Избори налето или среде можната нова епидемија наесен


Прашањето кога да се одржат изборите ќе дојде на дневен ред, затоа што Македонија не може уште многу долго да остане без парламент (Фото: Борис Грданоски)

И покрај моменталната воздржаност на партиите во однос на тоа кога треба да одржат изборите, летото, сепак, се смета за најоптимален период за тоа, со оглед на тоа што наесен се најавува нов бран на епидемија од Ковид-19

 

Кон средината на мај, за кога претседателот Стево Пендаровски најави уште една лидерска средба во врска со новиот изборен датум, вонредната состојба, можностите за функционирање на распуштениот парламент…, ќе се заокружат седум месеци откако челниците на парламентарните партии во вилата „Водно“ се договорија десеттите парламентарни избори да бидат вонредни и да се одржат на 12 април.

Тогашната проценка дека изборите, што беа испровоцирани поради неуспехот на Северна Македонија да добие датум за преговори на октомврискиот самит на ЕУ, треба да се одржат дури шест месеци по лидерската средба од сегашна гледна точка се покажа како погрешна. И несоодветна на „итноста“ што, практично, ја предвидува македонскиот Устав во случај на вонредни (или непланирани) избори, што треба да се одржат во рок од 60 дена откако ќе се распушти парламентот.

Да беше потребата за избори толку итна, како што беше прикажана тогаш, гласањето ќе можеше да се реализира веќе кон крајот на декември минатата година (како што предложи и тогашниот премиер Зоран Заев) или во почетокот на јануари. Така ќе се избегнеше одложување на изборите поради прогласувањето на вонредната состојба во земјава поради корона вирусот. Вонредната состојба доведе и до криза во функционирањето на институциите, со оглед на тоа што парламентот е распуштен, а справувањето со епидемијата ѝ е препуштено на техничката влада, со што нејзиниот  законски ограничен мандат, всушност, е продолжен.

Деликатна ситуација

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, вчера посочи дека нашата земја е веројатно единствена во ваква деликатна ситуација, кога владата е техничка, парламентот нефункционален, а освен тоа е прогласена вонредна состојба. И покрај тоа, на политичката сцена се создава впечаток дека никој не сака да зборува за избори додека сѐ уште трае кризата со корона вирусот.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, дури и рече дека му е згадена дебатата за избори во време кога секојдневно има нови случаи на заразени од Ковид-19, економијата стагнира, а граѓаните остануваат без работа. Но и покрај тоа, Николоски предлага на лидерската средба да се изгради, меѓу другото, и заедничка  позиција во однос на условувањата на Бугарија за македонскиот јазик и македонското малцинство.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, во вчерашното интервју за „Независен“, исто така, вели дека е рано да се разговара за избори, додека не се воспостави целосна контрола над кризата што ја предизвика корона вирусот. Сепак, со оглед на тоа што повеќе европски земји почнаа да го олеснуваат рестрикциите, Заев посочува дека во одредени држави во регионот, како Хрватска и Србија (каде што требаше да има избори на 26 овој месец) се спомнуваат можни избори во текот на летото.

„Гледаме дека во соседството, па и пошироко, во Србија и Хрватска се споменуваат можни избори ова лето. Но, да почекаме, најважно е здравјето на граѓаните. Ајде заеднички да го победиме невидливиот непријател, да ги заштитиме граѓаните, да спасиме што повеќе човечки живот, работите полека да ги донесеме во новата нормала, па да разговараме и за датумот за избори“, вели Заев.

За барањето на 35 пратеници за свикување итна собраниска седница, што го иницираше СДСМ, Заев вели дека е добро граѓаните да имаат уште еден механизам за контрола врз извршната власт, а најсоодветен орган за тоа секако е законодавниот дом.

„Исто така, демократски, здраво и корисно е да постои можноста Собранието да потврди одредени одлуки на претседателот. Тоа е така е во секоја демократија и затоа никој не треба да има страв ниту отпор кон идеите за состанување на Собранието, зашто секој глас против Собранието како демократски механизам отвора сомнежи за причините за тие противења“, нагласува лидерот на СДСМ.

Но овој предлог засега не е прифатлив за опозициската ВМРО-ДПМНЕ и за владејачката ДУИ, кои се на стојалиште дека распуштениот парламент не може да заседава и да носи одлуки. Наспроти тоа, за време на претходниот осми парламентарен состав, во кој мнозинството беше под контрола на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, додека државата беше во политичка криза, токму Џафери (како координатор на пратеничката група на ДУИ) беше подносител на иницијативата до Уставниот суд за поништување на првичната одлука за распуштање на тогашниот парламент. Уставниот суд ја поништи одлуката за распуштање на парламентот од 7 април 2016 година, по што Трајко Вељаноски, кој во тоа време беше на чело на законодавниот дом, на 25 мај таа година експресно свика седница на која беа констатирани оставките на министрите на СДСМ во техничката влада.  Парламентот продолжи со работа до октомври, а деветтите (предвремени) парламентарни избори се одржаа на 11 декември, така што парламентот беше конституиран на 30 декември 2016 година.

Христијан Мицкоски побара, Зоран Заев засега отфрла лидерска средба (Фото: Борис Грданоски)

Според тоа, од крајот на септември годинава ќе почнат да течат уставните рокови за одржување редовни парламентарни избори – во последните 90 дена од конституирањето на актуелниот собраниски состав. Но наесен се најавува нов бран на епидемијата со Ковид-19, а со тоа и можност за воведување нови рестрикции во движењето на граѓаните, што и беше причина за одложување на гласањето што беше закажано за 12 април. Затоа, и покрај моменталната воздржаност на партиите во однос на новиот изборен датум, летово се смета за најоптимален период за одржување на изборите, а со тоа и за обновување на политичкиот легитимитет на институциите на законодавната и на извршната власт во земјава, кои потоа со полн капацитет ќе можат да носат одлуки што би биле поврзани и со потенцијалната нова криза со Ковид-19.

Повеќе дилеми

Сепак, тоа би биле избори под сосема други околности во споредба со условите во октомври минатата година, кога беше договорено предвременото изборно соочување. Ако тогаш Македонија беше земја која доби негативна одлука во однос на преминувањето на следното скалило од евроинтеграцискиот процес сега е држава со „виза“ од ЕУ за старт на преговорите, но и полноправна членка на НАТО. Ефектите од тој прогрес на евроатлантското интегрирање се почувствуваа и во екот на кризата со корона вирусот, со оглед на помошта и донациите за справување со последиците што ги доби земјава од ЕУ и од НАТО, но и од државите членки на овие организации.

Тој прогрес на евроатлантскиот пат на земјава, наспроти последиците од здравствено-економската криза што допрва ќе се чувствуваат, се очекува да влијаат и на позициите на политичките партии при одредувањето на новиот термин за одржување на изборите. Иако Уредбата на владата за запирање на изборните дејствија практично предвидува изборите да продолжат веднаш по завршувањето на вонредната состојба, кога треба да почне дваесетдневната кампања, потоа да се гласа и во рок од 20 дена да се конституира новиот собраниски состав, остануваат повеќе дилеми како да продолжи спроведувањето на изборната операција.

Една од тие дилеми е како да се суспендира првичното решение на Џафери според кое изборите требаше да се одржат на 12 април и да се донесе ново решение со друг изборен датум. Односно, дали да го изведе сегашниот претседател на парламентот или владата да  донесе нова уредба за продолжување со изборните дејствија?

Останува и дилемата околу избирачкиот спосок, кој веќе беше ставен на јавен увид и прочистен, пред да дојде одлуката за запирање на изборните дејствија. Прашање е како овој процес ќе се врати назад, со оглед на тоа што, во меѓувреме, поради кризата со Ковид-19, во земјава се вратија дел од  македонските државјани со привремен прстој во странство. Исто така, со оглед на тоа што треба да се утврди нов изборен датум, извесно е дека списокот ќе треба да се дополни со лица кои дотогаш ќе станат полнолетни, како и да се прочисти од починати лица… Ваквите дилеми би требало да се расчистат на лидерската средба што ќе ја свика Пендаровски, откако шефот на опозицијата Христијан Мицкоски го побара тоа, наспроти ставот на СДСМ дека сега нема потреба од состанок на политичките лидери. (Н.В.)