Јован Деспотовски ја пофали Владата што „пресече“ за инвестицијата на „Вабтек“

Донеодамнешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, ја пофали Владата што „пресекла“ околу инвестицијата на „Вабтек“ со која ќе ги прошири своите капацитети во Македонија. „Вабтек“ е присутна веќе 16 години во државава.
„Навистина е добра веста дека американската ‘Вабтек’ ќе ја реализира својата нова инвестиција и значително ќе ги прошири своите капацитети во Македонија.
Повеќе од две години со тимот од ТИРЗ работевме заедно со оваа компанија, која веќе вработува над 350 наши сограѓани. Се боревме заеднички со предизвиците од различни институции. Институции и политичари кои заборавија дека работат за интересите на државата и граѓаните. Се боревме и на суд, каде добивме заедно со компанијата. Одлуката сè уште не е спроведена.
Сепак, добро е што овие предизвици сега се минато. И затоа заслужува да се поздрави решеноста на Владата ‘да пресече’ и оваа инвестицијата, која е важна за сите граѓани, да се случи. Честитки за сите“, напиша Деспотовски на својот Фејсбук-профил.
Се работи за спор пред Управниот суд на ТИРЗ против Комисијата за заштита на конкурентноста за наводни незаконски услови за реализација на инвестицијата.
Јован Деспотовски беше еден од кандидатите за лидер на СДСМ, но изгуби на внатрепартиските избори. Од неговата партија СДСМ стигна соопштение со поинаков тон:
„Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат бесрамно да ја манипулираат јавноста со наводни нови инвестиции, но овој пат со потег кој е целосно потценување на интелегенција на граѓаните.
Наводно новата инвестиција на Мицкоски е компанија која 16 години веќе работи во Македонија.
Станува збор за барање на компанијата ‘Вабтек’ за проширување на операциите во државата. За ова нивно барање се водеше постапка одамна во рамки на институциите кај нас при што заради негативно мислење на Комисијата за заштита на конкуренција тоа не се реализираше. Во рамки на овој процес имаше и судска постапка.
Мицкоски ја замајува јавноста со лажни ПР промоции. И кога веќе е решен да манипулира, го повикуваме исто така да ги објави условите под кои ќе го проширува производството компанијата ‘Вабтек’ и што точно е договорено со компанијата“, реагираа од СДСМ.