направи и како треба да се направи, немаше да добиеме само 65 милиони евра. Ќе добиевме околу 200 милиони евра. Значи можеби пола од овој втор заем, земен по многу неповолни услови, воопшто немаше да требало да го земеме“, рече Филипче.
Според него не е точно тврдењето на Владата дека сме први во регионот.
„Ако ние имаме десет ниви за орање, а Црна Гора три и сработиле две од три, а ние три од десет, џабе се фалиме дека сме сработиле повеќе од Црна Гора, затоа што суштината е, дека, не сме ја сработиле добро, домашната задача. И тоа само укажува на немање капацитет на премиерот, на немање на знаење, ниту пак вистинска волја, да тука се направи што треба, да се почне европскиот пат, да се сработат реформите и конечно, да го добиеме тоа што со децении го заслужуваме, а тоа е полноправно членство во Европа“, изјави претседателот на СДСМ.