Историчарите се здружија за да го извлечат минатото на Украина од сенката на Русија
Почетокот на целосната инвазија на Русија на Украина во февруари минатата година не беше со ракета или проектил. Напротив, беше со есеј.
„Историското единство на Русите и Украинците“ на Владимир Путин, објавено летото 2021 година, опфати повеќе од 1.000 години историја тврдејќи дека двете земји се „еден народ“. Сега, 90 меѓународни и украински историчари се здружија околу новата глобална иницијатива за украинската историја со седиште во Лондон за да го извлечат минатото на Украина од сенката на руските и советските наративи.
Историчарите сакаат историјата на Украина да го заземе своето место меѓу мноштвото глобални приказни – од улогата што ја одиграла во историјата на античките Грци кои основале трговска империја на Црното Море, до нејзините врски со Византија и со Викинзите кои владееле со средновековната политика на Киевска Русија.
Ставањето на Украина во историската рамка ќе го промени разбирањето за главните светски настани, рече Тимоти Снајдер, професор по историја на Јеил, на промоцијата за иницијативата во Британскиот музеј во Лондон.
„Целата историја на Втората светска војна изгледа поинаку ако разберете дека главната воена цел на Германија беше освојувањето на Украина. И би се осмелил да кажам дека историјата на 21 век изгледа поинаку ако ги разберете причините зошто Украина се спротивстави на руската инвазија“.
Со задачите наведени во манифестот на Снајдер тригодишниот проект финансиран од украинскиот олигарх Виктор Пинчук треба да биде огромен потфат. Покрај поддршката на 90-те научници поканети од Снајдер и академскиот одбор, Пинчук ќе финансира три големи академски конференции, мноштво публикации и археолошки ископувања. Иницијативата се планираше три години – многу пред целосната инвазија на Украина.
Снајдер и Пинчук одбија да коментираат за финансирањето, но Снајдер рече: „ Ако направите математика за ангажирањето на нешто помалку од 100 научници околу три години, тоа е фер сума на пари“.
Пинчук, кој се школувал како инженер, го стекнал своето богатство во турбулентните 1990-ти и раните 2000-ти во Украина. Понекогаш контроверзна личност, тој е зет на вториот претседател на Украина, Леонид Кучма, кој беше обвинет од критичарите за корупција, авторитаризам и помагање на подемот на олигархијата во Украина.
Пинчук инсистира дека Украинската глобална иницијатива за историја ќе биде „апсолутно независна“ и дека тој има „нула влијание“ врз академиците. Тој е еден од поверениците на иницијативата, чиј претседател е Карл Билт, поранешниот премиер на Шведска. Други повереници се историчарката Ен Еплбаум, адвокатот Филип Сендс и најпознатиот поет во Украина, Серхи Жадан.
Прашањата за климата, географијата и животната средина ќе бидат дел од фокусот на проектот, почнувајќи од праисторијата на Украина. Втората светска војна неизбежно ќе игра голема улога.
„Едно од најразделувачките прашања во украинската историска меморија е деколонизацијата – до кој степен Украина беше колонија на Русија или не беше? Нема консензус“, рече Јарослав Хрицак, професор по историја на Украинскиот католички универзитет во Лавов. „Едвај има тема во украинската историја за која би можеле да најдете консензус – и тоа е добро“.
Важноста на историјата во градењето на државата и идентитетот на нацијата е соодветно демонстрирана со фактот што таткото на украинската историографија, Михаило Хрушевски, беше и првиот шеф на државата во 1917-1918 година, помеѓу распадот на руската империја и накратко падот на независна Украина под болшевиците. Но, рече Серхи Плоки, професор по украинска историја на Харвард, украинската историографија попушти откако многу нејзини практичари или емигрираа, беа убиени или беа испратени во гулази под Советите. Новата иницијатива, според него, означува дека дисциплината дополнително се оддалечува од „периферијата, од маргините на советската или руската историографија, кон центарот“.
Јулија Јурченко, виш предавач по политичка економија на Универзитетот во Гринич и еден од академиците вклучени во иницијативата, рече дека како млад истражувач кој работел на постсоветската економија на Украина на британски универзитет пред 20 години забележала дека никој не бил заинтересиран во Украина и никој навистина не можел да ја поучи… „Кога ја проучував Украина, се чувствував дека правам нешто многу безначајно“, рече тој. Сега и е драго што иницијативата започнува „во овој историски, болен, момент во историјата на Украина“.
Таа додаде: „Се тврди дека Украинците го цензурираат политичкиот дискурс, дека ги цензурираат наративите за тоа што е украинската нација и каква треба да биде историјата. И ова е голема шлаканица за тие критичари. Ние сме подготвени да работиме колективно, на меѓународно ниво, заедно, за да учиме од историјата – и да ја завршиме правилно работата“. (Гардијан)