„Удри ме силно и нежно“ на Били Ајлиш го маѓепса Скопје – 3Д концерт прв пат режиран од Џејмс Камерон
Скопје не е само политика, има понекои светли точки
Скопје не е само политика, интерес, муабети со навредлив тон, со смрад на ѓубре на секој чекор или моќни луѓе во фолк транс, има понекои светли точки, кои не се само спомени на едно убаво време или драги луѓе кои веќе ги нема или исчезнале од вашата околина.
Синоќа, во Синеплекс, тоа беше концертниот филм „Удри ме силно и нежно“ на американската поп-ѕвезда и мулти-добитничка на Греми, Били Ајлиш, во ЗД, кој трае околу 114 минути, и е снимен од режисерот на „Аватар“ и „Титаник“, Џејмс Камерон (заедно со Ајлиш) за време на концертите во Манчестер од истоимената турнеја “Hit Me Hard and Soft” во 2024-2025 година.

Отидов од љубопитство, ја следам нејзината кариера како новинар, а излегов од концертот препородена и вчудоневидена од неговата магија и од 3Д кино – искуството, пред се, заради чувството дека „си внатре на концертот“, со многу динамични агли, близок контакт со публиката, која истовремено снима со мобилките, ги пее песните од почеток до крај, плаче или вреска од среќа, и визуелно импресивните сцени и совршен звук. Искуство за кое ни во светски рамки не може да се дојде до билет и да се види музичкиот спектакл во живо, или да се допре Ајлиш. Просечниот билет за концерт на Били Ајлиш чини од 100-300 долари, во близина на бината уште поскапи. Во Синеплекс билетот чини околу 500 денари, зависно од типот на седиштата.
Филмот беше технички спектакуларен, ја комбинираше совршената изведба на Били Ајлиш со глас како кадифе, исполнета со хитови, и брзи и балади, со таман интимни и рефлективни моменти надвор од сцената.
Ајлиш (24), пред премиерата на филмот во Лондон овој месец, изјави дека соработката со Џејмс Камерон, кое ова му е прво искуство како режисер на музички концерт, била „целосен сон“.
17 камери, понекогаш управувани од Камерон, ја снимаа Ајлиш додека се подготвува да излезе на сцената, го загрева гласот, става ленти за глуждови и нанесува шминка. Во потивки моменти, со поддршка од режисерот, таа отворено зборува за потеклото и мотивациите зад нејзината изведба, стил и облека.
„Повеќе навлегува во нејзиното срце и ум, во нејзината креативна душа и во нејзиниот однос со нејзините обожаватели и што тоа значи за нив“, рече Камерон. „Мислам дека е доста искрено, а музиката и изведбата се одлични“, рече тој.
„Искрените моменти зад сцената беа идеја на Камерон“, рече Ајлиш.
Ова е вториот концертен филм на Били Ајлиш, по успешните турнеи на суперѕвездите Тејлор Свифт и Бијонсе, кои доминираа на кино благајните и ја зголемија посетеноста.
Били Ајлиш го погоди светот на музиката како бура, заедно со нејзиниот постар брат , Финис О’Конел, кој соработува со Били за речиси секоја нејзина песна и е главниот продуцент на нејзините најголеми хитови. Тој, на големо изненадување на публиката, на концертниот филм „Удри ме силно и нежно“ , за две песни, и се придружи на Ајлиш на сцена и предизвика овации.
Тие се автори и на насловната песна за 25.филм за Џејмс Бонд, „Не е време за умирање“од 2020 година, и е најмлада изведувачка на песна за омилениот таен агент. Песната доби разни признанија, вклучувајќи ја наградата Греми за најдобра песна напишана за визуелни медиуми, наградата Златен глобус за најдобра оригинална песна, наградата за филмски избор на критичарите за најдобра песна и Оскар за најдобра оригинална песна, што ја прави трета во историјата и трета последователна тема на Бонд што ја освоила наградата Оскар (по „Skyfall“ од истоимениот филм на Адел во 2012 година и „Writing’s on the Wall“ од Spectre на Сем Смит во 2015 година). Ајлиш стана првата личност родена во 21 век што освоила Оскар.
Според Форбс, нето вредноста на поп-ѕвездата се проценува на околу 53 милиони долари, а бројката постојано расте. Нејзините приходи доаѓаат од повеќе извори: нејзината турнеја во 2019 година ѝ донесе 18 милиони долари, нејзината турнеја во 2022 година ѝ донесе 131 милион долари, а нејзината сегашна турнеја Hit Me Hard and Soft се очекува да заработи огромни 300 милиони долари. Пејачката, исто така, заработува пари од продажба на музика, документарец за Apple TV+ кој се продаде за 25 милиони долари и сопствена линија парфеми, која донесе уште 60 милиони долари.
Л. Сабит