Италија, Германија и Франција бараат план за раст и заштита на европската индустрија


Индустриските здруженија на Италија, Германија и Франција подготвија заедничка изјава во која ги повикуваат владите и институциите на ЕУ на сеопфатен план што ќе овозможи раст на индустриското производство, заштита и конкурентност на европските индустрии на глобално ниво.

Делови од документот, кој е заеднички потпишан од италијанската Конфиндустрија (Асоцијација на големи индустријалци), германскиот БДИ-Бундесвребренд (Федерација на германски индустријалци) и Движењето на француските претпријатија (МЕДЕФ), веќе се објавени од италијанската Конфиндустрија и бараат амбициозен одговор и европско обновување без преседан, која како приоритет ќе ја има солидарноста, одржливоста и дигитализацијата.

Во документот, претседателите на моќните големи индустрии на трите држави изразуваат длабока загриженост за економските, социјалните и политичките последици од пандемијата, заснована врз проценката дека не се сите земји подеднакво погодени од епидемијата и дека некои индустрии, и покрај преземените вонредни мерки за помош, нема да можат да ги избегнат економските последици врз производството, вработувањето и јавната потрошувачка, сè додека здравствената состојба не се врати под контрола.

Големите индустрии, се наведува во документот, ќе треба да се соочат со шокот за да го надоместат периодот на блокада, а „ќе биде потребно време да се премине од фазата на блокада во фаза на стабилизација и целосно обновување на производството“.

Италијанските, германските и француските индустријалци препорачуваат неколку мерки: европска и меѓународна соработка, амбициозна и силна државна помош, која треба да биде солидарна и соодветна, усвојување силна фискална политика и државни гаранции за индустриите што се приоритет.