Катар бара од ФИФА Мундијалот да почне ден порано


Традицијата Мундијалот да биде отворен од домаќинот или актуелниот шампион според сегашниот календар треба да се урне. Тоа не им се допаѓа на домаќините кои побараа од ФИФА да направи промена во календарот.

Мундијалот во Катар треба да почне на 21 ноември во 13 часот по локално време со натпреварот помеѓу Сенегал и Холандија. Тука не би имало ништо необично доколку едната или другата репрезенатција беше актуелен шампион или домаќин. Затоа, Катар испрати официјален допис до ФИФА во кој бара разбирање и промена на календарот, односно нивниот натпревар против Еквадор наместо на 21 ноември во 19 часот да биде поместен за истиот термин, но ден порано, на 20-ти. Така Катар би ја задржал традицијата свеченото отворање да биде на натпревар на домаќинот или актуелниот шампион, а другите репрезентации не би трпеле промени и би играле во закажните термини на 21.

Според британски The Athletic, ФИФА е подготвена да го прифати барањето на Катар со цел да им удоволи на богатите организатори, но и да си ја зачува сопствената традиција.

Она што е чудно е тоа што календарот беше направен уште на 1 април годинава, веднаш после жрепката. Прашањето е зошто Катар реагира дури сега кога одамна знаеше дека неговиот натпревар ќе биде дури трет на денот на отворањето (по Сенегал – Холандија од 16 часот следува Англија – Иран од Б групата).

Згора на тоа, Катарците уште во декември 2010 година дознаа дека токму тие ќе го организираат Мундијалот во 2022 година, па дури 12 години им беа потребни да им текне дека тие би требало да играат на отворањето.

Информацијата дека ФИФА планира да го прифати барањето на Катар наиде на жесток револт кај фудбалската јавност, особено меѓу навивачите на Еквадор. Имено, овие навивачи доаѓаат од далечна земја и повеќето веќе имаат купено авионски билети и смештај со план дека нивната репрезентација игра на 21, а не на 20 ноември.

Сепак, одлуката не е само на ФИФА. За ваква голема работа следува гласање и тоа на посебно тело при ФИФА кое го сочинуваат Џани Инфантино (претседател на ФИФА) и претседателите на сите шест континентални федерации (УЕФА, АФЦ, ЦАФ, ОФС, КОНКАКАФ и КОНМЕБОЛ).