Како МОТ го „предвиде“ пожарот во Универзалната сала


Фото: Б. Грданоски

Во 2020 година, фестивалот Млад отворен театар, беше отворен со претставата „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, а денеска овој перформанс може да се смета и за предвидување, барем според насловот.

Авторите на претставата Кристина Леловац и Филип Јовановски, тогаш појаснија дека тоа е перфпрманс-есеј на Жан Кокото во прошетка по скопските улици, а поетот во пожарот го спасувал огнот наместо предметите што гореле.

Претставата се одигруваше четири дена, а вистинскиот пожар, оној кој вчера ја пеплоса Универзална, но не и новата купола поставена пред дваесетина дена, нема да ја има таа судбина четири дена за него да се зборува или известува. Затоа што политиката, вака пред избори, двојни (претседателски и парламентарни) сигурно ќе ни сервира уште многу „неверојатни“ трагедии, скандали, шокантни откритија, за кои секако, треба да одговараат политичките опоненти.

Универзалната сала, симбол на Скопје. Само со оваа реченица ќе се сложат сите. За сè друго, задолжените, надлежните за неа имаат толку различни мислења, предлози и проекти, што во силината на тие аргументи таа е затворена веќе девет години.

Властите се менуваа. ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ секогаш во коалиција со оние на власт, но решение за Униерзалната не се најде. Дека таа треба да се реконструира, сите беа согласни, па планови и проекти се нудеа уште од 2009 година.

Идеите се движеа на линија од задржување на истиот изглед, само застаклен, со зголемен капацитет, до сосема нов изглед – јајце, но и дислоцирање на салата кај оранжериите на ЈП „Паркови и зеленило“, а на местото на Универзална да никне парк.

Првичниот план од 2009 година за ист изглед со зголемен капацитет и застаклена галерија околу објектот никогаш не се реализира. „Јајцето“, како дел од „Скопје 2014“, кој требаше да го зголеми капацитетот за речиси трипати, иако избран од деветчлена стручна комисија, не се оствари под притисок на јавноста и поради несразмерните димензии за тој простор. Во тој период на Универзална ѝ год сменија и името во Конгресен центар „Александар Македонски“, понесени властите од ВМРО-ДПМНЕ од антиквизацијата на целата метропола.

„Бомбите“ на Заев, поранешниот претседател на СДСМ и премиер, беа претставувани пред јавноста токму во Универзалната сала. Но, „бомбите“ предизвикаа штета, само на Универзалната сала. Имено, по објавувањето на серија „бомби“ падна дел од таванот.

Во 2016 година формата „јајце“ беше откажана поради финансиски причини, а Министеството за култура најави реновирање според првичниот застаклен проект. Но, потоа се смени власта на местото на Коце Трајановски седна Петре Шилегов како градоначалник на Скопје, па заедно со министерот за култура Роберт Алаѓозовски потпишаа договор за реновирање, поништувајќи ги сите три претходни проекти како несоодветни. Она што се направи, беше враќањето на името Универзална сала.

Асоцијата на архитекти, по години чекање излезе со нова идеја, Универзалната сала да се изгради на нова локација, а тука да никне парк. Социјалните мрежи зовреа, се организираа депати и на крај Шилегов се откажа од спроведување на идејата на архитектите.

За најновото реновирање на Универзална се рапиша конкурс. Проектот беше дониран од архитектот Бујар Муча, а предвидува налалување на капациетот на околу 1.200 места, куполата и фоајето да се зголемат, а за фасадата да се употребат енергетски ефикасни материјали. Реконструкцијата почна во 2021 година летото, но во ноевмри имаше смена на локалните власти, а новата градоначалничка, независна – но поддржана од ВМРО-ДПМНЕ ги стопира градежните работи.

Се вмеша и Владата, посака Министерството за култура да ги заврши градежните работи на Универзална, а потоа повторно да ја врати во надлежност на Градот. За ова министерката Бисера Костадиновска – Стојчевска и градоначалничката Арсовска се натегаа цела година, за во септемрви 2023 конечно министерството да ги преземе работите. Во февруари годинава продолжи реконструкцијата, а вчера на 9 април, Универзалната сала се запали.

Објектот што во 1966 година беше пуштена во употреба и имаше рок за употреба 20 години, се користеше многу подолго, цели децении подолго без да се реконструира.

За бројните концерти и претстави кои се одржале во оваа сала нема што да се зборува. Но, по нејзиното затворање, пред неа, на платото се одржа и собир на кој се бранеше салата, таму беше оддадена почит кон Ѓорѓе Балашевиќ по неговата смрт, а се одржаа и четири перформанси од, сега веќе слободно може да се каже, предвидувачката претстава „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“. Ја нагризавме седмата.