„Дни оловни“: Нова песна на „Архангел“ во пресрет на големиот самостоен концерт (видео)
Повеќе од 20 години по нивниот последен студиски албум, македонскиот рок-состав „Архангел“ официјално се враќа со нова музика. Со објавувањето на синглот „Дни оловни“, чиј автор на музиката и текстот е фронтменот Ристо Вртев, бендот го најавува своето петто дискографско издание во пресрет на големиот самостоен концерт „Срцевина“, закажан за 13 јуни на Стадионот на АРМ во Скопје.
Звукот и лириката на „Дни оловни“ носат специфична тежина и симболика. Песната концептуално го поврзува почетокот на 44-годишната кариера на Вртев со нејзиното денешно продолжение. Песната е одраз на уметничката зрелост на авторот, притоа задржувајќи ја во целост бескомпромисната автентичност на музичкиот и лирскиот израз којшто е заштитен знак на „Архангел“. Преку овој континуитет, „Архангел“ докажува дека остриот израз на бендот останува подеднакво релевантен и денес.
Овој сингл е снимен, миксан и мастериран во скопското студио „Клиник саунд (Clinic Sound)“ на Нино Спиркоски, а звук-дизајнот е на Марко Миличевиќ.
Објавувањето на „Дни оловни“ претставува вовед во новото музичко поглавје на бендот пред средбата со публиката. На концертот, покрај генерациските хитови од досегашната дискографија, „Архангел“ премиерно ќе изведат и дел од новите композиции во живо.
Снимањето и издавањето на новиот албум, како и организацијата на концертот, се реализира под капата на издавачката куќа „Адријатика рекордс (Adriatica Records)“. Влезниците за концертот „Срцевина“ се достапни на интернет и преку нивната продажна мрежа низ цела Македонија.