Изгласана новата Влада на Македонија


Со 62 гласа вечерва, половина час пред полноќ, беше изгласана новата влада на Македонија. Против гласаа 51 пратеник, а воздржани немаше.

Мандатарот Зоран Заев во последното обраќање пред гласањето рече дека новиот кабинет ќе служи чесно и одговорно и ќе биде сервис на сите граѓани.

„Многу омраза има, многу зла крв, нема потреба од тоа. Сакам да соработуваме и ќе сторам се да имаме соработка со опозицијата за прашања од интерес на државата и на граѓаните. Така подобро ќе им служиме. Ние се навикнавме на вас, такви какви што сте изминатите три години, и ќе се справуваме на ист начин и натаму ако не се смените. Ако и натаму немате став ниту за едно прашање за државата и продолжите да тврдите за црното дека е бело и за белото дека е црно…“, рече Заев потсетувајќи дека во септември 2021 Македонија ќе одбележува 30 години од нејзината самостојност, денот кога претседателот Глигоров и премиерот Кљусев стоеја заедно  обединети во желбите.

„Да ја победиме злобата и омразата, онака како што очекуваат граѓаните. Моќта, славата и среќата од слава и пари – не е мој идеал. Мој идеал е да се биде среќен во земја со среќни граѓани. Граѓаните имаат право на свои животни соништа, а ние имаме обврска да ги оствариме“, рече Заев и им се заблагадори на граѓаните за поддршката.

Тој вети дека новата влада ќе ја одликува храброст, мудрост, работливост и чесност пред се на домашен план и исклучиво во интерес на сите граѓани на Македонија. Според него, државата, која сега е членка на НАТО и има одлука за преговори со ЕУ, со посветеност и заедничка работа ќе има институции со кои ќе се гордеат сите. Најави целосна посветеност на економијата, јакнење на економскиот стандард, перспективи за младите во приватниот сектор, привлекување што е можно повеќе странски инвестиции.

„Претстои стабилен политички период, одлучна и бескомпромисна борба против сивата економијата, криминалот и корупцијата, ефикасен транспарентен и одговорен правен систем“, вети Заев.

Според него претстои стабилен политички период, па испрати повик до младите да останат дома,да не заминуваат во странство.

„Помогнете во трансформацијата на нашата земја, помогнете во европеизацијата на нашата земја. Да бидеме земја која ќе нуди еднакви можности за сите“, порача Заев.

Премиерот се осврна и на правниот систем за кој рече дека треба да е ефикасен, транспарентен, правичен и одговорен.

„Борбата против севкупниот криминал и корупција во државата ќе биде еден од првите и најважни фокуси. Законот мора да важи за сите, а најодговорни мора да бидат носителите на функциите“, нагласи Заев.

Пред гласањето Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ, во име на целата пратеничка група оцени дека не може да и се верува на новата влада и додаде дека земјата се наоѓа на крстосница и треба да решиме каде да одиме.

„Изминатите три години зборувавте за неселективна правда додека делевте амнестии. Влијаевте низ ходниците на правосудството. Кога зборувавте за Европа и нејзините вредности, ја игнориравте Венецијанската комисија и нејзините заклучоци.  Додека зборувавте за враќањето на младите во државата и потенцијален раст на економијата, македонските граѓани продолжија да се иселуваат. Зошто следните четири години би биле различни од претходните три?“, праша од говорницата Мицунски.

Според него, старата влада не успеала да создаде соодветни услови за непречен развој на Македонија, не успеала да одговори како граѓаните да ги плаќаат режиските трошоци, како да им обезбедат безбрижно дество на своите деца…

„Поради вашето незнаење и немање визија последните месеци без работа останаа околу 40.000 граѓани. Македонија се уште е на црвената здравствена листа и пристапот на нејзините граѓани во многу земји е забранет“, рече Мицунски.

Зборувајќи за најсилната страна на владата, ЕУ агендата, Мицунски рече дека да била нивната борба за европска Македонија, веројатно состојбата ќе била поинаква.

„Ние ќе бидеме силна парламентарна опозиција и коректив на сите ваши идни чекори. Ќе се спротивставиме на се што не е во интерес на нашите граѓани, на државата и за сочувувањето на нејзиниот унитарен карактер и сувереноста. ВМРО-ДПМНЕ е прогресивна партија која не заборава на минатото, но е силно посветена на иднината, со јасна европска и евроатлантска визија и силна почит кон државата, кон идентитетот  и кон јазикот. Ќе останеме цврсто на почитувањето на реалните, а не на декларираните европски вредности“, порача Мицунски.

Дамјан Манчевски од СДСМ му порача дека Македонија заслужува многу подобро и дека сите заедно треба да работат во прилог на силна европска држава во која ќе владее дијалогот и меѓусебната почит  и секој ќе го почувствува благодетот од нивното парламентарно работење.

„Нашата борба е за сите граѓани, за иднината, а не за минатото. Она што е денес факт  е дека ние сме горди Македонци, членови на НАТО. Македонскиот идентитет денес е најзагрозен тука кај нас, од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ. Тие го измислија името Северџани и се уште се користат со тие навреди. Тоа е навреда за сите граѓани кои имаат ист став како нашиот. Ние не се согласуваме, ама не ве нарекуваме со навредливи зборови. Се надевам дека ова ќе бидат последни избори на кои ќе биде важно кој ќе победи и дека на идните разликата ќе биде во даночната стапка“, реплицираше Дамјан Манчевски.

„Жалам што мислите дека иднината на Македонија зависи од вас. Таа зависи од граѓаните, вклучувајќи ги и стотиците илјади гласачи на ВМРО-ДПМНЕ“, му реплицираше Муцунски.

Во дводневната расправа  пратениците од опозицијата главно упатија критики до старо новата владејачка коалиција СДСМ-ДУИ за лоши резултати во работењето во изминатите три години во борбата против корупцијата, владеењето на правото, спречување на иселувањето, состојбата во економијата, справувањето со пандемијата со Ковид-19. На новата влада и прогнозираа краток мандат поради кревкото мнозинство, а програмата ја оценија како нереална.

Пратениците од власта, пак, истакнаа дека во изминатиот период донеле тешки, крупни и државнички одлуки во интерес и на граѓаните и на државата,дека  ја отстраниле последната пречка од евроинтеграциски пат, ја внеле државата во НАТО и оти почнуваат преговори со ЕУ.

Вториот владин кабинет на Заев го сочинуваат 19 министри, седум помалку од претходната Влада. Премиерот има четворица заменици, Љупчо Николовски, кој е избран за вицепремиер за борба против корупција, Артан Груби – прв вицепремиер и министер за политички систем, како и Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија и Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања.

За членови на Владата се избрани: Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши министер за економија, Насер Нуредини министер за животна средина, Јетон Шаќири, министер за информатичко општество и администрација, Аријанит Хоџа – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и Горан Милевски министер за локална самоуправа. (С.Ј.)