Испораката на ѓуленистите желба на Ердоган, но не и наша обврска


Македонија мора да продолжи да влече паметни потези во сложениот геополитички амбиент, без да избрзува и да ги доведува во прашање своите највисоки цели, велат познавачите во врска со дилемите дали македонската Влада треба да ги задоволи желбите на Турција за санкционирање на архинепријателите на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Во Министерството за правда по барање на Анкара се води постапка за екстрадиција на 15 припадници на организацијата на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен – ФЕТО, која Турција ја смета за терористичка организација.

„По барања на Турција, кои се доставени во 2018 и 2019 година, отворени се 15 предмети за кривично дело од областа на тероризмот. Постапката е во тек“, ни потврдија вчера од Министерството, без да дадат подетални информации околу тоа за каков профил на лица станува збор и кога би можело да се очекува реализација на постапките.

Проблемот што датира уште од времето на претходната влада сè погласно се става во корелација со ратификација на протоколот за нашето членство во НАТО што допрва треба да следува во Турција, откако тој процес помина успешно во 11 од 29. земји членки на Алијансата. Одредена доза страв внесе неодамнешната посета на министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар, кој рече дека структури на организацијата ФЕТО, кои постојат во Северна Македонија, им штетат на односите на двете земји и го саботираат на некој начин пријателството и братските односи што ги имаме.

„Имаме имиња на некои од поглавните од терористичката организација, кои се поделени меѓу институциите на двете земји и длабоко сум уверен дека во наредните денови институциите на Северна Македонија ќе преземат конкретни мерки околу тоа“, порача Акар. Неговата колешка Радмила Шекеринска, пак, е убедена дека проблемот би можел да се одрази на брзината со која Турција ќе пристапи кон ратификацијата, но не и на нејзиниот став кој бил јасно демонстриран со потпишувањето на протоколот во февруари. Таа не ја исклучува можноста во случајов домашната агенда да се врзе со надворешно политичките приоритети.

Премиерот Зоран Заев е првиот официјален претставник од земјава кој го употреби зборот „терористичка“ за организацијата ФЕТО на Фетула Ѓулен. Тоа се случи при ланската посета на Турција кога не сподели детали како Македонија ќе соработува по ова прашање. Познато е дека Турција уште додека премиер беше Никола Груевски бараше затворање на училишта, невладини и други организации во Македонија кои ги смета за блиски до Ѓулен, но тоа не се случи ниту во негово време, иако тој негуваше отворени симпатии кон Ердоган. Турската агенција Анадолија објави и црна листа на фирми во Македонија кои се сметаат за блиски до Ѓулен. На оваа листа се најдоа седум училишта, како и фирми за транспорт, трговија, здравство и туризам. Први на листата, според агенцијата, беа основните и средните училишта „Јахја Кемал“ во Скопје, Тетово, Гостивар, Струга и во Струмица.

Засега нема средба на билатерално ниво на која не е покренато ова прашање. Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан, вчера беше во работна посета на Турција и се сретна со министрите за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, за трговија Рухсар Пехџан и со министерот за индустрија и технологија, Мустафа Варанк. Како што соопштија од неговиот кабинет, на средбите се разговарало за актуелните политички и општествени случувања во двете земји, а најмногу внимание било посветено на ратификувањето на протоколот за пристапување на нашата држава во НАТО.

Турските партии во земјава, без оглед дали се во опозиција или партиципираат во владина коалиција, отворено застануваат зад политиките на официјална Анкара. Енис Ибрахим, лидерот на партијата Движење на Турците, која е коалициски партнер во владата и чиј член е и министерот Хасан, смета дека во однос на барањата на Турција институциите треба забрзано да реагираат и да си ја завршат својата работа.

„Сведоци сме на институционална инертност и две години по промената на власта. Случајот треба да се реши во рамките на законите и меѓународните норми“, ни изјави Ибрахим, кој без оглед на тоа како ќе заврши проблемот околу ФЕТО не верува дека Турција ќе направи проблем при ратификацијата на протоколот за наше членство во НАТО.

Ердоган Сарач од Движење на национално единство на Турците, пак, вели дека има одредени сознанија од, како што вели, стратегиски тинк-тенк организации дека се врши притисок да се одложи ратификацијата на протоколот за НАТО.

„Турција има ригиден став кон организаторите на пучот во 2016 година, кога загинаа над 250 лица и три илјади беа повредени. Тие ќе се гонат на сите страни од светот. Она што можам да го забележам е дека нашата земја е неискрена кон Турција како стратегиски партнер, чија безрезервна поддршка никогаш не била доведена во прашање. Постојано се ветува дека ќе има разрешница за барањата од Турција поврзани со приврзаниците на Ѓулен во Македонија, но засега не гледаме ништо од тоа“, вели Сарач.

Моќта на Ердоган полека се рони. Поразот на локалните избори во најголемите турски градови го срушија митот за неговата непобедливост. Тој мораше да се соочи со новиот „момент на вистината“, откако илјадници луѓе завршија зад решетки и останаа без своите работни места, вклучувајќи го и братот на Ѓулен, кој беше осуден на десет години затвор. Иако уште од 2014 година тој инсистира на апсење на некогашниот свој сојузник Ѓулен, кој од 1999 година живее во самонаметнат егзил во САД, сепак, Вашингтон сè уште смета дека Анкара не понудила доволно докази за своите ставови. Европската Унија, пак, остро реагираше при ланското апсење и депортација на шест турски државјани на Косово оценувајќи го тоа како „арбитрарно и против човековите права“.

„Иако ја разбираме потребата на Турција да се приведат лицата одговорни за обидот за државен удар, сите обвинувања мора да бидат предмет на редовни процедури и познати меѓународни норми кога се бара екстрадиција“, изјави тогаш портпаролката Маја Коцијанчич.

„Проблемот не е едноставен. Тој е многу подлабок“, вели ексамбасадорот во НАТО, Нано Ружин. Односите меѓу Вашингтон и Анкара, вели тој, се затегнати. САД неодамна ја стопираа продажбата на борбените авиони Ф-35 на Турција, откако Анкара го реализираше планот за купување на рускиот против ракетен систем С- 400.

„Во една таква ситуација ние како мала земја треба тактички да ги влечеме нашите потези. Доколку се драматизира целиот проблем, може да се доведат во прашање други влогови. Не верувам дека во земјава постои таква терористичка организирана структура на каква упатува официјална Анкара. Како држава, треба едноставно да останеме на ставот дека немаме сознанија дека такви личности работат во земјава“, вели Ружин.

Темата е исклучително сензитивна. Во тоа се уверивме и пред два и пол месеци кога министерот без ресор во Владата, Роберт Поповски, соопшти дека е обезбедена поддршка за весникот „Заман Македонија“, во рамките на Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2018 година. Следуваше брза писмена реакција на Амбасадата на Турција со осуда што весникот добил материјална поддршка. Се организираа и протести по што весникот излезе со соопштение дека се откажува од владината поддршка.

„Целосно лудило се обидите да се нанесе штета врз ‘Заман Македонија’ поради обидот за воен удар во 2016 година. Тврдењата на турската влада во врска со споменатиот воен удар не се прифатени од ниту еден меѓународен и независен суд, а турската влада цело време го одбива предлогот за меѓународна истрага во врска со воениот удар. Обидот да се поврзе ‘Заман Македонија’ со обидот за воен удар е целосен доказ дека се невини илјадниците турски граѓани чии животи се уништени поради неосновани обвиненија“, рекоа од „Заман Македонија“.

Наум Котевски