Избори за време на пандемија? Јужна Кореја докажа дека тоа е можно


На сите гласачи пред да влезат во избирачкото место им се мереше температура

Изборите во Јужна Кореја се одржаа на 15 април, кога епидемијата се спушти на подножјето на платото. Беа преземни сите безбедносни мерки да се заштитат гласачите и членовите на избирачките одбори. Излезноста беше најголема од 1992 година – дури 66,2 отсто. Владејачката партија однесе триумф, затоа што гласачите не гласаа за идеологија туку за начинот за справувањето со Ковид-19

 

Љупчо Поповски

Како што изгледа дека Македонија почна да се спушта од платото на епидемијата со Ковид-19 (барем така велат епидемиолозите и инфектолозите) прашањето за одржувањето на изборите полека се качува на некој басамак погоре од општествената агенда. На тоа прашање ќе му треба уште извесно време да се искачи на врвот, но невозможната општествена ситуација – да нема парламент и да има само техничка влада и вонредна состојба, за која не се знае до кога ќе се продолжува – едноставно ќе ги постави изборите на врвот на агендата, затоа што на ваков начин не ќе биде можно да се раководи државата подолго време.

Одложувањето на изборите закажани за 12 април беше најдобрата одлука донесена кога општеството се движеше нагоре кон епидемијата и кога никој не знаеше во каков размер ќе ја зафати Македонија инфекцијата. Изборите се одложуваа насекаде во Европа (само Полска уште не се откажа од претседателските избори на 10 мај и планира нив да ги изведе само со гласање по пошта), па одлуката во Македонија беше логична, па дури и неминовна.

Рсправата што се води околу тоа како политички да се менаџира развојот на ситуацијата (здравствено тоа оди по добра патека) се заканува целосно да ја блокира земјата. Пред Уставен суд има иницијативи за оценување на уставноста за второто продолжување на вонредната состојба, претседателот на Собранието одбива да ги свика распуштените пратеници, врз техничката влада се става огромен товар да ја има целата власт во државата со донесување уредби, од претседателот на државата премолчено се очекува да ја продолжува вонредната состојба и во наредните неколку месеци, а за избори, како можност за разрешување на оваа заплеткана ситуација, никој не сака јасно да зборува да не биде обвинет дека се обидува да ја искористи пандемијата за нечисти цели.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за „Независен“ изјави дека сега е рано да се зборува за избори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за Телевизија Алфа, наведувајќи три приоритети на партијата, рече дека меѓу нив не е одржувањето на изборите. Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, во разговор за ТВ24 вели дека за организирање на изборите се потребно 50 до 60 дена, но дека сите изборни дејствија мора да почнат од почеток. Тој вели дека во организацијата на изборите се вклучени 35.000 луѓе. Заедничко во изјавите на сите е дека во преден план е здравјето на луѓето.

Се разбира дека здравјето на луѓето е во преден план, но очигледно дека политичката блокада станува станува исклучителном комплицирана за функционирањето на државата. Сакале тоа да го признаат или не, политичките партии веќе мораат да размислуваат за организирање на избори за да не ја дочекаме доцната есен среде можниот втор бран на епидемија со Ковид-19, па тогаш одржувањето на изборите да биде повторно невозможно како на 12 април.

Може ли Македонија во тој случај да остане без парламент цела една година? Се разбира дека не може, затоа што функцирањето на целиот систем може да излезе од контрола, со активна поддршка на двете најголеми партии. На лидерска или не, политичките актери треба да размислуваат за одржување на избори во јули или во септември, затоа што тие се единствениот излез од оваа ситуација. Доколку здравствените власти, епидемиолозите и инфектолозите во наредните две недели се уверени дека државата се спушта кон подножјето на платото на епидемијата и предложат натамошно олеснување на рестриктивните мерки, одржувањето на изборите веќе не може да се третира како баба рога.

Долги редови пред гласачкото место, но целата процедура траеше многу кратко

Пример за другите демократии

Една земја покажа како може да се организираат избори за време на пандемија – Јужна Кореја. Но четириесетина дена подоцна откако таму беше достигнат врвот на заразата. Со успешно одржување на парламентарните избори по ширењето на Ковид-19, Јужна Кореја обезбеди и модел за други демократски изборни процеси и евентуална противтежа на оние кои веруваат дека демократските системи ќе пропаднат под тежината на оптовареноста на јавното здравство, наметнато од вирусот. Некои велат дека исходот на изборите во Кореја претставува премногу редок триумф на ефективна бирократска организација околу глобалниот тренд на национализам?

Владејачката Демократска партија на претседателот Мун Џае-ин триумфираше на изборите во Кореја, освојувајќи 180 од 300-те седишта во парламентот (дури 60 повеќе од досегашниот состав). Наспроти сите очекувања, излезноста беше огромна – 66,2 отсто, најголема уште од изборите во 1992 година. Тоа беше најголема победа од која било партија од моментот кога се воспостави сегашниот демократски устав во 1987 година.

На 15 април милиони луѓе низ Јужна Кореја со маски за лице, гумени нараквици и средства за дезинфекција на рацете излегоа на гласачките места. Сите луѓе од избирачките одбори и помошните работници беа со маски и нараквици. По пристигнувањето на гласачкото место им беше мерена температурата на гласачите, а секој што покажуваше знаци на треска, беше тргнат настрана во заштитен простор на зградата за да може да гласа.  Посебни избирачки места беа поставени надвор од болниците за луѓето заразени со Ковид-19 за да гласаат. А дури една четвртина од 44-те милиони гласачи во земјата гласаа предвреме за да ги избегнат можните долги редови на изборниот ден. Тоа беше рекорден број на предвремени гласачи.

Строгите мерки за здравје и безбедност, спроведени од владата на Јужна Кореја, на денот на изборите, може да послужат како план за остатокот од светот за тоа како безбедно да одржат избори среде пандемијата на корона вирус. Затоа што изборите не можат беконечно да се одложуваат поради епидемијата.

Од денот на изборите, на 15 април, Јужна Кореја имаше речиси 10.600 потврдени случаи на корона вирус и повеќе од 220 смртни случаи. Земјата го забележа својот врв на епидемијата со Ковид-19 на 29 февруари, кога забележа повеќе од 900 нови случаи. Бројот на нови случаи во времето кога се одржуваа изборите беа околу 30 на ден, што беше многу малку за земја со 51 милион жители. Корејскиот здравствен резултат беше еден од најбрзите пресврти за секоја земја што се бори со вирусот.

Со својата убедлива победа, актуелната администрација Мун Џае-ин доби невиден мандат да ја спроведе својата агенда за следните две години. Неговиот успех сега ќе зависи од можноста на Мун да открие дали корејските гласачи ја поддржале владејачката партија врз основа на перформанси или идеологија. Изборите беа, пред сè, референдум за справување со кризата со корона вирусот на администрацијата на Мун. Според известувачите од Кореја, победата на Мун не беше глас за идеологија, бидејќи епидемијата ги остави овие прашања надвор од изборната агенда.

Гласачите мораа да го одржуваат растојанието меѓу нив на избирачкото место

Како се гласаше

Известувачот на познатиот американски онлајн магазин „Вокс“ од Јужна Кореја, Катерина Ким, вака го опиша изборниот ден и начинот на кој гласала. Нејзиниот исказ извонредно го прикажува начинот како може да се организираат избори за време на пандемија:

„Влегувањето на гласачкото место беше обемен процес. Моето избирачко место во Пангјо, Сеонгнам, беше центар на заедницата во рамките на мојот станбен комплекс. Имаше ред надвор од вратата кога пристигнав во 10 часот наутро, а тоа е време кога гласачите обично одат на гласање.

Официјалните лица веќе ги обележаа подовите пред време со налепници распоредени на еден метар  за да обезбедат дека гласачите се безбедно оддалечени додека стојат во редот. Повеќето луѓе се придржуваа кон налепниците, и кога неколкумина нестрпливо беа заинтересирани за луѓето пред нив, главниот претпоставен на  гласачкото место веднаш ги поместуваше назад.

Единственото време кога ја симнав маската беше кога еден службеник го спореди моето лице со мојата лична карта, што е потребно на изборите во Јужна Кореја, а целиот процес траеше само околу 10 секунди.

Кога дојдов на ред, влегов во една од четирите гласачки кабини, поставени на неколку метри од другите гласачи, со две ливчиња од хартија во мојата рака. Марката што ја користев за да го одбележам својот глас малку ми се лизна од нараквиците. Владата соопшти дека често ќе ги дезинфицира избирачките места, но штандот на којшто јас гласав не беше дезинфициран пред следниот гласач да влезе по мене.

Откако го спуштив моето гласачко ливче ме однесоа до голема розова торба за отпадоци, прицврстена на ѕидот каде се фрлаа искористените нараквици.

И покрај долгите редови и многуте чекори за дезинфекција, јас бев во и надвор од зградата за помалку од 10 минути“, напиша Катерија Ким за начинот на гласање во Јужна Кореја.

Секако дека и изборниот процес во Јужна Кореја имал многу ризици, но државата се подготви најмногу што може нив да ги избегне.

Во голем дел од излагањата на македонските политичари, а и од разговорот на Оливер Дерковски, се става под сомневања способноста на македонската држава да ги сведе на најмала можност ризиците при гласањето, кога и да се случи тоа. Се разбира дека тие сомневања се легитимни, познавајќи ја организираноста на македонската држава со децении нананзад.

Но голем дел од толкувањата на политичките функционери овде лежи во фактот кој сите го знаат, а не го споменуваат јавно – дека гласањето ќе биде своевиден референдум за справувањето со кризата на владејачките структури. Дека, слично како и во Јужна Кореја, тука нема да се гласа првенствено според идеологија, туку за начинот на справувањето со кризата. Опозицијата мисли дека во овој стадиум изборите не ѝ одат на рака, додека власта претпоставува дека кога економската криза силно ќе затропа на врата (а тоа е ниминовно) шансите ќе ѝ бидат намалени.

Но избори, сепак, мора да се одржат.