Италија: Владата на Драги ја однесе првата жртва – оставка на лидерот на социјалдемократите


Никола Зингарети

Во Италија, шефот на социјалдемократската Демократска партија (ПД), Никола Зингарети, објави оставка од функцијата претседател. Како причина, 55-годишникот ги наведе во изјавата на Фејсбук внатрешните борби за моќ и кавги, кои сакал да ги заврши со неговиот потег. Прес-канцеларијата на ПД во Рим ја потврди објавата.

Партијата на Зингарети е една од поголемите сили во новата влада на екс-шефот на централната банка Марио Драги. Кризата во претходниот кабинет на Џузепе Конте, поддржана од ПД и формирањето на новиот сојуз ги засилија борбите за моќ во партијата на Зингарети.

Прво, имаше проблеми на ниво на активистите, бидејќи Драги назначи само мажи од ПД во кабинетот. Кога функцииите државен секретар беа пополнети во вториот круг, ПД избра речиси исклучиво жени.

Сепак, ова ги смири брановите во партијата само во ограничен обем. Развојот кај нивните партнери од Движењето 5 Ѕвезди предизвикува немири меѓу социјалдемократите: откако стана јасно дека поранешниот премиер Џузепе Конте треба да го преземе раководството на 5 Ѕвезди, поддршката во анкетите за нив се зголемува – сега стигнаа до 22 проценти.

ПД, пак, падна за четири поени, на 14 проценти. Во спорот што се разгорува станува збор за сопствениот идентитет по турбулентното владеење со 5 Ѕвезди и за профилот во технократската влада на Драги: покрај министрите на Лига на Матео Салвини и Форца Италија на Силвио Берлускони, социјалдемократите повеќе го немаат клучниот збор како во претходната администрација.

Зингарети не сакаше да ги води овие дебати до следниот редовен партиски конгрес во 2023 година – според мислењето на неговите противници, тоа беше премногу доцна. Тие повикаа на конгрес во блиска иднина и се заканија дека ќе ја поделат партијата доколку нивното барање не биде исполнето. (Шпигел)