Караџовски си оди без влакно да му фали

Фото: Борис Грданоски

 

Неколку дена по првиот круг на претседателските избори, пред велигденските празници, судијата Зоран Караџовски ќе го отстапи претседателското столче, на кое треба да седне некој од членовите на ова тело кое избира и разрешува судии, ја следи и оценува нивната работа и утврдува нестручно и несовесно работење. Претседателските избори нема да го спречат изборот на претседател на Судски совет бидејќи ова тело е колективно и претседател се избира од редот на членовите. Караџовски нема да бара уште еден мандат и со очигледно олеснување му го отстапува претседателското место на некој друг. Според последните одредби на Законот за Судски совет, претседателот и неговиот заменик се избираат на тајни избори од страна на членовите на Судскиот совет. Член на Судскиот совет има право да предложи кандидат за претседател од редот на членовите, кој ако добие поддршка од уште тројца членови станува официјален кандидат за претседателското место. На вчерашната седница, Судскиот совет за членови на комисијата за спроведување на постапката за избор на претседател ги избра судиите Лорета Герогиева, Зоран Теофиловски и Шемседин Јусуфи. Кој ќе биде негов наследник, Караџовски не сака да шпекулира, иако најмногу се споменува името на новоизбраниот член и поранешен судија во Врховниот суд, Киро Здравев.

Кога камерите се изгаснати, Караџовски вели дека својот мандат ќе го памети по „политичката лудница“, а пред камерите вели дека во судството нема политички влијанија. Караџовски беше избран за претседател на Судскиот совет кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ и во период кога тогашната опозиција ги обелодени „бомбите“ во кои се слушнаа имиња на судии кои наводно работеле под диктат на поранешната власт. Сепак, Караџовски во својот мандат не разреши ниту еден судија и негираше дека во „бомбите“ имало некакви индиции за разрешување на кој било судија, а меѓу оние што се слушнаа беше и неговата претходничка која во тоа време беше член на Советот, Александра Зафировска. Во цел мандат на Караџовски, до гласање не стигна точката за утврдување одговорност за сегашниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски и другите четворица судии кои донесоа одлука да го ослободат Сеад Кочан. И на заминување, Караџовски тврди дека нема сознанија за политички влијанија врз судиите иако не отвори постапка и за посебниот извештај на Специјалното јавно обвинителство, во кој неколкумина судии, актуелниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, судијките Софија Лаличиќ, Александра Зафировска и Светлана Костова работеле во дослух со минатата власт, односно ѝ овозможиле на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ целосно да ги контролира институциите на Судскиот совет.

Караџовски останува на ставот дека Судскиот совет како колективно тело не може да започне постапка за одговорност на судии или претседател на суд бидејќи рокот за отворање на ваква постапка е поминат. Релативниот рок за отворање на постапка е шест месеци од повредата, а апсолутниот рок е три години. Караџовски тврди дека Специјалното јавно обвинителство го објавило извештајот откако поминале сите рокови за испитување на одговорност за судиите пред Судскиот совет. Единствено вели дека постапка за овој случај може да отвори поединечен член и претставка може да поднесе секој граѓанин, или овие случаи да ги испитува Обвинителството.

„Доколку СЈО смета дека има некои докази слободно да ни ги испрати, ние немаме побарано никакви докази“, вели тој. Иако се крена фама и за АКМИС-системот, односно за прераспределбата на предметите во судовите, Судскиот совет утврди дека немало никакви неправилности.

Во декември минатата година беа избрани петмина нови членови на Судскиот совет, а токму тие и новиот претседател кој ќе биде избран треба да ја вратат довербата во највисокото судско тело над кое се надвиснати политичките влијанија. Кога даваа заклетва, судијката Гордана Спиревска во име на сите избрани членови порача дека нивната цел ќе биде да ја сменат перцепцијата на јавноста за Судскиот совет и дека нема да ја повторат праксата на нивните претходници, да се колнат во Уставот и законите, а потоа да ги кршат. Таа вети дека во Судскиот совет ќе ги покренат сите прашања кои не се расчистени.

„Ништо нема да стои и да тапка во место. Ќе се покренат сите прашања и мора да се расчистат. Не гледам ниедна причина зошто да не го направиме тоа“, рече тогаш Спиревска.

Според она што е објавено во јавноста, дел од новите членови влегоа во судското тело со дамка зад себе. Судијата Киро Здравев беше дел од советот на Врховниот суд кој одлучуваше по жалбата за притворот на поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски и против него и неговиот колега Васил Грчев невладината организација „Зелена лупа“ поднесе кривични пријави. Организацијата тогаш им забележа на судиите дека наместо да ги отфрлат жалбите како недозволени, одлучувале за нив, постапка што поранешните разузнавачи ја искористија и избегаа од Македонија.

Ако сегашниот состав го разгледува посебниот извештај на Специјалното јавно обвинителство, кој го потврди постоењето на сваровски-судството и изборот на судии од партиски тефтерчиња, новиот член Теофиловски ќе треба да одлучува за неговата свеска Александра Зафировска, на чие место дојде во Советот.

Фросина Факова-Серафиновиќ