Камчев во живо го следеше Вардар во Келн, а од СЈО дознаа преку ТВ
Македонскиот бизнисмен Орце Камчев, вчера беше виден во Келн за време на фајнал-фор турнирот од Лигата на шампионите и заедно со ракометарите на Вардар ја славеше втората европска шампионска титула, иако неговиот пасош беше одземен како мерка на претпазливост, како еден од осомничените во случајот „Империја“.
Според информациите, од Основниот суд Скопје 1 по одлука на судија на претходна постапка, Камчев добил дозвола за времен пасош од страна на СЈО по претходен предлог, но не биле известени дека пасошот му бил веќе вратен, а за истото дознале преку медиумите, односно директниот пренос кога Камчев се појави на подиумот покрај ракометарите на Вардар.
Камчев до неодамна беше во куќен притвор, а во март со одлука на Врховниот суд беше пуштен да се брани од слобода. За Камчев во моментов има само мерки на претпазливост и поради тоа му била дадена дозвола за издавање на пасош.
Како што е познато од претходно, на 4 март со одлука на Врховниот суд од куќен притвор беа пуштени Орце Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ, осомничени во големата истрага на СЈО „Империја”.
Покрај нив, во случајот „Империја” осомничени за злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, за перење пари, измама, злоупотреба на службената положба и овластувањата и други дела се и мајката на Орце, Ратка Куноска-Камчева, неговата сестра Кристина Камчева-Стојческа, Владислав Стајковиќ, Зорица Арсовска, Јованче Тасковски, Дејан Јанев, Лилјана Гајдовска, Тодор Мирчевски и Ванче Мијалчев.