Како голтарите станаа милионери

Квалификативот за чесност во политиката се стекнува со личен пример на партиските лидери и моралната чистка на компромитираните корумпирани политичари почнувајќи од сопствениот двор


(Колумна за Дојче веле)

Кога го видов насловот „Политичарите голтари станаа милионери“ објавен во речиси сите медиуми, изведен од изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, прво што помислив, еве една вистинска опозициска тема од највисок државен интерес која ја џвакаме и преџвакуваме најчесто безуспешно цели 30 и кусур години. 

За жал, изненадувањето за „храброста“ на опозицискиот лидер се стопи уште од првите реченици. Мицкоски поентира само со насловот преземан од неговата точна констатација која сите ја знаеме, ја гледаме во живо, ја пишуваме истата тема со децении како на мраз под сонце дека „имаме политичари кои во политиката влегуваат голтари, а излегуваат милионери и милијардери“. А, некои богами и не излегуваат, остануват закотвени во политиката, полни со пари како прекуокеански танкери и со баснословни имоти и дворци како средновековни олигарси. 

Ќе беше тоа полн погодок ако Мицкоски не ги препознава милијардерите арамии само кај политичките противници. Квалификативот на чесност во политиката се стекнува со личен пример на партиските лидери и моралната чистка на компромитираните корумпирани политичари, почнувајќи  од сопствениот двор, од сопствената партија, од своето најтесно опкружување. Притоа, редовно проследено со силна поддршка на неселективно владеење на правото со независен правосуден систем и кога сте на власт и кога сте во опозиција, а не со притисоци и блокади во Собранието колку ваши или наши судии и обвинители ќе има во сите судски инстанци. Без таа цврста определба за непопречување на правдата, прозивките за злоупотребите на власта и големата корупција повеќе наликуваат на „јунакот“ од народната поговорка „држте го крадецот“, отколку на подготвеноста за пресметка со криминалот на политичарите. 

Прво извинување за злоделата, а потоа чистка 

Христијан Мицкоски, со секојдневната јавна загриженост за крадењето од државната каса на парите на граѓаните, како и многу македонски политичари, игра на картата на кратко паметење на најдолгата и најмачна транзиција на македонското општество. Ако злоупотребата на власта е најсилниот извор на организираниот криминал и на највисоката корупција, на безмилосно осиромашување и ограбување на граѓаните, груба и насилна деградација на демократијата и најтешка блокада на побрзиот развој на државата, ако е тоа најголемата пречка за остварување на стратегиските интереси на Македонија, тогаш, неминовно е за секој политичар заседнат со години во високата политика да почне со отстранување на гнилежот во својата партија.

Или уште подобро и почесно, со извинување до граѓаните за направените злодела, тргнувајќи од фактот колку време неговата партија била на власт и што се ѝ направиле на оваа кутра држава и својот народ во децениското неконтролирано владеење и озаконето крадење и арчење на парите на граѓаните задолжувајќи ги до гуша сегашните и идните генерации.  

Еве ги точните бројки кои сите ги знаеме, ама под напливот на секојдневните примитивни кампањи и партиски пропаганди, манипулации и лажни вести ги губиме од вид фактите: ВМРО-ДПМНЕ од 1991 година до денес е 15 години на власт од кои 11 непрекинато. СДСМ е 14,5 години на власт, а само неполна година ипол е првата експертска влада на Никола Кљусев. ДУИ на Али Ахмети е неприкосновен шампион во власта безмалку 20 години во партнерство и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ, почнувајќи од првиот ден кога од илегална воена формација стана легална политичка партија. Во изминатите 31,5 години, а особено во изминатите 20 години со легализцијата на „револуционерната“ ДУИ, трите најголеми политички партии, било да се на власт или во опозиција, имаат најголема одговорност за сегашната состојба на државата. Тука се влезени и добро залегнати, политичарите голтари, сега милионери и милијардери присутни и отсутни, малкумина во затвор, еден дел на обвинителна клупа во долгите судски процеси, мнозина на слобода во земјата, прилично спокојни и по некој избеган во азил, но сѐ уште мошне активни. 

За нив ли зборува Мицкоски со искривена диоптрија, па не го гледа патот ни во сопствениот двор. Не, за нив не станува збор, туку само за криминалот и корупцијата на другите, додека своите се жртви на политички прогон и невини патриоти. Со ваквиот став на наследниците на „груевизмот“ се дисквалификува објективноста и подготвеноста на ВМРО-ДПМНЕ ако дојде на власт за нула толеранција на организираниот криминал и високата корупција, за владеење на правото и демократизација на општеството. 

Разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните владеачки гарнитури  е само во тоа што кога социјалдемократите се на власт, особено во последните пет години, што во пострежимскиот период од 2017 година наваму транспарентноста е поголема, обвинителствата, судовите, полицијата и државната Антикорупциска комисија можат и по нешто да сработат и да стекнат извесна доверба во јавноста. Стравот е помал, а притисокот на јавноста поголем, што предизвика во неколку случаи власта да се повлече од обидите за заташкување на криминалните афери скандали.  Тоа се виде и од светските ранглисти за висината на криминалот и корупцијата каде е направен мал исчекор, а и во извештаите на Комисијата на ЕУ за напредокот на Македонија. Сѐ друго е исто. 

И натаму најголемиот проблем на Македонија останува корупцијата, примената на неселективно владеење на правото и исплатливоста на криминалот со негибнати незаконски стекнати имоти, црниот пазар и сивата економија и затајување на даноците. Ветениот бројчаник за одземени имоти на смешно насадената скапо платена Триумфална порта под која не поминала ниту една победничка војска, освен на спортистите, уште не е вклучен, ниту за одземени имоти, ниту за големината на долгот према странските и домашни банки.  

Добро се сеќавам на првиот парламентарен состав, а веројатно и голем број граѓани паметат како изгледаа нашите први народни избраници, министри и премиери во независна Македонија. Со изветвени костуми, волнени чорапи, шарени џемпери, калливи чевли, дојдени во парламентот од приградските населби и од внатрешноста со автобуси на ЈСП и меѓуградски сообраќај  прашувајќи каде се наоѓаат Собранието и владата, а некои и со автомобили к’рнтии, врзувајќи ја задната варта со ортомче оти им се отвара во возење, но  полни со ентузијазам, свесни дека учествуваат во историска мисија за изградба на современо демократско општетство. 

Само по неколку години спласна ентузијазмот. Ги видовме нивните наследници како парадираат како естрадни ѕвезди со брендирани костуми од неколку илјади евра, чевли колку плата на учител, џипови како куќи, чанти и накит како вкупната социјална помош, хациенди како гимназии на новата класа, по неколку стана во главниот град, со талент за отварање на нови вносни бизниси, со дебели конта во домашни и странски банки. Собранието, владата и партиите станаа на очиглед на јавноста најбогатите компании без ограничена одговорност кои не произведуваат ништо друго освен алчни политичари и крлежи кои цицаат од вимето на државата и од џебовите на граѓаните. 

Огромни и неизмерливи се штетите направени во изминатите децении на независна Македонија почнувајќи од неправедната домашна приватизација и распродажбата на златните кокошки кои сега несат огромни профити на странски државни компании. Да, да за странски државни компании кои ги купија под сомнителни околности за мали пари нашите најголеми и најскапи фабрички, производствени капацитети и рудници, банкарски, дистрибутивни и финансиски компании. Тоа не беше изводливо без амин на корумпирани политичари. Тоа се големите теми кои треба да ги отворат чесни и одговорни  политичари со силна поддршка на јавноста, за да се наплати долгот кон државата и граѓаните. Ете така, политичарите голтари од трите владејачки партии станаа моќни милионери и милијардери. Секоја чест на исклучоците. Тие не влегоа во политиката како голтари. Си заминаа од политиката со чист образ немоќни да се спротивстават на наездата на новата класа само со една идеологија. Парите.

(Линк до текстот во Дојче веле овде)