Израелската армија започна „ограничена” копнена операција во Либан


Израелската армија соопшти дека започнала „ограничена и локализирана“ копнена операција против Хезболах во јужен Либан, јави ДПА.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) започнаа „целни копнени напади врз основа на прецизни разузнавачки информации“, соопшти армијата на социјалната мрежа Х.

„Целите се наоѓаат во села во близина на границата и претставуваат непосредна закана за израелските заедници во северен Израел“, се додава во текстот.

Копнените сили се поддржани од воздухопловните сили, кои изведуваат „прецизни удари“ врз воени цели во областа.

ИДФ во соопштението наведе дека „прави се што е потребно за да ги заштити граѓаните на Израел и да ги врати жителите на северен Израел во нивните домови“.

Текстот беше објавен на Х, откако неколку часа претходно портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер, рече дека Израел го известил Вашингтон за извршување на ограничени копнени операции во Либан.