Како Владимир Путин го загуби интересот за сегашноста

Последниве години Путин престанал да се интересира за сегашноста: економијата, социјалните проблеми, пандемијата на корона вирусот - сето тоа го иритира. Тој и неговиот клучен пријател, Јури Ковалчук (де факто втор човек на Русија) се опседнати само со минатото


Благодарение на одлуката на Владимир Путин да ја нападне Украина, Русија сега е поизолирана од кога било. Економијата е под санкции, а меѓународните компании се повлекуваат. Медиумите се под уште поголеми ограничувања; она што остана од нив е ригорозна параноја, национализам и лаги. Народот ќе има сè помалку комуникација со други луѓе надвор од земјата и се плашам дека во сето ова Русија сѐ повеќе и повеќе наликува на нејзиниот претседател.

Со години разговарам со високи бизнисмени и инсајдери од Кремљ. Во 2016 година ја објавив книгата „Сите луѓе на Кремљ“, за неговиот близок круг. Оттогаш собирам материјал за потенцијален втор дел од книгата. Додека сè околу претседателот е матно – Путин, поранешен агент на КГБ, отсекогаш бил таинствен и конспиративен – моите извори, со кои разговарам под услов да останат анонимни, редовно беа во право. Она што го слушнав за однесувањето на претседателот во последните две години е алармантно. Неговата одвоеност и непристапност, неговото длабоко уверување дека руската доминација над Украина мора да се врати и одлуката да се опкружи со демагози и подлизурковци, сето тоа ѝ помогна на Европа да се најде во најопасниот момент од Втората светска војна.

Пролетта и летото 2020 година Путин ги помина во карантин во неговата резиденција во Валдаи, на половина пат меѓу Москва и Санкт Петербург. Според изворите, тој бил придружуван од Јуриј Ковалчук. Ковалчук, најголемиот акционер во банката Росија, која контролира неколку медиуми поддржани од државата, му е пријател и доверлив советник на Путин од 1990-тите. Но, според моите извори, до 2020 година тој се позиционираше како де факто втор човек на Русија, највлијателниот во окружувањето на претседателот.

Ковалчук ​​има докторат по физика и некогаш беше вработен во институтот што го раководеше нобеловецот Жорес Алферов. Но, тој не е само човек на науката. Тој е и идеолог кој се определил за светоглед кој е комбинација од православие, мистицизам, антиамерикански теории на заговор и хедонизам. Тоа, се чини, е светогледот на Путин. Од летото 2020 година, Путин и Ковалчук ​​се речиси неразделни, а двајцата заедно коваат планови за големото враќање во Русија.

Според луѓето кои имаат информации за разговорите меѓу Путин и неговите помошници во последните две години, претседателот целосно престанал да се интересира за сегашноста: економијата, социјалните проблеми, пандемијата на корона вирусот, сето тоа го иритира. Наместо тоа, тој и Ковалчук ​​се опседнати со минатото.

Еден француски дипломат ми кажа дека францускиот претседател Емануел Макрон бил вчудоневиден кога Путин му одржал долго предавање за историјата при еден од нивните разговори минатиот месец. Не требало да биде изненаден.

Во својот ум Путин се наоѓа во единствена историска ситуација кога конечно може да се опорави од годините на понижување. Во 1990-тите, кога Путин и Ковалчук ​​првпат се сретнаа, и двајцата, како и самата Русија, се обидуваа да најдат цврста земја под нивните нозе по падот на Советскиот Сојуз. Западот, сметаат тие, ја искористил слабоста на Русија за да го протурка НАТО што е можно поблиску до границите на земјата.

Ставот на Путин е дека денешната ситуација е обратна: Западот е слаб. Единствениот западен лидер кој Путин го сфаќаше сериозно беше поранешната германска канцеларка Ангела Меркел. Таа повеќе ја нема и време е Русија да се одмазди за понижувањата од 1990-тите.

Се чини дека нема кој да му каже спротивно. Луѓето кои го познаваат велат дека Путин повеќе не се наоѓа со пријателите на пијачка и скара. Во последниве години – особено од почетокот на пандемијата – тој ги прекина повеќето контакти со советниците и пријателите.

Онаму каде што некогаш изгледаше како цар кој ужива во проблемите на своите поданици, слушајќи ги како се озборуваат и меѓусебно ги хушка, тој сега е изолиран и оддалечен, дури и од поголемиот дел од неговиот стар круг.

Неговите телохранители наметнаа строг протокол: никој не може да го види претседателот без неделен карантин – дури ни Игор Сечин, кој некогаш беше негов личен секретар, а сега е шеф на државната нафтена компанија „Роснефт“. Се вели дека Сечин е во карантин две или три недели месечно, само поради повремени средби со претседателот.

Во книгата „Сите луѓе на Кремљ“ го опишав феноменот на „колективен Путин“ – начинот на кој неговата придружба секогаш се обидува да предвиди што сака претседателот. Тие придружници ќе му кажат на Путин токму она што тој сака да го слушне. „Колективниот Путин“ сè уште постои: Целиот свет го виде во зората на инвазијата кога ги повика сите највисоки функционери и ги праша за мислење за претстојната војна. Сите ја разбраа задачата и покорно се обидоа да ги опишат размислувањата на претседателот со свои зборови.

Оваа ритуална седница, која ја пренесуваа сите руски телевизиски канали, послужи да ги испрска со крв сите водечки функционери во земјата. Но, таа исто така откри дека Путин е тотално заситен од старата гарда: неговиот презир беше јасен. Како да уживаше во нивното препелкање, како кога јавно го понижи Сергеј Наришкин, шефот на Контраразузнавачката служба, кој почна да пелтечи и брзо се исправи, согласувајќи се со сѐ што кажа Путин. Претседателот како да сакаше да каже – тоа се луѓе кои само велат „да“.

Токму како што известував со години, некои членови на опкружувањето на Путин долго време работеа за да го убедат дека тој е единствената личност што може да ја спаси Русија, дека секој друг потенцијален лидер само би ја изневерел земјата.

Ова е порака што претседателот ја слуша од 2003 година, кога размислуваше да се повлече само за да му кажат советниците – а многу од нив имаат корени во КБГ – дека треба да остане. Неколку години подоцна, Путин и неговата придружба разговараа за „Операцијата наследник“ и Дмитриј Медведев стана претседател. Но, по неколку години Путин се врати да го замени. Сега е навистина убеден дека само тој може да ја спаси Русија. Тој всушност толку многу верува во тоа што мисли дека луѓето околу него би можеле да му ги уништат плановите. Ним не може да им верува.

И сега сме тука. Изолирана и под санкции, сама против светот, Русија се чини дека е обликувана според имиџот на нејзиниот претседател. Веќе тесниот круг на Путин само ќе се намалува. Додека жртвите се натрупуваат во Украина, изгледа дека претседателот само се укопува; тој вели дека санкциите за земјата се објавување на војна.

Во исто време, тој изгледа верува дека целосната изолација ќе ја наведе Русија да ги напушти најнепоузданите елементи на општеството: во изминатите две недели, интелектуалната елита – режисери, актери, уметници, новинари – набрзина ја напушти земјата во знак на протест; некои ги оставија имотите само да успеат да излезат. Се плашам дека од позицијата на Путин и Ковалчук ​​тоа изгледа дека Русија станува посилна.

(Михаил Зигар е поранешен главен уредник на независната Телевизија Дожд и автор на книгата „Сите луѓе на Кремљ“. Текстот е објавен во „Њујорк тајмс“)