Иран најави одмазда низ целиот регион: Ќе ја таргетираме цивилната инфраструктура ако Американците ги нападнат нашите мостови
Иран издаде остро предупредување дека ќе возврати со напади врз цивилната инфраструктура низ Блискиот Исток, вклучувајќи ги мостовите и енергетските објекти, ако Соединетите Американски Држави (САД) извршат напади врз иранските објекти.
Предупредувањето доаѓа како директен одговор на претходната изјава на американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека САД ќе ги таргетираат иранските мостови и електрани секој пат кога припадници на Револуционерната гарда ќе отворат оган врз бродови во стратешки важниот Ормутски теснец.
Полуофицијалната иранска новинска агенција Тасним, повикувајќи се на неименуван висок воен извор, објави јасна порака од военото раководство во Техеран.
„Иран има челична волја да го оствари својот суверенитет над Ормутскиот теснец и никогаш повеќе нема да дозволи овој премин да стане закана за безбедноста на земјата“, рече воен извор.
Заканите од двете страни за таргетирање на цивилната и енергетската инфраструктура предизвикаа голема загриженост на глобалните пазари.
Ормутскиот теснец претставува една од најважните поморски точки во светот за транспорт на нафта, а секој директен вооружен конфликт во оваа област, заедно со уништувањето на мостовите и електраните во регионот, би довел до непредвидени економски и геополитички последици.