Канје Вест одржа концерт пред десетици илјади посетители во Тирана


Американскиот рапер Канје Вест одржа концерт во Тирана на стадионот „Игл“, а настанот беше проследен со впечатлива сценографија, претворајќи го просторот во незаборавно визуелно доживување.

На настанот, Вест ги испеа неговите најпознати хитови, како и нови композиции. Меѓу изведените песни беа „N*iggas in Paris“, „Praise God“, „Power“, „Stronger“ и „Hey Mama“. За време на изведбата на „All of the Lights“, беше приреден спектакуларен светлосен перформанс на небото.

– Со ова видео од волшебната вечер во Тирана, каде што вчера се собраа луѓе од 80 националности на култниот концерт на Канје Вест, што претставува одлична инвестиција не само за имиџот на Албанија како туристичка дестинација, туку и за позитивното влијание врз економијата на главниот град, ви посакувам убава недела, објави албанскиот премиер Еди Рама на својот инстаграм профил.

Концертот на Канје Вест беше проследен со политички дебати и контроверзии, откако албанскиот премиер Еди Рама потврди дека Владата издвоила дури четири милиони евра од државниот буџет за реализација на концертот. Додека опозицијата остро го критикуваше трошењето јавни средства за концертот, власта ја поддржа одлуката, оценувајќи ја како стратешка инвестиција во туризмот.

-Зачувувањето на меѓународната репутација на државата е од клучно значење, земајќи предвид дека десетици илјади туристи резервирале сместување и купиле влезници за концертот, заклучи Рама.