Како да препознаете шпиони на Русија?


„Скромен „трговски претставник“ со пристап до највисокото ниво во Кремљ, „генерален конзул“ поврзан со најголемата руска шпионска служба и „техничар“ со искуство во прислушување – сe идентитетите на 21 руски дипломат протерани од Белгија во април. Истражувањето на лондонскиот Центар за досиеја помага да се разбере приказната за тоа како Москва го претвори Брисел во „шпионски главен град“ на Европа“. Невладината организација со седиште во Лондон е  финансирана од Михаил Ходорковски, руски олигарх кој стана дисидент, кој лови руски шпиони во Европа.

Највисоко рангиран шпион кој е протеран од Белгија е 46-годишниот Алексеј Куксов, „заменик трговски претставник“ во амбасадата кој  дипломирал воена академија и всушност потекнува од елитна единица на руското воено разузнавање ГРУ. Станува збор за дивизијата 5476 на Генералната управа за разузнавање, трансформирана во 2005 година во Центар за проучување на странски воени способности, чиј персонал собира разузнавачки информации за странските армии. Неговите извештаи одат директно до шефот на ГРУ, Игор Костјуков и до Николај Патрушев, најблискиот советник за национална безбедност на рускиот претседател Владимир Путин, претседател на Советот за безбедност на Кремљ и еден од најекстремните руски националисти на власт.

Рускиот генерален конзул во Антверпен, Георги Кузњецов, 44 (исто така протеран) е поранешен вработен во Обединетиот авијациски конзорциум во Санкт Петербург и се приклучил на руското Министерство за надворешни работи во 2017 година. Се верува дека тој е контраразузнавач на ФСБ, која има специјално Петто одделение кое се занимава со странско разузнавање.

Адресата на Кузњецов во Москва е Куќата бр. 5 (шифра за 5-тоот оддел) на Варсонофевски Переулок, каде што се наоѓа и централната поликлиника на ФСБ. Ова е и адресата каде Русија со децении фиктивно регистрирала стотици шпиони на ФСБ за да ги прикрие нивните вистински адреси.

Уште еден од протераните – 46-годишниот Вадим Артјушов, бил „техничар“ во руската амбасада во Белгија. Но, тој служел во единицата ГРУ 47747 во Климовск во близина на Москва, која некогаш била со седиште во Куба за да ги шпионира САД. Тој беше вратен во Русија во 2001 година и сега ги обучува луѓето да ги прислушкуваат локалните телекомуникациски мрежи во странство.

И 40-годишниот Иван Кваша (протеран) бил акредитиран вработен со ниска професионална позиција во Белгија. Бил „домаќин“ на амбасадата во Белгија, но всушност во Русија носи еполети на полковник на ГРУ. Игор Таут (протеран), 51-годишен „електричар“ од амбасадата,  дипломирал на Московскиот технички универзитет за комуникации и информатика, поврзан со ФСБ. 

Ако Артјушов навистина прислушувал, тој не бил сам – двајца негови избркани колеги биле експерти за комуникации. Дмитриј Чулаев (43) е офицер во руската надворешна разузнавачка служба СВР, кој можеби бил одговорен за одржување на безбедни комуникации на амбасадата со Москва, според руски извор кој сакал да остане анонимен. Дипломирал на Катедрата за воздухопловна радио електроника на Московскиот авијациски институт пред да започне да работи во руска компанија за онлајн коцкање наречена Џекпот Ltd. Подоцна инвестирал во сателитски комуникации, вклучително и високотехнолошка израелска технологија која сега се користи од руските комуникациски разузнавачки служби, соопшти Центарот за досие.

И 36-годишниот Алексеј Кожевников е уште еден наводно „аташе“ кој е офицер на ГРУ со слично минато. Тој ги регистрирал своите автомобили на 56 Волоколамское Шосе во Москва,а – тоа е адресата на 162-от воено-технички информативен центар на ГРУ. Познат е и како Објект Т-500, специјализиран за пресретнување на европски и американски сателитски сигнали.

Меѓу протераните има и такви кои се занимаваат со индустриска шпионажа. На пример, 46-годишниот Алексеј Стрелков, наводно „аташе“ е офицер на СВР, при што работел за Московскиот федерален научен земјоделско инженерски центар ВИМ. „ Руското надворешно разузнавање е заинтересирано не само за воените тајни, туку и за најновите технички случувања во цивилната сфера, вклучувајќи го и земјоделството“, изјави извор за Центарот за досие.

Сите наводни 21 шпиони се мажи, главно во нивните 40-ти. И не само тоа – најстариот Сергеј Игнатов има 62 години, беше „аташе“ и офицер на СВР, а најмлад е 28-годишниот Сергеј Спирин, рускиот заменик конзул во Антверпен и вработен во ГРУ. Вториот беше заменик на Кузњецов, организираше екскурзии до Генералниот конзулат, одржуваше отворени часови по руски јазик, зборуваше за културата и животот во модерна Русија на семинари и водеше волонтерски групи за учење руски јазик во Фландрија. 

Улогата на Антверпен е очигледна и по тоа што Светлана Самсонова, раководителка на рускиот проект Антверпенско пристаниште на иднината, беше лично наградена од Куксов на гала вечера во Руската куќа во Брисел „за зајакнување на врските меѓу Русија и Белгија“. Фокусот на Антверпен најверојатно се должи на руските деловни интереси во огромното пристаниште во градот и неговиот центар за трговија со дијаманти – најголемиот во светот, кој работи до една третина од извозот на дијаманти во Русија.

Извори на EUobserver потсетуваат дека ГРУ се смета за најопасна руска служба. Таа ги обучува луѓето за ракување со оружје и боречки вештини, за употреба на отрови и експлозиви и организира смртоносни операции во Европа. Досега во Белгија не е употребено насилство.

Службениците на СВР се подобро образовани  за академски предмети и за шпионски вештини. „Никогаш нема да најдете офицер на СВР кој оди на стрелиште или вежба боречки вештини“, изјави западен безбедносен извор кој сакаше да остане анонимен. „Тие се обучени да се вклопат и да бидат колку што е можно посиви“, рече тој

Идентитетот на мажите во Брисел и Антверпен покажува дека тие примарно собирале воени и трговски тајни, ги штителе руските деловни интереси во Белгија и ги следеле Русите кои избегале од Путин. Секој руски шпион обично има задача да одржува и да следи најмалку три „странски извора“, изјави извор од белгиските безбедносни служби, кој сакаше да остане анонимен. „Тоа дава идеја за тоа колку голема била нивната мрежа“, рече тој.

Службата за внатрешна безбедност на Белгија (ВССЕ) во последните години истражуваше брат на белгискиот владин министер, белгиски полковник со највисоко безбедносно одобрение на НАТО, белгиски барон вклучен во кралските настани, поранешен белгиски амбасадор во Венецуела, резервист во  воено разузнавачката белгиска служба АДИВ и осомничен руски „имплант“ во белгиското Министерство за финансии, според извори на ЕУ Обсервер.
Кузњецов, поранешен конзул во Антверпен, беше пријателски настроен со екстремно десничарскиот белгиски политичар Филип де Винтер, кој негираше дека сторил нешто лошо кога излезе на виделина неговата дружба во белгиските медиуми.

Русија сè уште има повеќе од 100 дипломати акредитирани во Белгија и „околу половина“ од нив се шпиони, проценуваат белгиски безбедносни извори. Се верува дека има и неколку десетици „илегалци“ – шпиони со недипломатско покривање, како што се бизнисмени, новинари или лобисти – изјавија извори за ЕУ Обсервер.