Едно од поголемите финансиски друштва остана без дозвола за работа, граѓани биле доведени во ризик
Министерството за финансии одзеде дозвола за работа на едно од поголемите финансиски друштва на пазарот, откако со вонреден надзор спроведен по пријава од граѓанин биле утврдени сериозни повреди на законски обврски.
МФ информира дека надзорот утврдил грубо прекршување на законските прописи, постапување спротивно на правилата за заштита на корисниците и практики со кои директно биле доведени во ризик граѓаните – корисници на финансиски услуги.
Поради тежината на утврдените прекршоци и сериозноста на констатираните неправилности, се додава во соопштението, МФ овој месец донесе решение за одземање на дозволата за работа на финансиското друштво.
-Министерството за финансии и во 2026 година продолжува со засилени теренски и вонтеренски контроли над финансиските друштва. Во досегашните надзори се констатирани повеќе неправилности, при што од почетокот на годината па досега се изречени 22 глоби за 16 друштва, како и 23 писмени наредби за отстранување на утврдените неправилности, се вели во соопштението.
Паралелно со контролите, Министерството подготвува и законски измени со кои дополнително ќе се заострат условите и критериумите за работа на финансиските друштва.
-Целта на законските измени е да се намали ризикот од прекумерно задолжување кај граѓаните, да се обезбеди поголема заштита на потрошувачите и да се зголеми транспарентноста и одговорноста во работењето на финансиските друштва. Министерството за финансии ќе продолжи со интензивни контроли и ќе ги презема сите расположливи мерки согласно закон, со цел заштита на граѓаните и спречување на непочитување на законот – се додава во соопштението.