Кастеланета: Западниот Балкан предолго чека, процесот за ЕУ мора да се симплифицира

Земјите од Јадранско-јонскиот регион дадоа цврста поддршка за независна палестинска држава, иако оваа македонска влада досега не застана цврсто зад неа


„Западен Балкан не може да биде оставен настрана од интеграцијата во Европската унија. Земјитe во регионот чекаат од Солунскиот самит во 2003 година“, порача генералниот секретар на Јадранско-јонската иницијатива, амбасадорот Џовани Кастеланета на денешниот форум на Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот Регион (ЕУСАИР), што се одржува во Скопје.

Според него, одлагањета и неизвесностите во процесот на проширување не доаѓаат без цена.

„Проширувањето на ЕУ не е технички процес туку стратегиски и политички избор.Тоа е инвестиција  во иднината на ЕУ“, потсети Кастеланета, порачувајќи дека одлагањета и неизвесностите во процесот „креираат фрустрации, ја намалуваат довербата во процесот и водат кон изложеност на други влијанија кои не секогаш се на линија со европскиот проект“.

„Проширувањето многу често се гледа како бавен, бирократски и непредвидлив процес. Затоа, ЕУ треба да дејствува со поголема јасност и решителност, како и со забрзување и поедноставување на преговорите. Притоа на три елементи треба да се обрне посебно влијание“, порача Кастеланета, набројувајќи ги: одалечување на ЕУ од носењето одлуки со консензус и повеќе гласање со квалификувано мнозинство, поголема флесибилност во однос на формите на  интегрирање и  отворање простор за создавање на  т.н. „коалиција на заинтересирани“ земји –  за тие што сакаат поцврста соработка во одредени сфери или за одредени прашања.

Иако тој го оцени како целосно оправдано настојувањето Украина и Молдавија да станат што побрзо членки на Унијата, запоставувањето и оставањето настрана на земји од Западниот Балкан  го виде како причина за можна дестабилизација на регионот  и за намалување на довербата  во европскиот проект.  Затоа тој цврсто се заложи за прифаќање на иницијативите за градуално членство на земјите од регионот преку вклучување во разните структури и  политики на Унијата. 

Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски  порача дека проширувањето на ЕУ е геостратешки приоритет е од суштинско значење за регионот и дека како претседавач нашата држава го промовирала и туркала низ Јонско-јадранската иницијатива. Ние, рече Муцунски, сакаме процес на пристапување заснован врз основа на заслуги истовремено извршувајќи усогласување со европските стандарди.

„ На почетокот на нашето претседателство се обврзавме на многу јасна визија – да ја зајакнеме регионалната обединетост со перспектива кон европската иднина. Сега може да се види дека ова било преточено во значаен напредок. Ова нема да биде само платформа за дијалог, туку и момент на реализација. Во изминатата деценија работвме заеднички да ја зајакнеме соработката како двигател на евроинтеграциите. Ставивме особено силен акцент врз неевропските земји од нашиот регион кои се блиски до Европската унија со активна поддршка од земјите членки во рамки на ЕУСАИР. Сето тоа е преточено во Скопската декларација и тие обврски се сведошства за нашите заложби“, рече Муцунски.

Вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали исто така сметаше дека „ ЕУСАИР не е само регионална платформа за соработка, туку конкретен мост кон постепена европска интеграција“.

„Во време на сериозни геополитички и економски предизвици, на регионот му се потребни повеќе координација, поголема поврзаност и повеќе заеднички инвестиции“, рече Сали.

За градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, регионалната соработка во време на брзи промени, геополитички предизвици, економски притисоци и демографски трансформации, повеќе не е избор, туку неопходност.

Учесниците на министерскиот состанок на Јадранско-јонската иницијатива усвоија и т.н. Скопска декларација со која порачаа дека проширувањето на ЕУ останува витална геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот и дека е многу важно процесот да биде „кредибилен, предвидлив и базиран на заслуги за земјите-кандидатки“. Притоа, министрите го  поздравија обновениот моментум во проширување и ги  охрабрија државите во Западен Балкан „посилно да се ангажираат околу реформите и мерките за постепена интеграција, вклучително и преку Планот за раст за Западен Балкан и подобрената регионална соработка“.
 

Декларацијата, исто така, ја признава стратешката важност на регионалната поврзаност, енергетската безбедност, транспортните коридори и иницијативите како што се зелените ленти и пошироките европски и интерконтинентални проекти за поврзување. Таа повикува на посилни синергии меѓу земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидатки во справувањето со заедничките економски, енергетски, дигитални и еколошки предизвици.

Посебно внимание декларацијата  посветува на младите, поддржувајќи ги иницијативите за справување со одливот на мозоци, со невработеноста, претприемништвото и развојот на вештини низ целиот регион.

Во неа исто така има и геополитика, при што се дава поддршка на мировните напори на САД за конфликтот во Ормутскиот Залив, се осудува руската воена интервенција во Украина, се изразува поддршка за независна палестинска држава и загриженост за израелските воени акции во Либан.

Во декларацијата имено стои дека министрите ја „ потврдуваат цврстата посветеност на меѓународното право и на сеопфатен, праведен и траен мир заснован врз решението со две држави, во согласност со меѓународното право и релевантните резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации. Таквото решение подразбира мирен соживот на две независни, суверени и демократски држави — Израел и Палестона — кои живеат една покрај друга во рамки на безбедни и меѓународно признаени граници. Изразуваме исто така сериозна загриженост поради тековните непријателства во Либан каде што хуманитарната состојба брзо се влошува, а повеќе од еден милион луѓе се раселени. Ги повикуваме сите страни да покажат максимална воздржаност, да го почитуваат меѓународното хуманитарно право и да се вклучат во континуирани дипломатски напори за траен прекин на непријателствата и заштита на цивилите“.

За земјите кандидати за ЕУ, пак, се упатува охрабрување „дополнително да го зајакнат своето учество во спроведувањето на реформите на Европската Унија и целосно да ја искористат макрорегионалната рамка (Јонско-јадранската иницијатива)“ за да планираните инвестиции  се разгледуваат и остваруваат полесно преку овој поширок регионален контекс“. Поедноставно да се искористи иницијативата и присуството на земји членки во неа за обезбедување европско финансирање на договорените регионални проекти.  

Во декларацијата се нагласува и проблемот со професионалните возачи на камиони поради  имплементацијата на новиот систем за влез/излез на ЕУ, со оценка дека тој е предизвик што влијае врз целиот Јадранско-јонски регион. Затоа, се повикува на наоѓање брзо и заемно корисно решение  – во заеднички интерес и на ЕУ и на Западниот Балкан.