Историското „не“ на Мицкоски

Кога некој ќе почне да говори дека веќе ништо не зависи од нас или од него во некој процес, тој самиот се деградира и сака да ја фали сопствената немоќ


По одвојувањето на Албанија од Македонија на патот кон ЕУ некои го оправдуваат, па и го фалат, премиерот Христијан Мицкоски затоа што останал доследен на своето предизборно ветување дека тој нема да прифати промена на Уставот и внесување на малубројната бугарска етничка заедница во него.

Во овие реакции има одушевување од доследноста на Мицкоски во политиката, од почитувањето на неговите изборни ветувања и од храброста со која го бранел македонскиот национален идентитет, дури и по цена Македонија никогаш да не стане членка на ЕУ.

Па се поставуваат прашања, не само од владејачките партиски структури, од каде му на СДСМ образ да го обвинува Мицкоски дека го блокира процесот на започнување разговори за членство, кога главниот виновник за тоа бил Социјалдемократскиот сојуз и неговите влади, бидејќи тој ја зготвил кашата од која Македонија сега не може да излезе. Или нема начин како да ја исрка.

Сето ова, како сублимиран извадок од изборната кампања на Гордана Сиљановска-Давкова и на Мицкоски, не е ново и непознато. И сето звучи како во односите со Бугарија да сме прифатиле дипломатски пораз кој е еднаков на национално предавство, извршено од користољубиво мотиви како што е останувањето што подолго на власт. Во земјава имаше и има и сериозни дипломати кои тоа сѐ уште така го толкуваат и доживуваат.

Но, дали е тоа така?

Претходната влада, со сета своја „сервилност, попустливост и неукост“ за што тие ја обвинуваат, успеа да го отстрани ветото од Бугарија за започнување на разговори за членство во ЕУ и да го заврши скрининг процесот на нашето законодавство со законодоавството на ЕУ.

Имаше и има обвинувања дека СДСМ и ДУИ прифатиле рамка за преговори со ЕУ (позната како Француски предлог) во која ѝ е оставен  простор на Бугарија и по почнувањето на разговорите да стави вето заради неприфаќање на некои нивни барања. Но, клучното негодување од опозицијата и граѓаните беше и е што било прифатено од наша страна,пред да почне отворањето на поглавјата и вистинските преговори за членство, во  преамбулата и во уште еден член од нашиот устав да биде внесена, како рамноправна и малата етничка заедница на Бугарите што живеат во Македонија.

На сериозните аналитичари и познавачите на работите во ЕУ им е јасно дека тој предлог од Бугарија дојде откако Софија сфати дека не може веќе со било што да влијае врз процесот на зачленување на Македонија во ЕУ и особено не е дека може да го стори тоа преку негирање на посебноста на јазикот, нацијата, културата и историјата. Тогаш нивниот аргумент се трансформира во заштита на човековите и малцински права од страна на Македонија, што е дел од Копенхашките критериуми, и побара како знак на добра волја на тој план,  Македонија да го смени Уставот и да ги внесе Бугарите во него. Бидејќи, и со внесување во Уставот, и без нивно внесување, Бугарите и нивната етничка заедница во Македонија ги имаат сите права како припадниците на другите народи и другите етнички заедници, тој услов бил прифатен, во очекување на тоа дека граѓаните во Македонија и пратениците за тоа ќе имаат разбирање.

Но, македонската јавност сѐ уште доволно изиритирана од промената на името, на документите и отстапките што беа направени заради членство во НАТО и во ЕУ, па посака да демонстрира отпор и инает.

ВМРО-ДПМНЕ, Левица и други партии што го чинат денес мнозинството во Собранието, ја искористија таа „фрустрација“ на Македонците и отпорот кон уставните промени го спакуваа со слоганот „Не за бугарскиот диктат“.

Бугарскиот државен врв и бугарските националисти со своите провокации и  при основањето на бугарските културни клубови во Битола, Охрид и во други места, а подоцна и со кампањата за бугаризирање на Македонците од Пустец во Албанија, како и со изјавите дека промената на Уставот не е нивното последно барање, само го засилија гневот на населението кон бугарските барања и посееја дополнителен сомнеж. Слоганот на Мицкоски „Не за бугарскиот диктат“ стана борбен слоган и потсетуваше на моменти на антифишистичката војна против Бугарите од времето на Втората светска војна.

Националистички портали и активисти ја издигнаа опасноста од внесувањето на Бугарите во Уставот на ниво на бугарска агресија кон Македонија.  Пропагандата на Мицкоски објаснуваше дека тоа ќе биде почеток на „бугаризација“ на Македонците. Се пишуваше дека ако Бугарите станат државотворен народ во Македонија, тогаш над 100 лјади Македонци со бугарски пасош, кои се изјасниле како Бугари ќе побараат еднаква застапеност во државните институции, бугарскиот јазик ќе стане службен, ќе подигнат споменици на бугарските херои и фашисти и ќе се менува историјата според бугарската вистина. Македонските членовиво  Историската комисија беа веќе оцрнувани како национални предавници и поданици на власта.

Со слоганот „Не за бугарскиот диктат“ започна водењето на пропаганда на стравот и со таква националистичка кампања, која беше прикажувана како „одбрамбен национализам“ и патриотизам, па и суверенизам победија на изборите и Гордана Сиљановска и Христијан Мицкоски. Во таква кампања се роди и постигна успех и партијата на Максим Димитриевски која стана дел од новата влада.

Тие реално со својата пропагнада на стравот од Бугарија и од „домашните предавници“ ја создадоа свеста за неприфатливоста на промената на Уставот за потоа да кажат дека „тие само го слушаат гласот на народот“.

Мицкоски и неговата партија на почетокот изјавуваа дека нема да ги подржат уставните измени, затоа што за тоа не биле на  време информирани и консултирани од власта и преговарачите.

Подоцна кампањата против уставните промени се засили со тврдењата дека претходната власт се однесувала сервилно кон Бугарија и кон ЕУ, поданички, без кичма и дека е потребна промена на власта за на Македонија да ѝ се врати достоинството и таа да стане „горда“. „Македонија горда“, која никогаш нема да биде Северна, која нема веќе да менува Устав, да ведне глава и прифаќа какви било уцени.

И на крајот, пред изборите, кога беа прашувани дали имаат идеја како може да се исправи оваа „голема грешка“ на претходната власт, тие соопштија и соопштуваат три нешта.

Прво, за Бугарија да не ни ставала вето во натамошните преговори со ЕУ ќе сме барале од ЕУ ветената промена на Уставот со внесување на Бугарите да се случи по завршувањето на разговорите за членство.

Второ, ако со тоа не се согласи Бугарија, и е неприфатлово за ЕУ, тогаш ЕУ со своја декларација да гарантира дека преговорите за членство на Македонија во ЕУ ќе завршат со членство, а не со некое друго вето.

И трето, ако Бугарија сака да покаже дека ѝ е важна политиката на заштита на човековите и малцински права да спроведе барем една од пресудите на Европскиот суд за човекови права со кои се бара регистрација на здруженијата на Македонците во Бугарија.

Но, ниту едно од овие барања на Мицкоски, кои ги во преговорите со ЕУ ги стави на маса и претходната власт, не  ја оспорува потребата промената на Уставот и внесувањето на Бугарите во него.

Консеквентното „Не, не, не“ против бугарскиот диктат, на Мицкоски, се однесува само на тоа дека е неприфатливо тоа да се случи пред да ги почнеме разговорите за членство во ЕУ, бидејќи постои опасност тоа да не биде последно барање од Бугарија, а со други барања и попуштања може да се загрози македонскиот национален идентитет или заради одбивање на тие барања и уцени од наша страна, никогаш да не станеме членка на ЕУ.

Така Мицкоски го разбрал „крикот“ на македонскиот народ и ЕУ требала да сфати по изборите, колку голема подршка тој има од народот.

Секој што ова го смета за умна политика на непокор, на достоинство,  на одбрана на суверенитетот на идентитетот, не сака или не може да сфати дека Мицкоски ѝ наметнува блокада на Македонија за започнување на разговорите за членство не само од страв дека во натамошниот тек може да бидиме блокирани, но и заради недоверба во македонскиот народ дека може да се одбрани од тоа.

Неговата политика се сведува само на едно. Никогаш нема да се согласам на промена на Уставот и внесување на Бугарите во него сѐ додека не добијам некоја гаранција дека некој, а посебно Бугарија, нема да ни стави ново вето во процесот на натамошното преговарање со ЕУ за членство.

И никој не го прашува: Ако промената на Уставот не е спорна и внесувањето на Бугарите не менува ништо во нашиот внатрешен поредок, зошто не преземе ризик за смена на Уставот и за започнување на преговорите по кластерисамо со една единствена изјава која ќе гласи:

„Македонија го менува Уставот и ги започнува разговорите за членство, со што ѝ дава можност на Бугарија и на сите други членки на ЕУ да докажат дека преговорите ќе имаат предвидлив крај и дека земјата нема да се соочи со нови барања за нови отстапки во односите со соседите, ниту ќе ѝ биде наложено вето на тој пат“.

Македонското собрание донесе декларација дека сѐ до завршувањето на преговарачкиот процес никој нема право да прифати какво било барање заради продолжување на разговорите за членство кое би било надвор од исполнувањето на Копенхашките критериуми.

Овој документ е израз на македонското национално и државно единство во земјата и повик за успешно остварување на стратешките цели и националните интерси на земјата.

Мицкоски не треба да пишува манифест за градење на национално единство. Не треба ниту да го опиваат пофалбите за неговата политичка консеквентност и доследност. Треба сега или во догледен рок да понуди решение кое исто така ќе биде прифатливо за повеќето во јавноста, а и опозицијата да даде поддршка, бидејќи тој вели дека сака да соработува со неа во остварувањето на стратешките цели и националните интереси на земјата.

Оние што го храбрат во изјавите дека сега од нас ништо веќе не зависи и дека, дека ако  ЕУ нѐ сака за членка ќе нашла начин да нѐ прими, или дека клучот и планот останувале најмногу во рацете на ЕУ, само го охрабруваат во неговите систематски намери да бара изговори наместо да дава одговори и да бара виновници со кои ќе ја оправда сопствената немоќ.

Кога некој ќе почне да говори дека веќе ништо не зависи од нас или од него во некој процес, тој самиот се деградира. А кога се соменваш дека и по внесувањето на Бугарите во уставот некој може да те уценува или блокира, а ти во тој случај ќе мораш пак да попушташ, тогаш или немаш доволна самодоверба во себе, или лошо ја проценуваш силата и самодовербата на својот народ.

Ако Мицкоски вистина размислува и бара решение за почеток на  разговорите со ЕУ, Македонија ќе му даде простор и време да ја направи достоинствена и горда. Ама ако по интензирањето на соработката со Србија, Унгарија и Кина му се мотаат други идеи во главата, тогаш ќе стане јасно дека  зад слоганот „Не за диктатот на Бугарија“ се крие  „Не за членство во ЕУ“, или како што беше слоганот на една сатирична емисија од времето на Груевски, „Не у ЕУ“.

(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор)