Изложба „Трета страна на стварноста“ во МСУ
Утревечер, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Трета страна на стварноста“, курирана од Ивана Васева, а со дела од колекцијата на МСУ.
Постановката отвора повеќе дилеми на едно кондензирано место – што значи солидарноста кога станува збор за вредностите кои фрлаат нова светлина и обезбедуваат поинаков поглед кон постоечката целина на знаењето?
Во средината на постановката е и инсталацијата „Архиликс“ на архитектот и уметник Срѓан Јовановиќ Вајс, која е специјално создадена за оваа изложба.
Во рамките на изложбата в петок, во МСУ, во 19 часот предавање ќе одржи архитектот и уметник Срѓан Јовановиќ Вајс.
Вајс е архитект и урбанист кој живее и работи во Њујорк. Тој е моментално визитинг професор на Харвард Дипломската школа за дизајн и на Градскиот колеџ во Њујорк Спитцер школата за архитектура.
Изложбата исто така одбележува и 55 години од формирањето на Музејот на современа уметност како музеј на солидарноста. А она што е важно во овој глобален капитализам, во контекстот на 21 век, е дека не само што заедништвото и грижата за заедничкото, надвор од флосулите, празните зборови и идеолошките непријатели, ни е дел од идентитетот, туку и единствена опција за иднината.
Изложбата е поддржана од Министерство за култура на Македонија, Град Скопје и организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)“. Изложбата ќе биде отворена до 20 ноември.