Топилница Велес еколошка бомба – по вчерашната експлозија инспекторите на терен
Државниот инспекторат за животна средина информира дека направил итен увид во кругот на поранешната Топилница во Велес, откако по силната експлозија на 19 мај изби пожар.
-Топилницата е индустриско еколошко жариште, а објектите се во сопственост на Метрудхем. Увид на терен направија и инспектори од СВР Велес и констатирано е дека пожарот избувнал во текот на сечење метал од постројка за филтрирање, но не може да се утврди дали причината е контакт на искра со стара електрична инсталација, или со талог од експлозивна хемикалија, соопшти ДИЖС.
За да се спречи можна хаварија, Државен инспектор за животна средина вчера изрече усна забрана за работа на „ЗД Отпад Охрид“, компанија која е ангажирана од Метрудхем да го отстрани отпадниот метал од локацијата.
-Во најитен рок Метрудхем мора да достави документација за отстранување хемикалии и опасен отпад и нивно евентуално чување на локацијата. Истовремено, се врши надзор и врз ЗД Отпад Охрид, за да се утврди колкави количини отпаден метал се веќе отстранети и дали отпадниот метал е потенцијално контаминиран со опасни материи, се вели во соопштението од инспекторатот.
По анализата на документацијата и прибирањето докази, Државниот инспекторат за животна средина информира дека ќе бидат преземени соодветни мерки.