Извештај: Квалитетот на дебата во Собранието оценет со 5,4


Фото: Б. Грданоски

Средната оценка на квалитетот на дебатата во Собранието од јануари до јули 2021 година е 5,4, што означува пад на квалитетот на дискусијата споредено со периодот јануари – јуни 2021, за коj оценката за квалитетот на дебатата беше 5,6.

Ова го покажува Извештајот од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието (јули – декември 2021) на авторките Влора Речица и Александра Јовевска Ѓорѓевиќ, а издавач е Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје.

Во овој период поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 62 отсто од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 38 отсто. Најчесто за збор се јавувале и најдолго на пратеничката говорница се задржувале пратениците Бојан Стојаноски и Панчо Минов. Меѓу најактивните 10 пратеници, пет се пратенички: Гордана Сиљјановска Давкова, Жаклина Лазаревска, Марија Георгиевска, Лидија Петкоска и Бети Стаменкоска Трајкоска, односно една пратеничка повеќе споредено со претходниот период (јануари – јуни 2021).

Забележително е, како што се наведува, и тоа што во овој период учеството на жените во дискусијата
се задржува на 43 отсто, исто како и во јануари – јуни 2021, што претставува највисоко учество во
споредба со сите претходни периоди на набљудување.

Извештајот бележи слично ниво на интеракција и размена на ставови меѓу учесниците во дискусијата со претходниот период на набљудување (јануари – јуни 2021). Во набљудувачкиот период,
се одржа само една седница на пратенички прашања, од шест кои се предвидени во Деловникот
на Собранието.

Во однос на аргументацијата на дискусиите, генерално се забележува влошување, во споредба со претходниот период на набљудување (јануари – јуни 2021). Во 52 отсто од анализираните дискусии, учесниците немаа аргументи, додека во 41 отсто од анализираните дискусии имаа слаба аргументација, односно говорниците понудија образложение на своите позиции кое не е доволно да се смета за еден целосен аргумент. Еден или повеќе аргументи се забележани во 7 отсто од дискусијата.

Во однос на тоа како пратениците одговараат на упатени аргументи од страна на други пратеници, набљудувањето забележува дека во само отсто од нивните излагања, пратениците соодветно
ги адресирале аргументите, односно пратеникот/пратеничката директно одговорил/а на аргументи кои претходно му ги упатил друг учесник на седницата. Во 21 отсто од дискусијата
аргументите на другите пратеници беа целосно игнорирани. Во 42 отсто од случаите немаше упатени
аргументи или прашања од други пратеници што посочува на ниско ниво на дискусија, генерално.

Во овој период на известување, во набљудуваните дискусии е забележана промена на став кај 9 пратеници поради подобри аргументи на соговорниците за точката на дневен ред. – Имајќи
предвид дека во претходните периоди на набљудување вакво однесување беше реткост, ваквиот резултат означува позитивно отскокнување кон отвореност за исправноста на аргументите на
другата страна, се наведува во Извештајот.

Пратениците повеќе се осврнуваат кон разгледување на личноста на соговорниците отколку кон нивните аргументи. Во 10 отсто од излагањата, пратениците искажале почитување или делумно почитување кон аргументите на пратениците од другата политичка опција, додека непочитување или делумно непочитување кон аргументите искажале во 13 отсто од дискусијата. Почитување или делумно почитување кон нивната личност искажале во 22 отсто од дискусијата, додека непочитување
или делумно непочитување искажале во 10 отсто од дискусијата.

Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Забележано е дека пратениците во речиси 86,8 отсто
од нивната дискусија, не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права.

Неопходно е, како што се наведува, зголемување на квалитетот на дебатата и нивото на аргументираност на говорите на пратениците во Собранието, кое може да се постигне преку: зголемување на информираноста и знаењата на пратениците за темите кои се предме т на дискусија, како и подобрување на нивните дебатни и ораторски вештини. Собранието да биде вклучено во процесот на Проценка на влијанието на регулативата (ПВР), пратениците треба внимателно и минимално да ја користат скратената постапка и постапката на разгледување на предлог-законите со европското знаменце.

-Суштински е пратениците да се надоградат со стручност и разбирање за влијанието на законите врз животот на различни групи граѓани, пратениците проактивно да користат алатки што им
стојат на располагање за зајакнување на капацитетите за разгледување и дебатирање по закони, меѓу кои и обуките што ги нуди Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) и суштински е
Собранието да воведе календар на седници, што би овозможило повеќе време за спремање на
пратениците за точките на дневен ред, се посочува во Извештајот.

Надзорната улога на Собранието во периодот јули – декември 2021 година остана во втор план. Во овој период се одржа само една седница на пратенички прашања, со што се ограничуваше можноста на Собранието за контрола и надзор на извршната власт, додека надзорна седница не се одржа ниту една.

Извештајот на македонски јазик може да го прочитате тука: Поглед на Собрание: Извештај од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието (јули – декември 2021)