Катрин Денев ќе објави книга за нејзиното холивудско алтер его, Мерилин Монро
Париз – Француската актерка Катрин Денев (82) ќе објави книга во среда во која го опишува своето длабоко восхитување од Мерилин Монро, која ја смета за свое холивудско алтер его, објавија денес француските медиуми.
Во фото-книгата насловена „Драга Мерилин“, Денев открива колку и се восхитува на Мерилин, за која вели дека била „многу добра актерка“, покрај митот и гламурот што ја опкружуваат оваа американска ѕвезда родена пред 100 години.
Во книгата, француската актерка детално опишува зошто ја сака Мерилин, „најубавата појава видена некогаш на екранот“.

„Штом се појавува на екранот, таа ве заслепува. Сè е таму – квалитетна кожа, очи, глас, слатка нежност, одредена лежерност“, пишува Катрин Денев во книгата, во која коментира околу сто фотографии од американската актерка избрани од колекционерот Себастијан Кошон.
Катрин Денев никогаш не ја запознала Мерилин Монро, родена на 1 јуни 1926 година, но, како што вели самата, ги има гледано сите нејзини филмови, меѓу кои нејзините омилени се „Господата претпочитаат русокоси“, „Седум години верност“ и „Некои го сакаат тоа жешко“.
„Никогаш не можев да го доживеам она што го доживеа таа. Никогаш не ме прогонуваа папараците како што беше таа“, вели Денев, додавајќи дека Мерилин, која почина на 4 август 1962 година на 36-годишна возраст, „беше многу свесна за својот имиџ и начините на кои можеше да го искористи“.
Мерилин всушност беше многу модерна, заклучува Катрин Денев.