Индискиот премиер Моди ќе ги посети Велика Британија и Малдивите идната недела

Индискиот премиер Нарендра Моди ќе ги посети Велика Британија и Малдивите идната недела, објави индиска новинска агенција, повикувајќи се на соопштение на индиското Министерство за надворешни работи.
Моди во среда ќе пристигне во дводневна посета на Лондон, каде што ќе разговара со својот британски колега Кир Стармер. Се очекува индискиот премиер да се сретне со британскиот крал Чарлс Трети.
Моди и Стармер „ќе го разгледаат напредокот на сеопфатното стратешко партнерство со посебен акцент на трговијата и економијата, технологијата и иновациите, одбраната и безбедноста, климата, здравството, образованието и односите меѓу луѓето“, се вели во соопштението на индиското министерство.
Ова ќе биде четврта посета на Моди на Обединетото Кралство. Во петок, индискиот премиер ќе замине за Малдивите на покана на претседателот Мохамед Муиза.
Моди ќе присуствува на церемонијата по повод 60-годишнината од прогласувањето на независноста на островската држава на 26 јули.
Покрај тоа, индискиот премиер и претседателот на Малдивите ќе разговараат за прашања од заеднички интерес и ќе го разгледаат напредокот кон исполнување на заедничката визија на Индија и Малдивите за „сеопфатно партнерство во областа на економијата и поморската безбедност“, се наведува во соопштението.