Јордан Симонов, актер: Насилството сè уште го владее човечкиот дух


Да не се правиме дека измислуваме топла вода и да зборуваме само дека не треба повеќе насилство. Тоа веројатно нема никогаш целосно да се изгуби. Меѓутоа, неопходно е да се најде некаква форма за тоа да биде минимизирано. Ова го вели актерот Јордан Симонов во пресрет на премиерата на претставата „Бесачи“ што ќе се случи на 24 септември на големата сцена на Македонскиот народен театар.

„Бесачи“ е текст на актуелниот британско-ирски автор Мартин Мекдона, а во режија на бугарскиот режисер Јавор Грдев.

Навидум во претставата се зборува за смртната казна, но во суштина е насилство од човек врз човек.

– За човечките импулси кои преку насилството сè уште го владеат човечкиот дух. Колку ние и да бегаме од насилството, го имаме во сите ситуации. Тоа го знаат оние што ја креираат нашата реалност. Затоа, филмовите и телевизиските програми ни се полни со насилство, така што и оваа претстава е во тој контекст – вели Симонов.

Тој додава дека заедно со режисерот Грдев многу аналитично ги граделе ликовите, а процесот се одвивал во инспиративна атмосфера.

– Јавор е еден од најпознатите современи бугарски режисери на денешницава кој е доста конструктивен и подготвен. Процесот беше мошне инспиративен и креативен. Имам само епитети да споделам за оваа соработка – вели Симонов.

Текстот на Мекдона е во жанрот на црна комедија, но има и  поджанрови како политичка сатира и суров реализам. Симонов во претставата го игра прочуениот бесач Пјерпоинт за кој се верува дека обесил околу 600 луѓе.

– Пјерпоинт е единствениот автентичен лик во претставата. Единствено тој е историски познат, другите се измислени од авторот. Мојот Пјерпоинт ќе биде таков каков што јас и режисерот го направивме, а тој е во функција на претставата, на она што се случува. Кога читав за тој лик, сфатив дека има многу интересни работи поврзани со него. Не ја знаев претходно материјата за него и не знаев дека е најпознатиот бесач во Англија и дека обесил над 600 луѓе. Бројката варира, од различни извори, од 400 до 600 луѓе. Има многу интересни случки што може да се сретнат во текот на неговиот живот, дури и неговиот став околу бесењето е контроверзен. На некои моменти вели дека не се кае, но дека тоа што тој го прави не успева да го победи насилството. Насилството не го победува насилството. А од друга страна, неговите соработници и блиските околу него велат дека е невозможно тој да го кажал тоа, бидејќи постојано ја истакнувал бројката на обесени луѓе и се фалел со тоа. Објаснувал дека некоја виша сила го тера да го прави тоа и дека нема моменти на каење – вели Симонов.

Насилството не ни е непозната тема во нашето општество и за жал, тоа е дел од секојдневјето. Во училиштата, во автобусите на јавниот превоз, во барови и кафулиња, но сè уште немаме зрелост за тоа да го ставиме на маргините.

– Немам одговор што би требало да се преземе. Да не се правиме дека измислуваме топла вода и да зборуваме само дека не треба повеќе насилство. Тоа веројатно нема никогаш целосно да се изгуби. Меѓутоа, неопходно е да се најде некаква форма за тоа да биде минимизирано – додава Симонов.

Ивана Настеска

Фото: Борис Грданоски