Италија има нов премиер


Марио Драги, поранешниот гувернер на Европската централна банка, ја прифати функцијата Премиер на Италија и ја претстави нова влада на политичари и технократи што треба да ја извлече Италија од политичката криза среде пандемија.

Портпаролот на претседателската палата во петокот вечерта објави дека Драги ја прифатил функцијата на состанокот со претседателот Серџо Матарела, кој го назначи за мандатар на 3 февруари откако Ѓузепе Конте мораше да поднесе оставка на 26 јануари по распадот на неговата коалициона влада, пренесе Хина.

Познат како „Супер Марио“ по улогата во должничката криза во еврозоната 2012 година, Драги треба да положи заклетва во сабота и да побара гласање за доверба во парламентот на почетокот на следната недела.

Некои клучни должности доверени на технократите

Драги имаше сеопфатни разговори со политичките партии претставени во парламентот кои му дозволија да формира разновидна влада што вклучува членови на Демократската партија (ПД, левоцентристички), но и крајно десничарската Лига на Матео Салвини и десничарската Форца Италија на Силвио Берлускони.

Во последен момент во четвртокот, Движењето 5 ѕвезди (М5С), анти-системско додека не дојде на власт, даде согласност и со тоа ја сруши последната пречка која стоеше пред владата на националното единство.

Така, Луиџи Ди Мајо, водачот на Движењето 5 ѕвезди, останува министер за надворешни работи.

Даниеле Франко, сегашен вицегувернер на Банката на Италија и поранешен советник на Европската комисија, ја презема клучната функција на министер за економија и финансии, пренесува Ројтерс.

Џaнанкарло Џoргети, еден од лидерите на Лигата, ќе биде министер за индустрија, а Андреа Орландо од Демократската партија (лево од центарот) ќе биде министер за труд.

Некои клучни должности им се доверени на технократите, па покрај Франко, како непартиски експерт за ИТ е назначен физичарот Роберто Чинголани за шеф на одделот за зелена транзиција, пишува Ројтерс.

Во новата влада со 23 члена има само осум жени.

Предизвици на новата влада
Но, тешкотиите само што започнаа за Драги (73), познат по својата воздржаност, сериозност и одлучност.

Италија, која се приближува до бројката од 100.000 смртни случаи од ковид, имаше еден од најлошите падови на БДП во еврозоната во 2020 година, 8,9 проценти. Третата економија во еврозоната смета многу на повеќе од 200 милијарди евра од европското финансирање, што Брисел ги условува со сеопфатен план за трошење до крајот на април.

„Ковид-19 ја влоши кризата и Италија сè уште е европски пациент“, изјави за АФП Фабио Памоли, професор по економија на Политехничкото училиште во Милано. Италија со години акумулираше огромен долг од речиси 2,6 билиони евра, што на крајот на 2020 година беше 158 проценти од нејзиниот БДП, што е највисок сооднос во еврозоната по Грција.

Меѓу приоритетите на новата влада е забрзувањето на кампањата за вакцинација, која, како и во другите европски земји, е забавена поради одложувањата во испораката на вакцините. Само 1,2 милиони од 60-те милиони Италијанци се вакцинирани.

Други задачи што чекаат со децении се: забрзување на бавното судство, справување со бирократијата со цел администрацијата да биде поефикасна и започнување на еколошка транзиција координирана од специјално министерство, прво од ваков вид во Италија.

Иако моментално ужива репутација на „спасител на нацијата“, Драги чие доаѓање беше поздравено од финансиските пазари, ќе мора да биде многу вешт за да остане долго на функцијата додека политичките партии се подготвуваат за следните избори во 2023 година.

„Во политиката, како и во природата, постојат циклуси: меден месец, кулминација, крај. Дури и Драги не може да го смени тој закон“, предупредува консултантската фирма „Полиси Сонар“ на својата веб-страница, но сепак додаваат дека „сега е во фаза на ‘меден месец’ и никој нема да се осмели да го оспори во наредните месеци“. (Индекс.хр)